недела , 24 септември 2017
алил слика

Алил Џафероски: Зоран Заев е Мустафа Кемал Ататурк на модерното време

Интервју со Алил Џафероски, претседател на Здружението на пратениците и министрите од првиот повеќепартиски собраниски и владин состав.

Разговараше: Виктор Азманоски

На 100 годишнината од раѓањето на првиот Претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, разговаравме со Алил Џафероски, Претседател на Здружението на пратениците и министрите од првиот повеќепартиски собраниски и владин состав. Го запрашавме што се случуваше во периодот при изгласувањето на самојстојноста на Македонија и донесувањето на Уставот и направивме кратка паралела на тогашните случувања и немилите настани од 27 минатиот месец.

РеволуционерМк: Господине Џафероски пто практично баравте вие во 1991 година, што тогаш се случуваше во Собранието на Република Македонија ?

Џафероски: Во 1991 година сакавме да имаме држава, самостојна држава, бидејќи бевме негирани од сите, поради тоа што со Лисабонската декларација практично нас не избришаа како држава. Тогаш заедно со покојниот Глигоров, кој беше мудар и имаше пријатели во цела меѓународна заедница, сакавме легално тоа да го изведеме да излеземе на референдум кој е за самостојна Македонија со необврзувачката додавка и да се подготви Устав, со тоа што ќе ја натераме меѓународната заедница да види дека оваа земја има територија и народ кој сака своја држава. Истите овие кои што денес бараат некој легализам никогаш од 1991 година не се за легализам освен кога СДСМ е на власт. Бараа декларација да се донесе за самостојност, декларацијата не значи ништо освен израз на политичка волја, тоа не е Устав, нема правно дејство во суштина, но и тоа го прифативме само да не се расправаме. Во тој период ВМРО ДПМНЕ со 38 пратеници беа парламентарно мнозинство, а ние со 28 пратеници бевме опозиција. Тогаш нивни приврзаници по секоја цена сакаа да издејствуваат судир со ЈНА, фрлија молотов коктел во тогашната касарната Маршал Тито, сегашна Илинден, знаејќи ја моќта на ЈНА. Единствено што ние тогаш сакавме да е ја формираме државата, без да падне капка крв, тоа да го направиме со разум бидејќи имавме од кого да учиме, благодариме што на наша страна беше Киро Глигоров кој беше многу паметен и трпелив политичар. Најпрво на уставна комисија 53 дена па потоа на Собрание тоа беше страшно, тие уште тогаш сакаа да кажат дека без крв нема држава, што е неразумно и е јасно дека така никогаш немаше да дојдеме до држава.

РеволуциониерМк: Каде беше “заглавена” дискусијата, зошто толку изгубени денови ?

Џафероски: Се запнаа, односно не заглавија во преамбулата на Уставот да пишува Македонија е  национална држава на македонскиот народ, во услови која имаш мултиетничко општество, таков Устав не поминуваше, тоа значеше провокација за наредниот ден да имаш внатрешна мултиетничка војна. Едноставно кога видоа дека не успеаа да исценираат конфликт со ЈНА, пробаа да исценираат меѓуетнички конфликт, но благодарение на тоа што беа многу разумни тогашните пратеници на ПДП кои даваа забелешки на некои одредби и на преамбулата која беше предложена, меѓутоа некако ние успеавме да ги убедеме дека ова не е Библија или Куран напишано еднаш засекогаш и дека секој пропуст како ќе се развива општеството ќе се менува и уставот во позитивна смисла на уставот, но да не заборавиме дека и Доста Димовска не гласаше за тој устав.

РеволуционерМк: Како успеавте да ставите крај на таа седница, едноставно како се изгласа Уставот и самостојноста на Македонија, што се случи ?

Џафероски: После немилите случувања на 27 април во четвртокот, кога пратениците на СДСМ беа крвнички нападнати во Собранието, сватив дека во ВМРО ДПМНЕ има една структура на луѓе кои што не сакаат Македонија да постои како држава ни тогаш ни па сега.Тоа е врховистичкото крило на ВМРО ДПМНЕ. Вечерта кога го носевме Уставот околу 23 часот тогашниот претседател на Собранието, Стојан Андов даде пауза имавме две опции или ќе се донесе Уставот или нема да имаме држава. На таа пауза, јас, Благој Ханџиски, Бранко Црвенковски и Тито Петковски влеговме во неговата канцеларија. Киро ја стави раката кај мене на рамо и ми вика “Алил бе те гледам се бориш како лав, ама јас прв пат во мојот живот сум разочаран”. Го прашав, зошто претседателе за што да се плашите ? Киро со смирен глас ми рече “Изгледа не не бидува нас за држава, изгледа не можеме да сватиме што значи суштината и можноста, прв пат во животот да создадеме држава без да падне крв”, на тоа му одговорив и некако бев сигурен дека ќе се надминат пречките и ќе се донесе Уставот на Република Македонија. Заврши паузата, тргнавме во салата и по пат на младиот но остроумен Бранко му реков, “Бранко јас ќе правам нешто, да видам дали ќе помине, ќе пробам да разговарам со колегите од ВМРО ДПМНЕ”, на што Бранко ми рече “Алил слободно што мислиш дека треба да правиш, прави, да не ја испуштиме шансата да направиме држава”. Штом влеговме во салата долу станав и првично ги повлеков амандманите кои што беа поднесени од нас како пратеничка група кои што искрено формално беа поднесени и ги повикав и останатите колеги пратеници на историската одговорност и тие да го следат мојот пример да ги повлечат и тие своите амандмани, посочив дека Уставот ќе се дополни повторно ако има потреба. После мене стана Томе Стојановски, пратеник на ВМРО ДПМНЕ и ги повлече своите амандмани, останаа уште амандманите на Тодор Петров кој имаше поднесено 100 амадмани, на кој му реков дека се го разбирам и го замолив да ги повлече неговите амандмани и дека во мирна атмосфера дека ќе се испеглаат законите. Во точно 10 минути до 12 часот Стојан Андов праша дали има уште некој да се јави на збор, немаше повеќе дискутанти и на тој начин се донесе Уставот. После тоа веќе почнаа дијалогот и со меѓународната заедница и почнаа земјите да не признаваат.

РеволуционерМк: Можете ли да направите некоја паралела на тогашните случувања во Собранието и случувањата од 27 април ?

Џафероски: Па во суштина и на 27 април Социјалдемократскиот сојуз на Македонија уште еднаш покажа и докажа дека е државотворна партија. ВМРО ДПМНЕ свесно манипулира со македонскиот народ по однос на унитарноста на државата која што е забетонирана, тоа прашање и не зависи од било чија желба, треба да знаат дека за менување на било што потребни се 80 пратеници, без консензус, без референдум ништо не може да се реши што е од суштинско значење на државата. Околу употребата на јазиците, па за која употреба правиме муабет, тоа Никола Груевски го реши, го слушнавме тоа уште во таканаречените “Бомби” на опозицијата. Како имаме двојазични патокази, имаме двојазични табли на институции на кого тоа му смета тоа, освен на оние кои што зад овие сценарија сакаат да го покријат сопствениот криминал ?

РеволуционерМк: Како го гледате Зоран Заев како политичар и како човек кој што на свој грб ја понесе одговорноста на случувањата во изминатиот период заедно се разбира со тимот кој што стои зад него ?

Џафероски: Зоран Заев покажа дека е сериозен и зрел политичар, свесно и одлучно тргна кон расчистување на криминалите во Македонија и создавање на едно нормално општесетво и во обврските и во правата. Да се свртиме кон економско јакнење на Македонија, тоа што треба да се направи тоа што го тишти народот. Комотно Зоран Заев можам да го наречам модерниот Мустафа Кемал Ататурк кој да не заборавиме е роден на овие простори. Па ако Мустафа Кемал Ататурк успеа да ја спаси Турција од распад, Зоран Заев со застанувањето на кормилото на СДСМ и со неговите потези ја спаси Македонија од распад, треба да знаеме сите дека не е лесен патот во борбата со криминалот, но тој со својата трпеливост која наликува на онаа трпеливост која ја имаше Глигоров успеа да направи се што вети до сега, НА ЗАЕВ МОЖЕ ДА МУ СЕ ВЕРУВА !

Слични написи

Горан Сугарески

Сугарески: Власта може да го искористи Уставниот суд за укинување на Специјалното обвинителство

Интервју со Горан Сугарески, координатор на пратеничката група на СДСМ Разговараше: Зоран Милошески РеволуционерМк: Политичката …