петок , 22 септември 2017
Gardijan-za-riskoto-vlijanie-vo-Makedonija

„Гардијан“: Русија една деценија работела на оддалечување на Македонија од НАТО

Руски шпиони и дипломати речиси една деценија работеле на ширење пропаганда и на провоцирање раздор во Македонија, како дел од пошироките напори на Кремљ да го зголеми своето влијание во земјите од поранешна Југославија и да го спречи нивното членство во НАТО, како и да ги држи подалеку од западното влијание, пишува британскиот весник „Гардијан“.

Овие активности почнале во 2008 година, пишува весникот, повикувајќи се на класифицирани документи од македонските тајни служби, до кои дошла Мрежата за известување за организиран криминал и корупција („Нова ТВ“, Српската мрежа за истражување кримнал и корупција „Крик“, во партнерство со британскиот весник „Гардијан“).

Сознанијата од документите ги покажуваат и напорите на српското разузнавање за поддршка на „антизападните и на проруските националисти во Македонија“.

„Со употреба на сите техники и методологии на таканаречената мека моќ, како дел од стратегијата на Руската Федерација на Балканот, целта е изолација на земјата (Македонија) од влијанијата на Западот“, било наведено во еден од документите.

Според еден од извештаите, подготвен на почетокот на годинава за шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски, било наведено дека во последните девет години Македонија е „под силна субверзивна пропаганда и разузнавачки активности спроведувани преку Амбасадата на Руската Федерација“, пишува „Гардијан“. Почетокот на руските активности во Македонија коинцидира со уназадувањето на македонските напори за приклучување кон НАТО во 2008 година, кога Грција стави вето поради долгогодишниот спор за името, забележува британскиот весник.

Разузнавачките активности на Москва биле спроведувани од амбасадата во Скопје, преку тројца агенти на руското надворешно разузнавање (СВР), а водени од канцеларијата на СВР во Белград, како и преку четворица воени разузнавачи координирани преку Софија, Бугарија, се наведува во материјалите.

Во еден од документите било наведено дека руските агенти работеле и на регрутирање на сегашни и на поранешни припадници на македонската армија и на еден министер за внатрешни работи за да креираат „критична маса од воено обучени лица кои во одреден важен политички момент или ситуациија би биле корисни за постигнување на руските интереси“.

Агентите преку парични фондови се обиделе да влијаат и врз македонски, но и врз медиуми на албански јазик во Македонија за „да шират информации и дезинформации за поддршка на руските политики“.

Слични написи

шамија

Омбудсман: На девојчињата во Охрид да им се дозволи со шамија да ја следат наставата

Народниот правобранител најостро ја осудува постапката на Министерството за образование, кое со испратениот допис  му …