вторник , 26 септември 2017
foto vevcani1

ЃОРЃИ УГРИНОСКИ И КРСТО МУКОСКИ, ТАНДЕМ ЗА СИГУРНА ДОБИВКА   

foto vevcani1
И територијално, и според бројот на населението, Општина Вевчани е најмалата општина во Република Македонија. На површина од 35 км2 живеат едвај 2.500 жители. Општината е уникатна и по тоа што на нејзината територија гравитира само едно единствено населено место-Вевчани. Дека во нашата „чудесна“ Македонија сите чуда се можни, покажува и тоа што дури и во една таква, според сите параметри, „минијатурна“ општина, постои моќна фамилијарно-политичко-бизнисменска спрега која преку своите фирми годишно „врти“ неколку милиони евра.

За вевчанското семејство Угриноски, за нивните бизниси со владини институции, за роднинската врска со двајцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот Крсто Мукоски и екс-пратеникот Александар Спасеновски, во две продолженија читајте на РеволуционерМк.

Пишува: Зоран Милошески

Покрај „ВИА Инжинеринг“, фирмата на вевчанскиот градоначалник Цветомир Угриноски за која пишувавме во првиот дел од досието „Вевчанска фамилија“, активен учесник на градежниот пазар е и „ВИА“ увоз-извоз Вевчани.

Друштвото за производство, трговија, градежништво, угостителство и услуги „ВИА“ увоз-извоз Вевчани, е фирма која последниве неколку години е исклучително застапена на домашниот градежен пазар. Фирмата е основана во 1991 година од страна на Марица и Ѓорѓи Угриноски и нејзина приоритетна дејност, идентично како и на „ВИА Инжинеринг“, е изградба на станбени и нестанбени згради. Освен што е основач и сопственик, Ѓорѓи Угриноски ја има улогата и на нејзин управител со неограничени овластувања во рамките на запишаните дејности во внатрешниот и надворешниот трговски промет.

Иако во потесното семејство на моќниот бизнисмен од Вевчани просто „врие“ од политичари, познавачите на приликите во струшко-вевчанскиот регион тврдат дека Ѓорѓи Угриноски е најмоќниот и највлијателниот член на семејството Угриноски.

За недоволно упатените ќе кажеме дека вевчанскиот градоначалник Цветомир Угриноски е брат на Ѓорѓи Угриноски, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски е негов внук од сестра, додека пак поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Александар Спасеновски – зет за ќерка!

Што ги поврзува „ВИА“ и министерот Тодоров?

Едната од неговите три ќерки, Сања Угриноска Спасеновска, е вработена во кабинетот на претседателот на Собранието на РМ Трајко Велјаноски, од каде потекнуваат блиските пријателски односи на Ѓорѓи со собранискиот спикер. Освен тоа, треба да се издвојат и неговите релации со поранешниот министер за образование а сегашен прв човек на Министерството за здравство, Никола Тодоров.  

foto vevcani

Тешко е да се каже дали блискоста на Угриноски со Тодоров била причина за бројните договори кои „ВИА“ ги склучила со Министерства за образование и за здравство, но факт е дека нивниот број е голем, а исплатените суми исклучително високи.

Само во 2013 година „ВИА“ и Министерството за образование и наука (МОН) склучиле 8 договори за соработка, со вкупна сума од 196.172.118,00 денари, односно 3.189.790 евра! За овие пари „ВИА“ извршила различни видови на услуги, меѓу кои и:

  • набавка, транспорт и монтажа на инсталации за машинство во Универзитетот за информатички науки и технологии (УИНТ) „Св. Апостол Павле“ во Охрид;
  • Изведба на градежно занаетчиски работи на инфраструктурна мрежа во студентскиот комплекс „Стив Наумов“ во Скопје;
  • Доизградба на ново средно училиште во Општина Шуто Оризари;
  • Доизградба на ОУ „26. Јули“ исто така во Општина Шуто Оризари;
  • Реконструкција на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје;
  • Изведување на дополнителни работи и работи кои не се предвидени во основниот договор за доградба на дом на АРМ во Охрид и сл.

Претходно, во 2011 и 2012 година „ВИА“ и МОН ги реализирале проектите за партерно уредување на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, доградба на домот на АРМ за потребите на УИНТ „Св. Апостол Павле“ во Охрид и изградба на нова училишна зграда за потребите на ОУ „Кочо Рацин“ во Стар Дојран, за сума од 39.406.830,00 ден.

Кога станува збор за соработката на „ВИА“ со Министерството за здравство, го издвојуваме договорот кој се однесува на изведување градежни и градежно-занаетчиски работи во ЈЗУ „Општа болница“ во Охрид. Истиот бил склучен во 2012 година и неговата сума со вклучен ДДВ ја достигнала висината од 228.601.295,00 денари, или точно 3.717.094 евра!

За потребите на Министерството за здравство фирмата на Ѓорѓи Угриноски изведувала градежни и градежно занаетчиски работи во Демир Хисар и Крушево, а интересно е што и двата договори биле склучени во ист ден,  29.01.2013 година! За истото министерство „ВИА“ извршила реконструкција и адаптација на соба за коронарна нега во ЈЗУ „Општа болница“- Струмица, замена на покривна конструкција во ЈЗУ „Здравствен дом“ во Струга, санација на кров, фасада и оштетување од протекување во Здравствен дом Ростуше и амбуланта во Маврово а ја реновирала и бараката на барака на Министерството во Скопје. За извршените работни задачи на „ВИА“ ѝ биле исплатени вкупно 11.510.358,00 денари.

Минатата година вевчанската фирма склучила договори за санација на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, како и за реновирање на железничките станици, бизнис тежок 1.800.000 евра.  

Но и тоа не е сѐ, бидејќи на „ВИА“ ѝ пошло од рака да склучи договори за јавни набавки со Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ, Министерството за надворешни работи, Министерството за транспорт и врски, АД „Електрани на Македонија“, со Агенцијата за цивилно воздухопловство за одржување на аеродромите во Скопје, Охрид, Прилеп (!?) и Кочани, како и со други државни институции.  

Едно семејство, многу бизниси

Освен во градежниот, семејството на Ѓорѓи Угриноски игра значајна улога и во профитабилниот фармацевтски бизнис. Тука преку аптеките „ВИА фарм“ главниот збор ја има неговата втора ќерка, Марица Угриноска Баткоска.

Конечно, од пред две години фамилијата Угриноски влегува и во бизнисот со производство на вино и за таа цел ја регистрира фирмата „ВИА Винарија“ ДОО, каде еден од основачите е и третата ќерка на Ѓорѓи, Ефимија Угриноска.   

Винарија

Мошне интересна е приказната за метеорскиот успех на политичарот и бизнисмен, вевчанскиот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, чија мајка е родена сестра на браќата Ѓорѓи и Цветомир Угриноски.

Пратеникот Мукоски, кој во јавноста стана познат по поднесувањето на предлог законот за забрана на објавување на опозициските „бомби“, како и по тоа што само за првите 5 месеци од тековната година на име патни трошоци од касата на Собранието на РМ зел 7.680 евра, својата кариера ја започнал како обичен работник во фирмата на неговиот вујко Ѓорѓи, „Виа“. Неговата политичка кариера, за која се зборува дека најголеми заслуги има неговиот вујко Ѓорѓи Угриноски, започнала пред десетина години, односно после земањето диплома за завршено високо образование.

Во 2013 година Мукоски го започна својот втор пратенички мандат, откако во собраниските клупи за прв пат седна во 2008 година, за да во меѓувреме стане и заменик директор на државната компанија МЕПСО.   

Мукоски е основач и сопственик на Друштвото за производство, трговија, угостителство, градежништво и услуги „АТРИУМ“ ДОО увоз-извоз Вевчани, чија приоритетна дејност е изградба на станбени и нестанбени објекти. Управител на фирмата е братот на Крсто, Бобан Мукоски.

Сопственик Крсто

Фирмата на Мукоски добила десетици тендери од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Република Македонија чиј директор е Цветко Грозданов, близок пријател и побратим на Крсто. Еден од нив е и договорот за изградба на 43 станови наменети за лица со социјален ризик во Кочани, бизнис за кој „АТРИУМ“ ќе инкасира 53.953.652,82 денари, или приближно 900.000 евра.  

Истовремено, на јавниот оглас распишан на 28.12.2013 година од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) за доделување под закуп на нешто повеќе од 24 хектари државно земјоделско земјиште во регионот на Струга, конкурирале вкупно 7 понудувачи. Од нив, според Одлуката на МЗШВ, само 2 понудувачи ги исполниле бараните услови: фирмата на Мукоски „АТРИУМ“ и „ВИА Винарија“, фирмата на Ѓорѓи Угриноски и неговите три ќерки!   

Тендер земјиште

После овие успешни приказни за вевчанските фирми „ВИА“, „ВИА Инжинеринг“ и „АТРИУМ“, никој веќе нема право да каже дека фирмите од помалите населени места во внатрешноста на државата се „дискриминирани“ во однос на „поголемите браќа“ чии седишта се лоцирани во урбаните средини, особено во Скопје.

Исто така, двете продолженија на досието „Вевчанска фамилија“ покажаа дека освен во највисокиот државен врв, фамилијарно-политичко-бизнисменската спрега функционира и во најголемиот дел од општините во кои власта е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Примерот со Општина Вевчани е само еден од многуте такви случаи.  

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …