понеделник , 23 октомври 2017
bedzeti

Беџети: Нелогичен буџет за предизборни цели

bedzeti
Нелогично е да се очекува понизок економски раст, а повисок буџет, но имајќи ги предвид претстојните политички активности, тоа е сосема нормално очекувано бидејќи досега беше слично однесувањето на македонската влада, вели академик Абдулменаф Беџети во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Со ребалансот на буџетот се предвидува помал раст на македонската економија, но и прибирање на повеќе средства. Колку таквите очекување се нелогични?

Па да, секако се нелогични. Во услови на опаѓачка тенденција на економијата да предвидувате растечки приходи во фискалниот буџет е малку нетипично, но и нелогични, меѓутоа и образложенијата беа насочени во тој правец дека се покачени реализациите на приходите од директните даноци, т.е. персоналниот и данокот на добивка, а наспроти тоа е значително изразито опаѓање на ДДВ-то, кое беше некаде минус шест отсто реализирано од проекцијата, така што ова уште повеќе ја зголемува дилемата во однос на реалните проекции кои се направени, но во секој случај имајќи го предвид политичкиот циклус и претстојните политички активности со политичката криза, тоа е сосема нормално очекувано бидејќи досега беше слично однесувањето на македонската влада.

Во ребаланост се предвидени и нови задолжувања. Имајќи предвид дека се ближат избори, дали ребаланост на буџетот е за партиско политички цели?

Секако дека може да се забележи таа димензија и тоа што е најлошо е дека дел од задолжувањата кои се предвидени за надворешниот пазар на капитал се префрлаат, односно се конвертираат малку и зголемени и тоа се наменети за, би рекол, домашниот пазар на капитал. Тоа е апсорбирање на слободните средства на деловните банки. Тоа на некој начин индиректно најавува дека ќе бидат намалени или се очекува да бидат намалени парите кај битниот потенцијал за кредитирање на реалниот сектор и економијата, што уште повеќе го зголемува двоумењето во реализација на економските активности.

Дали Македонија е способна да ги сервисира долговите? Може ли евентуално да ни се случи грчко сценарио и нам?

Неколку пати се изјаснуваме за ова предвидување дали е можно грчко сценарио. Секако дека на краток рок и среден рок не може да се очекува такво нешто, но дека се движиме во тој правец апсолутно така е, бидејќи ние во последните 3-4 години имаме тенденција, интензитетот на растот е многу изразен, особено сега се очекува во овој последен политички момент и веројатно тука ќе се прават напори од многу аспекти и политички мотивирани за да се напумпа тој долг за евентуално при промена на власта идната влада да се блокира.

Во меѓувреме продолжува проектот Скопје 2014. Може ли Македонија да си дозволи и понатаму искористување на парите од буџетот за непродуктивни објекти?

Одамна тоа било проблематично, дали можело тоа да продолжи, дури кога почна тој проект, јас лично имам многу цврст став во тој дел дека тоа е преголем луксуз, во дел на тајмингот апсолутно несоодветно, а во ситуација кога ви недостига основна инфраструктура вие се залагате за супер структура, мислам дека тоа наликува подобро во метафората којашто самиот министер за финансии ја изрекол во една прилика кога кажал „дека ние немаме леб да јадеме, а бараме чоколадо“. Што би коментирал друго? Ако ова продолжи понатаму, таа авантура одамна требало да биде прекината.

Велите тој проект е луксуз. Зошто тогаш владата инсистира на луксуз, а не, како што рековте, на инфраструктура или други проекти?

Во такви проекти од супер структура, почнувајќи од културни активности, културни проекти, вие можете најлесно да оправдувате какво било отстапување на тие вредности. Оттука и десеткратно зголемените вредности на таканаречениот проект Скопје 2014, и покрај тоа што не постои како комплетен проект, тоа е само измислица и или повеќе би рекол номинирано такво, но во секој случај во иднина тоа се прави поради тоа што може да се оправдува отстапувањето од првобитните проекти на тие проекти. Вие во култура никогаш не можете да проектирате што ќе ви испадне крајната цена на изведбата на одреден проект, затоа што секој пат ќе го образложувате отстапувањето со елементи коишто се нематеријални, значи нематеријалната компонента во овој проект е изразита уште од првиот ден кога почна проектот.

Слични написи

2-ALIMS-13ti-simpozium-2017-1024x986

Бекировски учествуваше на симпозиум во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија

Стручниот тим на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), учествуваше на 13-тиот симпозиум во организација …