вторник , 24 октомври 2017
davitkov

Давитков: Да го вратиме националниот тим таму каде што припаѓа

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Јорданчо Давитков на денешната прес-конференција во спортскиот центар „Борис Трајковски“ ги искажа своите очекувања за претстојниот подготвителниот период.

– По десет години повторно сум дел од македонската кошарка. Состојбата во репрезентацијата е деликатна и сите заедно ќе треба да работиме за да го вратиме националниот тим онаму каде што припаѓа. И кога првпат бев селектор, пред речиси 10 години и тогаш ситуацијата беше многу тешка кога моравме од Б дивизија да се вратиме во дивизија А, сега исто така состојбата е далеку од идеална. Ако некој каже дека пред нас се Естонија и Косово и дека ќе имаме лесна задача, ќе се лаже. Се уверивме и лани, се велеше дека Велика Британија и Унгарија се лесни противници, видовме дека не е така. Во Европа, кошарката е на едно многу повисоко ниво од порано и веќе нема слаби репрезентации, свесни сме за тоа и ќе сториме се за да стигнеме до пласман во квалификациите за СП, што значи и автоматски пласман во квалификациите за наредното Европско првенство, изјави Давитков.

Тој информира дека тешко му одело составувањето на националниот тим.

– Кај нас има еден јаз, еден вакуум на квалитетни играчи кој е поголем од пет години и мораме да го пополниме. Во репрезентацијата до 20 години има одлични кошаркари кои се надевам за неколку години ќе бидат предводници во сениорскиот состав. Како што го гледате списокот, кој го објавив вчера, неговото склопување воопшто не беше лесно. Имаме тројца кошаркари од репрезентацијата до 20 години кои ќе ни се приклучат подоцна (Маслинко, Митев, и Димитријевиќ), а има и седум помлади кошаркари. На списокот ги ставив и искусните Чековски, Антиќ и Мекејлеб кои рекоа дека ќе се обидат да помогнат колку што можат, но повеќе детали ќе имаме по прозивката вечер. Имаме и двајца натурализирани играчи, Мекејлеб и Теодор. Процедурата за добивање пасош на Џордан Теодор е во тек и очекувам тој да се појави на подготовките со мало задоцнување. Мекејлеб е резервна варијанта доколку нешто се комплицира, рече Давитков.

На крајот, македонскиот селектор изрази уверување дека со напорна работа состојбата во репрезентацијата може драстично да се подобри.

– Се надевам дека во овие 40 дена ќе ја подобриме атмосферата и ќе го оствариме резултатот што се очекува од нас. Мораме крајно сериозно да ја сфатиме состојбата, напорно да работиме и да ја вратиме кошарката каде што припаѓа, истакна Давитков.

Претседателот на МКФ, Петар Наумоски им посака успешни подготовки и успешни пријателски натпревари на кошаркарите и на стручниот штаб.

– Ситуацијата е таква каква што е, не бегаме од одговорност, нормално е во услови во какви што сме да се бараат издржливи луѓе за да може да се надополни тој јаз од според мене десетина години во кои никој не обрнувал внимание на младинските категории. За мене, Давитков не е непозната личност, ние бевме соиграчи во најдобрата сезона на Работнички, а и цимери. Верувам во него и оптимист сум дека ќе успееме да ги оствариме зацртаните цели, нагласи Наумоски.

Слични написи

iniesta

Иниеста потпиша доживотен договор со Барселона

Андрес Иниеста потпиша уникатен договор со Барселона, кој има доживотна важност. Ова е посебен начин …