сабота , 21 октомври 2017
33-81--701x502

Блокадата на Собранието ја блокираше и наградата „23 Октомври“

Министерството за култура денеска преку соопштение информира дека годинава нема да се додели државната награда „23 Октомври“ со образложение дека поради блокадата на собраниската Комисија за избори и именувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ навреме не е избран Одборот за доделување на наградата.Од министерството информираат и дека поради тие причини не е распишан и конкурс за оваа награда.

„Наградата ја доделува Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври”, составен од претседател и 12 члена, кој распишува конкурс и донесува одлука за доделување на наградата, според Законот за државните награди. Собранието на Република Македонија донесе одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“ на 16.2.2015 година, со мандат од две (2) години. Мандатот на претходниот одбор заврши на 16 февруари 2017 година“, се наведува во соопштението.

Министерството за култура, се додава во соопштението, како носител на стручните и административните работи навреме покренало иницијатива за благовремено именување на нов состав на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“.

„Со оглед на тоа дека Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието во тој период не беше формирана, Одделението за доделување на државни награди бараше мислење од Министерството за правда и од Антикорупциската комисија за тоа дали тогашниот одбор за државната награда ’23 Октомври’, на кој мандатот им престана на 16 февруари, може да ја продолжи својата работа, сè до именување на нови членови. Од обете институции (Министерството за правда и Антикорупциска комисија) се доби одговор дека не се надлежни во врска со ова прашање“, информираат од Министерството.

Оттаму додаваат и дека поради случувањата околу изборот на нова влада и блокадите на работењето на Собранието се пробиени сите рокови за избор на членови на Одборот за доделување на наградата.

„Поради сите наведени причини, оваа година нема законски можности за доделување на државната наградата ’23 Октомври’”, се вели на крајот од соопштението.

Слични написи

ilija jovanoski glasanje

Јованоски: Повикувам на фер,мирни и демократски избори

Кандидатот за градоначалник Илија Јованоски повика на фер, мирни и демократски избори.