вторник , 26 септември 2017
ekonomija so partiski smek

Буџетски анализи со партиски шмек

ekonomija so partiski smek
Излегувањето на владиниот предлог-буџет за идната година е предмет на еднострани анализи во медиумите, кои ниту сакаат, ниту имаат храброст да ги вкрстат аргументите што не одговараат на политичката опција што се брани.

Пишува: Владимир Петрески

Како што е и вообичаено кога се носи националниот буџет за следната година, владиниот предлог-буџет е предмет на анализи во медиумите. Медиумите излегоа со написи во кои се толкуваа бројките понудени во владиниот буџет, пред сè, потпирајќи се врз изјавите на министерот за финансии, Зоран Ставрески, и на неговите објаснувања, но и нудејќи свои гледишта.

Некои од тие гледишта се проблематични, има и такви кои се неточни, но она што најмногу боде очи, тоа е фактот што голем број од изнесените наводи се плитки, еднострани и недоволно разработени.

Најпрвин да се позанимаваме со широката употреба на префискот „нај-“ и на епитетите кои се градат од него, а според кои, овој буџетот е „најразвоен“ со „историски највисоки инвестиции“, со „најмал дефицит досега“, „историски најголем буџет за министерството за здравство“ и слично.

Она што веднаш паѓа в очи, тоа е фактот дека севкупниот буџет за 2016 година, кој на расходната страна ќе изнесува 3,18 милијарди евра и 2,87 милијарди евра на приходната страна, е најголем досега и е направен врз проекција на економскиот пораст од 4 отсто за идната година. Од ова логично следи дека во него ќе има ставки кои, исто така, ќе бидат „историски највисоки“, каков што е случајот со буџетот во Министерството за здравство, за кој се вели дека бил 10 пати поголем од оној во 2005 година. Малку е неблагодарно да се прават споредби со состојби толку далеку во минатото, особено зашто буџетот на ова министерство бил повеќекратно помал и во 2008 и во 2009 година кога оваа гарнитура беше на власт. А, пак, самата оваа споредба за десеткратно зголемување на буџетот на ова министерство во период од 11 години особено паѓа во вода ако се знае дека и покрај порастот на средствата предвидени за оваа намена, лани здравствените установи во земјава должеа значителни 64,7 милиони евра, при што овој долг е резултат на пораст од 40 отсто во период од само три години.

КАПИТАЛНИ ИНВЕСТИЦИИ

Она со што особено се гордее власта е порастот на износот предвиден за капитални инвестиции за идната година кој би требало да изнесува 408 милиони евра, што навистина претставува висока сума. Но, треба да се има предвид дека станува збор за проекција направена според предвиден пораст на економијата од 4 отсто, во ситуација кога економските проекции на власта редовно се повисоки од она што навистина се остварува. Таков е случајот во сите изминати пет години. За годинава, на пример, проекцијата за пораст врз која е правен годинешниот буџет изнесува 3,5 отсто, но порастот во првата половина од годинава изнесуваше само 2,9 отсто. Со оглед на фактот што никогаш проекциите на власта не се остваруваат, а последично на тоа и неопходните средства не се собираат, капиталните инвестиции се секогаш онаа ставка на која се трошат помалку средства и во која редовно се појавува кусок.

Покрај ова, пак, пишувањата за „најмал буџетски дефицит“ или „историски најнизок буџетски дефицит“ се едноставно неточни. Буџетските дефицити беа или далеку помали или воопшто ги немаше, или, пак, имаше и буџетски суфицит во периодот од 2002 до 2006 година. Со доаѓањето на оваа власт, дефицитите почнаа да се зголемуваат и тие во изминативе три години никогаш не се помалку од 3 отсто како што покажува овој графикон:

Графикон: СПФМ
Графикон: СПФМ

ЈАВНИОТ ДОЛГ

Во овие анализи нашироко се цитира изјавата на Ставрески во која тој вели:

„Повисокиот пораст на приходите во однос на планираниот пораст на расходите ќе резултира со намалување на буџетскиот дефицит, што претставува чекор во насока на реализација на фискалната стратегија со која се предвидува од 2017 година тој да се сведе на ниво под три проценти, што ќе овозможи целосно стабилизирање на нивото на долгот и негово одржување на умерено ниво, како што е и сега.“

Станува збор за крајно проблематична изјава, која изнудува критичка анализа. Сведувањето на буџетскиот дефицит на нивото под 3 отсто годишно не овозможува „целосно стабилизирање на нивото на долгот и негово одржување на умерено ниво“, како што вели министерот. Ние гледаме дека со буџетски дефицит од околу или под 3 отсто долгот порасна од 23 отсто во 2008 година на 43,7 отсто годинава на крајот од второто тромесечје. Ова покажува дека нивото на јавниот долг бележи значителен пораст од дури 90 отсто за 7,5 години и ова е ниво на пораст на јавниот долг кое ретко се забележува на европскиот континент во овој период. Исто така, не смее да се заборави дека само до пред три години бевме земја со ниска задолженост, а не со умерена како сега.

Ваквиот пораст на јавниот долг, како што и самата власт признава, бара продолжување на рочноста на новите задолжувања, што значи сè поголеми и подолготрајни плаќања на каматите, но и директно задолжување на идните генерации, што веќе и се случува со издавањето државни хартии од вредност со рок на доспевање од 15 години.

За потребата од зауздување на буџетската потрошувачка говори и самиот Ставрески во интервјуто за bne.eu, каде што неговите ставови се разликуваат од она што вообичаено го кажува во Собранието и во изјавите за македонските медиуми:

„Ставрески го брани нивото на вработување во државната администрација, но јасно кажува дека на буџетот не смее да му се дозволи да излезе од контрола – со забелешка дека неконтролираната фискална политика ќе ја загрози валутната стабилност на Македонија и со тоа се ризикува да се доведе во опасност целата економија. Македонија одржува врзан курс, при што денарот е врзан за еврото. „Долгот се држи на ниво кое не е особено ризично за неговата одржливост“, вели тој. За земја како Македонија, мала држава со ограничени девизни резерви и фиксен крус, буџетскиот дефицит треба да се држи под контрола или ќе извршите притисок врз девизниот курс, а ние не сакаме да се доведеме во таква ситуација.“

ПОРАСТОТ НА ПЕНЗИИТЕ

Следен момент кој се анализира, тоа е планот на Владата за кој средства се обезбедени и во буџетот за идната година, а кој се однесува на ново зголемување на пензиите од 5 отсто од 1 октомври 2016 година, кое треба да чини по 650 денари по пензионер. Ова на прв поглед личи како одлична вест, но не е јасно зошто повторно се оди на зголемување на пензиите и тоа од 5 отсто кога Владата предвидува инфлација од 2 отсто идната година. Она што треба да се знае е дека во земјава, каде што просечната пензија изнесува 202 евра, веќе имаме значително повисоки просечни пензии отколку во Србија (192,6 евра) и Бугарија (176,3 евра), како наши најблиски соседи со слично ниво на економска развиеност. Со идното зголемување од 5 отсто, пензиите ќе достигнат износ поголем од 212 евра, односно 10,1 отсто повеќе отколку во Србија и 20,2 отсто повеќе отколку во Бугарија. Ова се значајни разлики и тоа особено во ситуација кога македонскиот пензиски систем бележи недостиг од 370 милиони евра, кои мора да бидат покриени од буџетот.

12011169_10206529973442427_8621503086270550901_n
Графикон: Finance Think

Во буџетска анализа која навистина сака да биде релевантна, ова се прашања кои бараат одговор или кои барем би требало да бидат поставени.

„СТАНДАРД И ПУРС“

Како краен аргумент во ваквите анализи се користи и потврдувањето на рејтингот со оценка ББ- со „стабилен изглед“ од страна на „Стандард и Пурс“, што се случи деновиве, при што ваквата постапка се користи да се истакне „стабилноста на економијата“ и што „претставува исклучително добар сигнал за странските инвеститори.“ Но, во овие анализи никаде не се објаснува дека зборовите „стабилен изгед“ значат само дека „Стандард и Пурс“ нема намера да го менува кредитниот рејтниг во следните 12-24 месеци и ништо повеќе, како и дека оценката ББ- е исклучително ниска, означува т.н. „ѓубреџиски“ (junk) кредитен рејтинг, а тој е дури три степени од најнискиот инвестициски рејтинг БББ- и два степени под оценката ББ+, која земјава ја имаше до пред 4 години.

Анализите за буџетот се, во суштина, прилично комплексни со оглед на комплексноста на самиот документ. На пример, многу е важно да се проанализира од каде точно доаѓа економскиот пораст за кој говори власта. Дали, можеби, значителен дел од него не доаѓа од градежните проекти на Владата, кои не можат да траат до недоглед во ситуација кога имаме буџетски дефицит што надминува 3 отсто, кој мораме да го намалиме, а со тоа да се намалат и државните инвестиции во градежништвото. Потоа, исто така, би требало да се проанализира и влијанието на странските инвестиции врз буџетот, односно каков е соодносот на државната помош за странските инвеститори и даночните приходи од нив во буџетот.

Она што, исто така, може да се забележи, тоа е едностраноста и повторувањето на изворите. Забележливо е силно потпирање врз владините извори и нивно репетитивно цитирање, без да се најдат алтернативни и независни извори. Во овие написи, исто така, се сретнуваме со целосно игнорирање на другата страна како резултат на политичката поделба во новинарството и засилено, како и репетитвно истакнување на ставовите само на онаа страна која политички се поддржува. Ова во никој случај не доведува ни до објективна информација, а камоли до објективна анализа.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слични написи

dragan tevdovski

Македонија ќе добие Стратегија за управување со јавни финансии 2018-2021

Македонија до крајот на годината ќе ја добие првата Стратегија за управување со јавните финансии …