недела , 22 октомври 2017
katalonija

Голем протест за поддршка на отцепувањето на Каталонија

Стотици илјади Каталонци денеска ќе излезат на протест во знак на поддршка за одржување референдум за независност, а шпанската влада се обидува на сите можни начини да го спречи отцепувањето, пишува „Дојче веле“.

Активистите на најголемата каталонска платформа за независност „Асемблеа национал Каталана“ имаат полни раце работа. На сите страни се продаваат маици и шарени беџови со натписот „Да“, како и реквизити за денешните големи протести кои ќе се одржат на каталонскиот национален празник Диада.

Годинешниот собир е целосно во знак на планираниот референдум.

Шпанската автономна област на 1 октомври сака да одлучи за своја независност на референдум, кој Уставниот суд во Мадрид во брза постапка го оцени како нелегален.

И покрај жестокото спротивставување на опозицијата и шпанската влада, каталонскиот парламент минатата среда го усвои законот неопходен за одржување референдум.

– Тоа беше голем момент. Се наоѓаме пред големи промени и утврдуваме нов правец на нашата иднина. Политичарите конечно беа во служба на народот – истакна Жауме Ангери, кој купил маици за себе и за својата сопруга.

„Дојче веле“ пишува дека расположението е добро меѓу заговорниците на референдум и покрај кризата во земјата предизвикана од расправата за независност, но и покрај последиците кои им се закануваат на политички неодговорните.

Јавното обвинителство на Шпанија со помош на полицијата настојува да ги спречи подготовките за референдум и се заканува со тужби за непослушност, злоупотреба на службена положба и трошење јавни средства. За тоа во Шпанија се предвидени казни.

Сепак, каталонската влада не отстапува.

– На цунами од тужби и судски процеси ќе одговориме со цунами од демократија – изјави каталонскиот премиер Карлос Пуџдемон по тешките зборови што пристигнаа од Мадрид.

Германскиот медиум нагласува дека експерти се сомневаат во правната одржливост на референдумот, кој се повикува на правото на народот на самоопределување. Според воспоставената пракса, тоа исклучиво се однесува на поранешната колонија, односно на луѓето кои се потчинети поради својата етничка припадност. Како еднострано гласање надвор од правните рамки, овој референдум не ги исполнува условите кои ги пропишува Венецијанската комисија.

Каталонската регионална влада најави дека во случај референдумот да помине добро, два дена подоцна ќе прогласи независност.

Слични написи

zagreb

Загреб: Извикувал „Зиг хајл“ и напаѓал луѓе со солзавец

Во центарот на Загреб се случи инцидент во кој полесно е повредено едно лице, јавуваат …