сабота , 21 октомври 2017
frodem(5)

ФРОДЕМ со порака до пониските режимски ешалони: Кој е на ред за извисување?

„ФРОДЕМ констатира дека врхушката на режимот поприлично се изнамачила при составувањето на пратеничките листи. Некои од осомничените за тешки кривични дела си обезбедија времена заштита под „чадорот“ на пратеничкиот имунитет, ама поголемиот дел едноставно „извисија“. Дали е тоа резултат на некаков внатрешен договор, „купи-ден“ тактика, политика, или нешто трето, воопшто не е битно. Секаде, и во животот и во политиката, лажното единство порано или подоцна напукнува и потоа забрзано се раздробува. Се има почеток и крај! А наивните и незгрижени пониски ешалони нека му ја мислат кој доаѓа на ред за извисување.

Папагалските, веќе видени и чуени, режимски повици за освојување 63 пратенички места народот ги доживува како изгребана плоча, напукнато ЦД, кое упорно врти па врти и заглавува на истиот рефрен. Во одзаглавувањето најмалку може да им помогне лаењето на запенетите, пропагандни платеници. Реално, само малкумина измеќари од пониските кандидатски места пак ќе добијат „седмица на лото“. И пак, по којзнае кој пат, единствената задача во пратеничкиот мандат ќе им биде дигањето два прста. На сметка на банкротираната демократија и за жал на киднапираната вистина.

Но, режимот не е осамен во нереалните, евтини пропагандни пораки. Еве и Коалицијата ВМРО за Македонија не сака да чуе за помалку од 15 пратенички места. На нивната Конвенција, за жал проследивме и двосмислени манири и пораки, какви десет години се изнаслушавме.

ФРОДЕМ ја повикува Коалицијата „ВМРО за Македонија“ да покаже искреност кон гласачите и политичка коректност кон сите десничарски субјекти кои се борат за неопределените и разочарани гласачи. Взаемното уважување во доследната борба за демократија е единствениот здрав патриотски однос. Македонија конечно треба да си даде шанса. Освен ако сето ова не е обичен политички панаѓур, после чиј фајронт, приврзаниците ладно ќе ги разотидеме „по дома“, со наведнати погледи и завиткани патриотски знаменца во изморените од мафатење раце.

Не е добро да се потценува народот и во истовреме да се критикува зошто бил таков, самопотценет, зошто бил под ретро, екс влијанија. Не е добро да се прават непринципиелни договори за непринципиелни коалиции. Оти, судбината возвраќа. Колективната меморија хировито се ресетира, па долгиот политички стаж често знае да се памети по направените грешки, а многу, многу помалку по успесите. Секако доколку ги имало и биле поголеми од неуспесите. Како и да е, тркалото на историјата врти напред, не назад. Понекогаш застанува, ама секогаш продолжува“, се вели во соопштението на ФРОДЕМ.

Слични написи

ilija jovanoski glasanje

Јованоски: Повикувам на фер,мирни и демократски избори

Кандидатот за градоначалник Илија Јованоски повика на фер, мирни и демократски избори.