понеделник , 23 октомври 2017
zname-francija-sonce-540x320

Француската десница на предизбори, се одлучува меѓу тројца кандидати

Дилемата кој ќе биде кандидат на француската десница на претседателските избори следната 2017 година ќе почне да се разрешува во недела кога се одржува првиот круг од предизборите на коишто има тројца фаворити: поранешниот претседател Николас Сарози и двајцата поранешни премиери Ален Жипе и Франсоа Фијон.

Влогот на партиските предизбори кај конзервативците е многу голем. Имајќи предвид дека левицата, а особено владејачките социјалисти се распаѓаат, кандидатот зад кој ќе застане десницата има големи шанси да победи на претседателските избори коишто ќе се одржат за помалку од шест месеци, бидејќи единствената сериозна ривалка ќе му биде челничката на крајната десница Национален фронт (NF), Марин Лепен, која доби ветер во грбот по победата на контроверзниот Доналд Трамп во САД, кого инаку го поддржуваше во неговите ставови изречени во кампањата, особено во поглед на имиграцијата, односот кон радикалниот ислам и односите со Русија.

По двомесечната кампања на теренот и трите телевизиски дебати кои минаа во атмосфера „во ракавици“,се издвоија тројца до седумте кандидати и, се чини, дека се единствените коишто може да се пробијат во вториот круг на 27-ми ноември. Фаворити во анкетите веќе со месеци се поранешниот премиер Ален Жипе и поранешниот претседател Николас Саркози, а од близина ги следи Франсоа Фијон, исто така, поранешен премиер, што ја прави напната целата ситуација.

„Се најавуваше двобој, но се случува тробој“, вели Жером Жафре, директор на Центарот за испитување на јавното мнение за конзервативниот весник Le Figaro. Весникот забележува дека Фијон ги стасал Жипе и Саркози по објавувањето на книгата со наслов „Победа над исламскиот тоталитаризам“. Долго време во заднина, овој дискретен премиер на Саркози во периодот од1007 до 2012 година за еден месец повеќе од двојно ја зголеми својата поддршка, судејќи според анкетите. Сега повеќе не заостанува зад поранешниот шеф на државата, кој има поддршка од 30 отсто, како и од Жипе, чијашто предност последните седмици малку се истопи.

Попоследната многу конфузна дебата во четвртокот, уште потешко е да се предвиди резултатот и поради тоа што француските конзервативци првпат организираат предизбори, според урнекот на социјалистите и зелените.

Главна непозната е одѕивот, а предвидувањата се движат меѓу два и четири милиони избирачи. Може да учествуваат сите Французи со право на глас коишто ќе уплатат две евра, под услов да потпишат изјава со којашто потврдуваат дека ги споделуваат „републиканските вредности на десницата и центарот“. Меѓутоа, имајќи го предвид влогот кој е во игра, некои симпатизери од левицата и од крајната десница би можеле да се почувствуваат повикани да гласаат за да влијаат врз резултатот, односно да гласаат за кандидатот кој го сметаат за помала опасност за претставникот на нивната опција.

Оттаму, политички коментатори се претпазливи. „Промената на страната на избирачите е полесно во рамките на политичкото семејство: кандидатот може да се промени, а да не се променат своите убедувања“, вели Жафре.

Се чини, сепак, дека повеќе ќе одлучува стилот на кандидатите, отколку нивните понудени програми. Имено, политичките програми на тројцата споменати фаворити кај партијата Републиканци се слични во најважните прашања. Сите се заземаат за јакнење на внатрешната безбедност и надзорот на европските граници, намалување на даноците и јавната управа, како и за драстично ограничување на имиграцијата. Затоа се смета дека на исходот повеќе влијание ќе има индивидуалниот стил на политичарите.

Истакнувајќи ја својата енергичност и цврста рака, искуството на шеф на државата и некои предлози од кои не отстапува, како што е укинување на правото на спојување на семејствата на имигрантите, Ниолас Саркози настојува да го освои тврдото јадро на Републиканците.

Со поумерени ставови желба да ги обедини Французите, Ален Жипе ја собира околу себеси умерената десница и центристите.

Популарен во деловните кругови, Фрасоа Фијон игра на адутот на непопустливост со радикалните економски програми и конзервативните мерки, кога станува збор за општествените прашања.

Но иако нивните телевизиски соочувања минаа во ракавици, приврзаниците на споменатите тројца кандидати често немаат обѕири. Наречен „Али Жипе“, поранешниот премиер е обвинуван дека ги симпатизира муслиманските фундаменталисти, додека Саркози е прогласен за „мини Трамп“.

Се поставува и прашањето дали гласањето ќе биде регуларно, имајќи предвид дека на интерното гласање во 2012 година имаше обвинувања за измами. Поради тоа е забрането да се дава гласот преку овластен посредник, а формирано е и посебно тело за контрола на гласањето. Неколку кандидат најавија и паралелно пребројување на гласовите, а некои ги повикуваат своите приврзаници на денот на гласањето да ја зголемат будноста.

Слични написи

zagreb

Загреб: Извикувал „Зиг хајл“ и напаѓал луѓе со солзавец

Во центарот на Загреб се случи инцидент во кој полесно е повредено едно лице, јавуваат …