четврток , 19 октомври 2017
Finance
Finance

Банките ги зголемија каматите на новоодобрените кредити

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, во јули оствари месечен пораст од 0,2 процентни поени и изнесува 5,4 отсто, соопшти Народната банка. Од друга страна, каматната стапка на новопримените депозити забележа месечно намалување од 0,3 процентни поени и изнесува 1,2 отсто. Во јули годинава, каматните стапки на вкупните кредити и вкупните депозити бележат минимално месечно намалување од 0,1 процентни поени и изнесуваат 5,9 и 1,5 отсто, соодветно.

„Каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор овој месец изнесува 5,4 отсто и во однос на претходен месец е намалена за 0,1 процентни поени. Минималната надолна промена е резултат на падот кај денарските кредити без валутна клаузула (за 0,1 процентни поени.). Споредено со јули претходната година, кај оваа каматна стапка е забележан пад од 0,7 процентни поени“, соопшти НБМ.

Оттаму додаваат дека во текот на јули, новите кредити на корпоративниот сектор се одобрувани по просечна каматна стапка од 5,2 отсто, што претставува месечно зголемување од 0,2 процентни поени.

„Притоа, месечниот пораст е резултат на зголемувањето кај денарските кредити, со и без валутна клаузула во услови на пад на каматните стапки на кредитите во странска валута. На годишна основа, оваа каматна стапка е пониска за 0,7 процентни поени. Споредено на месечна основа, просечната каматна стапка на вкупните примени депозити од корпоративниот сектор, во јули забележа минимално намалување од 0,1 процентни поени и изнесува 1,9 отсто. Притоа, месечниот пад произлегува од намалувањето кај денарските депозити без валутна клаузула и депозитите во странска валута. Наедно, оваа каматна стапка е идентична со стапката регистрирана во јули минатата година“, информира НБМ.

Слични написи

moneti

НБРМ пушти во оптек нови ковани пари за колекционерски цели

Народната банка информира дека се пуштени во оптек кованите пари за колекционерски цели „Година на …