вторник , 24 октомври 2017
bela nik

„Бела ноќ“ во Скопје

Годинешново 13. издание на манифестацијата „Бела ноќ“, што  ќе се одржи утре, ќе има квалитетна програма којашто посетителите ќе може да ја видат на неколку точки во градот. Како и изминатите години, ќе има  изложби, концерти, перформанси,  бесплатен филмски маратон во кино „Милениум“… и музички спектакл.

Во галеријата на Младинскиот културен центар ќе биде поставена изложбата на графики од генијалниот Салвадор Дали, „Помеѓу ѕвездите и басните“.

Оваа колекција е сочинета од дела од опусот „Вечерите на Гала“, „Божествената комедија“ и познатите Далиеви коњи, како и една скулптура во позлата, наречена „Жена жирафа“ или вкупно 29 дела од најголемиот надреалист.

Шпанскиот уметник ги илустрирал познатите басни како „Гавран и лисица“, „Коњи и волк“, „Лавовиот  двор“, „Болниот елен“. Оваа серија бакрорези е создадена во 1974 година и е печатена на 250 графички табли, кои се чуваат во многу галерии низ целиот свет. Изложбата е организирана во соработка со уметничката галерија „Висконти“ од Љубљана и Централноевропскиот културен центар од Нови Сад, а ќе биде поставена  до 7 ноември.

На плоштадот Македонија во 21 часот корејската трупа Tago&АtoBIZ ќе го претстави својот музички спектакл, перформансот „Таго: Корејски тапан 2“,  со кој настапувале низ целиот свет, на сите континенти, на најпрестижните театарски фестивали во Европа и во светот.  Во спектаклот учествуваат околу 30 актери, танцувачи, изведувачи и членови на оваа светска атракција,  коишто присутните ќе ги почестат со свој 70-минутен перформанс носејќи ги во сосема друг свет.
Заборавете на стресот и вратете ја назад вибрантната енергија во вашиот живот. Одличен микс на корејски традиционални инструменти, почнувајќи од огромни тапани, до мали перкусии со доза на древни боречки вештини, чијашто  цел е да го збогатат перформансот со динамични движења.

Ова гостување во рамките на „Бела ноќ“ е во соработка со фестивалот МОТ, т.е. во МОТ+ програмата.

Во горното фоаје на кино „Фросина“, во Младинскиот културен центар ќе биде поставена изложбата „Сексот и револуцијата“. Авторскиот тим Катерина Станковиќ – Бјеговиќ, ликовна уметничка и Јелена Живковиќ, историчарка, ни ги претставуваат љубовните тајни на некои од најголемите имиња на револуциите.

На платото на Младинскиот културен центар ќе настапат:

– Барбарисм– тричлен бенд од Стокхолм, предводен од американскиот композитор Николас Фараоне;
– Канкверинг лајон – даб/реге/кросовер бенд од Тетово, кој своето творештво го започнува во април 2007;
– Нинос ду Бразил – перкусионистичко италијанско дуо, со позадина од бразилската карневалска музика;

Во џебното кино на МКЦ го најавуваме соло-настапот на Алекс Јонсон од Данска, наградуван гитарист, композитор и импровизатор.

И годинава кино „Милениум“ со уште еден бесплатен филмски маратон за „Бела ноќ“, а за љубителите на филмската уметност  го носи новиот филм на режисерката Лабина Митевска.

Организатор на манифестацијата „Бела ноќ“ е Младинскиот културен центар, а Градот Скопје, како покровител, за успешна реализација на оваа специфична ноќ исполнета со уметност и музика, од Буџетот за 2017 година одвои 3 милиони денари.

На денот на одржување на „Бела ноќ“ организирано е бесплатно возењето во градските автобуси на ЈСП кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 19 часот до раните утрински часови.

Слични написи

FB_IMG_1507291686148

60 години ликовно творештво, ЦСЛУ-Прилеп, предизвици и иднина

На ден 06.10.2017 година (петок), со почеток од 17:00 до 19:00 часот во просториите на …