недела , 22 октомври 2017
Бродот вмро

АНАЛИЗА: ТЕКТОНСКИ ПОРЕМЕТУВАЊА КАЈ ПРИЛЕПСКИТЕ ВМРОВЦИ

Бродот вмро
Пишува: Зоран Милошески

Нема дилема дека претстојните предвремени парламентарни избори кои ќе бидат клучни за иднината на државата, ќе донесат сериозни придвижувања во програмските и кадровските политики на главните „играчи“ на домашната политичка сцена.

Исходот од преговорите на работните групи на најголемите партии од македонскиот политички блок може, но и не мора да ја исцрта рамката на (не)очекуваниот исход од изборите закажани за април 2016 година. Иако комплетното внимание на јавноста е насочено кон изборот на специјалниот јавен обвинител и дилемата дали е тоа клучниот фактор кој ќе ги реши изборите, сепак, барем според моето лично убедување, општинските партиски раководства се тие околу кои ќе се врти главната игра.

Искуството вели дека, по правило, изборниот резултат постигнат во Општина Прилеп ја дава генералната слика на изборите на централно ниво. Оттаму, кратката анализа на состојбите во локалните комитети и организации на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Прилеп, е релевантен податок кој може да послужи како добра основа за скенирање на состојбите во двата политички субјекта на нецели 9 месеци пред закажаните избори.

Лебедовата песна на Марјан Ристески

После трите последователни победи на локалните избори, актуелниот прилепски градоначалник Марјан Ристески ги одработува последните две години од третиот и, дефинитивно, последниот мандат. Некогаш моќниот и речиси недопирлив партиски функционер кој покрај градоначалничката функција беше и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет (ИК) на партијата, а ја имаше и безрезервната поддршка на Груевски и неговите соработници, денес ја пее својата лебедова песна.

Неговото развластување, всушност, започна пред 3-4 години, поточно во моментот кога не ја доби поддршката за нов мандат во ИК на ВМРО-ДПМНЕ, по што прв пат во постоењето на партијата, Прилеп остана без свој претставник во највисокото раководство на партијата. Тоа што пред две години доби шанса да се бори и да се избори за третиот градоначалнички мандат, познавачите на внатрепартиските прилики велат дека се случило без негова желба. Токму од тие причини, последните 4 години поминати во градоначалничката фотелја повеќемина ги сметаат за негова казна наместо награда.

Она на што и неговите сопартијци, но и граѓаните на Општина Прилеп најмногу му замеруваат, е економското фијаско кое му се случува на прилепското стопанство. Празни економски зони, ниту една странска инвестиција, драстично осиромашување на граѓаните, масовно иселување на младите од градот. Ако на тоа се додадат потрошените повеќе од 150 милиони евра народни пари, нереализираните ветувања од капитален карактер (Изградба на затворен Олимписки базен, основно училиште, населба „Градина“, фабрика за производство на електрична енергија и био-гас, „3 Д“ кино…), неговите чести и неразјаснети полуинкогнити патувања во Австралија, последната кривична пријава поднесена против него од страна на адвокатот Жарко Стеваноски како и најавите за уште неколку други кои допрва треба да следуваат, сосема доволно кажуваат зошто за две години ќе дојде дефинитивниот крај на политичката кариера на Марјан Ристески.

Иако не би ме изненадило доколку тоа се случи и малку порано од планираното…

И прилепските пратеници по стапките на градоначалникот

Повеќе од извесно е дека април 2016 година ќе значи крај на политичките кариери на уште двајца прилепски функционери на ВМРО-ДПМНЕ – актуелните пратеници Димитар Стевананџија и Ане Лашкоска.

Нивната кариера е нераскинливо поврзана со кариерата на градоначалникот Ристески. Како неавтентични вмровци, и двајцата запливаа во политичките води после преземањето на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп. Во собраниските клупи Лашкоска „слета“ од кабинетот на Марјан Ристески, додека пак Стевананџија тоа го направи од претседателското столче во Советот на Општина Прилеп.

Освен на директорските функции за нејзините мајка и брат во ООУ „Добре Јованоски“ односно во прилепскиот „Тутунски Комбинат“, тешко дека може да се најде нешто заради што на Лашкоска посебно би можело да ѝ се замери.

Без ниту еден впечатлив настап во македонското Собрание, исто како и нејзиниот колега Стевананџија, двајцата ќе останат запишани во поновата историја на нашата држава како дел од 62-та пратеника кои ја изгласаа срамната амнестија на таканаречените „Хашки случаи“. Се разбира, пратеничкото досие на Стевананџија ќе биде „побогато“ за видео записот од неговата попладневна дремка за време на одржувањето на една од собраниските комисии.

Она што на сите им е јасно е дека без разлика со колку имиња прилепскиот ОК на ВМРО-ДПМНЕ во април следната година ќе партиципира на кандидатските листи за пратеници, меѓу нив нема да се најде ниту едно од гореспоменатите имиња.

Никола Димески ја презеде диригентската палка

Архивирањето на досегашните кадри и отворањето нова страница во функционирањето на прилепскиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ беше официјализирано со изборот на актуелниот претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Советот на Општина Прилеп Никола Димески за член на партискиот Извршен комитет.

Самиот факт дека кај една личност доаѓа до акумулирање на три исклучително важни функции, доволно кажува кој е кој и кој е што меѓу прилепските вмровци.

Не е никаква тајна дека односите на Димески со Стеванаџија и Лашкоска, а особено со градоначалникот Ристески, се сведени на протоколарно ниво. Не треба да се биде голем аналитичар за да се претпостават причините за тоа. Впрочем, еднодеценискиот стаж на актуелните прилепски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, како и после сѐ побројните (во најмала рака) шпекулации за разни афери или незаконитости во нивното работење, сосема е разбирлива одлуката на Димески да се дистанцира од имиња и личности кои можат да му наштетат во градењето на неговата политичка кариера.

Имајќи го во предвид фактот дека актуелните функционери се наоѓаат на излезната врата, за разлика од него чија кариера е на самиот почеток, на првиот човек на ОК на ВМРО-ДПМНЕ никако не може да му биде неважно со кои и какви имиња ќе влезе во парламентарната трка. Особено ако се има во предвид безмалку историската важност на изборите закажани за 24.04.2016 година. Бидејќи доколку неговата партија ги изгуби изборите, лесно може да се случи тоа да значи и неславен крај на неговата кариера.

Исто, а сепак различно  

Иако од дијаметрално спротивен карактер, состојбите во ОО на СДСМ-Прилеп имаат фрапантна сличност со оние кај нивниот политички противник. Пред сѐ кога станува збор за кадровското преструктуирање на локалната партиска„елита“.

После катастрофалните порази на последните два изборни циклуса, беспредметно е да се поставува прашањето за потребата од промени или радикални „освежувања“ во раководната структура на прилепските социјалдемократи. Посебно ако се знае дека, со незначителни измени, во тимот кој ги доживеа двата класични нокаута се повторуваа едни те исти имиња.

 

Повеќе за тоа во следната АНАЛИЗА на РеволуционерМк!

 

Слични написи

2-ALIMS-13ti-simpozium-2017-1024x986

Бекировски учествуваше на симпозиум во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија

Стручниот тим на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), учествуваше на 13-тиот симпозиум во организација …