недела , 22 октомври 2017
atanasov

Атанасов: Ни треба нов систем на образование, затоа што стариот е колабиран!

Не сакам да зборувам за детаљи, туку ќе зборувам за целината.

Принципите кои ги наведовте и според кои го водевте процесот на изработувањето на овој документ не ви се исполнети. Не е запазена ниту транспарентноста ниту сопственоста ниту партиципативноста. Тоа е прв заклучок од денешниот состанок. Од присутните во салата никој не бил консултиран, вклучен или прашан за било што во процесот на создавањето на овој документ, рече Проф. д-р Петар Атанасов, претседател на Комисијзата за образование на СДСМ, за време на презентацијата на „Сеопфатната стратегија за образование 2016-2020“ од страна на Министерството за образование, во Општина Центар.

Сакам да ги искоментирам накратко трите документи: Стратегијата за сеопфатно образование 2016-2020, Националната концепција за образование 2005-2015 и Стратегијата за интегрирано образование на ОБСЕ. Овие три документи се поврзани и не можеме да ги разгледуваме одвоено.

Прво, честитки за тимот што работел на Сеопфатната стратегија 2016-2020, бидејќи не е лесно да се изработи еден ваков документ. За тоа се потребни големо внимание како и време за негова изработка. Но, овој документ не може да се нарече сеопфатна стратегија. Ова е еден добар работен документ за менаџирање на системот на образование. Како што кажа професорката Виолета Петровска, еден од авторите на стратегијата, документот има контингенција, има можности. Со него може некој процес да се поправи, да се изменат некои работи, да се поправи некој дел од системот. Овој документ не нуди нов систем, а знаеме дека стариот систем е колабиран.

Конкретно за документот насловен како Сеопфатна стратегија 2016-2020. Ми се допаѓа обидот за мерливост. Тоа ни е слаба страна во оваа држава, секогаш сме изработувале документи каде што немало голема мерливост. Имам две конкретни забелешки. Интеретничката интеграција е погрешен концепт, концепт кој се уште го браните. Не знам по кој пат го гледаме ова во некој документ од стратешка важност. Тоа е сосема погрешен концепт. Ке кажам и зошто. Во однос на приоритетите во документот а во корелација со финансиските ресурси, мислам дека се добро поставени. Со една голема разлика, дел од средствата што се алоцирани во средното стручно образование мора да се вратат во основното образование, затоа што главните проблеми на системот на образование во Република Македонија се во основното образование. Толку за документот!

Второ, во однос на Националната концепцијата за образование 2005-2015, таа може да се нарече стратешки документ, затоа што не само што имаше 400 страници, внатре во неа имаше се што треба за да се смени системот. Имаше неверојатни можности, големи можности кои можеа да се поврзат како еден софтвер. Што направи Министерството за образование? Бидејки сте вие претставници на МОН, со вас ке дебатираме и за ова. МОН во текот на целиот 10 годишен период земаше од Националната концепција само делчиња или елементи што ви се допаѓаа. Не тврдам дека не биле во таа стратегија, но биле само делчиња, кои ако не ги поврзете во систем, немате компјутер. Мислам и на 9 годишното образование и на екстерното тестирање. Вие извлековте само тоа што ви се бендисува а го спроведовте лошо! Доказ за ова е што ниту една посериозна образовна целна група не е задоволна од вашите реформи. Ниту комунициравте со студентите ниту со наставниците ниту прашавте некои други организации. Бевте затворена институција, носевте закони преку нок итн. Сето ова ќе остане на ваш грб, се бранеле вие или не. Многу погрешни работи направивте во образованието.

Во однос на Сеопфатната стратегија и она што го работите како целина, особено по реформата и законот за децентрализација, вие требаше да работите на системски промени. За да го поддржите системот. Затоа што системот на образование не ви дава резултати, затоа што вие работевте само на квантитет, не работевте на квалитетот на образованието. Главниот аргумент на вашите владини претставници е дека сте изградиле фискултурни сали, дека сте реконструирале училишта… Полни им се устите на вашите политички претставници со бројки кои веке неколку недели ги слушаме. И тука се служите со лаги! Ама независно од тоа, квалитетот не го постигнавте затоа што системот ви е погрешно поставен.

Сега нудите документ, Сеопфатната стратегија 2016-2020, со кој сакате да го менаџирате системот. Всушност, во текот на промените во образованието Вие ги оставивте на милост и немилост општините! Не е доволно само да им префрлите блок дотации. Не може да им префрлите блок дотации, а потоа училиштата да ги бомбардирате само со наредби! Им испративте илјадници инспекции, не знам што да прават по училиштата! Системот е погрешно поставен! Во овој документ повторно ги има и Бирото за развој на образованието и другите образовни институции. Но тие ви се нефункционални! Отворете го документот од Државниот завод за ревизија и анализата за средното стручно образование. Според овој документ, вас не ви се поврзани образовните институции, поточно тие не комуницираат меѓу себе и не ви се законски усогласени нивните ингеренции. Последната критика на ЕУ за Република Македонија е дека образовниот сектор има ограничен капацитет да спроведува какви било големи реформи во образованието. Тоа ви го пишуваат јасно на страна и половина во делот за образование.

Третиот документ за кој сакам да зборувам е Стратегијата за интегрирано образование на ОБСЕ, усвоена и донесена од Министерството за образование пред неколку години. Овој документ има слични елементи и белези како Сеопфатната стратегија. За разлика од Концепцијата на која работеа стотици луѓе, во овој документ што сега се изработува и на Стратегија за интегрираното образование работеа малку луѓе, интензивно, со нудење на помал по формат документ со што се сака да се смени систем. Вие како Министерство бевте одговорни за спроведување на Стратегијата за интегрирано образование. Но од таа стратегија извлековте само еден елемент и сакавте со сила да го спроведете! Ова не беше прифатено, ви го одбија, системот ви го одби. Вашиот коалиционен партнер ви го одби, затоа што не можете да лечите со аспирин предизвик како интеретничка интеграција или други посериозни проблеми.

Во образованието треба да се смени системот! Потребна е демократија, партипацивност… Потребни се и дополнителни промени! Потребно е намалување на образовните содржини, подршка на наставниците! Потребен е систем кој самиот ќе продуцира реформи! А не промените да ги наметнувате со носење на закони преку нок и со сила! Така тоа не функционира!, констатира Атанасов за крај.

Слични написи

2-ALIMS-13ti-simpozium-2017-1024x986

Бекировски учествуваше на симпозиум во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија

Стручниот тим на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), учествуваше на 13-тиот симпозиум во организација …