сабота , 23 септември 2017
Plostad-Makedonija-Skopje-Central-Square

Граѓаните во банките чуваат близу три и пол милијарди евра

Македонските граѓани заклучно со септември годинава чувале 213 милијарди денари (3,46 милијарди евра) во банките, што е зголемување споредбено со истиот период лани кога изнесувале 210 милијарди денари (3,41 милијарди евра). Штедните влогови во банките континуирано растат, а Македонија спаѓа во земјите во кои депозитната база е поголема од кредитирањето. Банкарите велат дека ваквиот позитивен тренд е од големо значење за банкарскиот сектор, и објаснуваат дека парите на граѓаните се безбедни и треба да се избегнува создавање панични ситуации во зависност од дневнополитичките случувања бидејќи депозитите се осигурени во Фондот за осигурување на депозити.

– Депозитите во банките растат, односно расте депозитната база на населението. Ова подразбира дека на страната на банките постои простор за понатамошно кредитирање, односно банките се високоликвидни – вели Марјан Петрески, професор на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Тој додава дека банките кај нас, имаат аверзија кон ризик, што значи дека пристапуваат кон поконзервативни стратегии и вршат кредитно рационирање. Ова, пак, ја детерминира динамиката на кредитната активност.
Поради сигурноста што ја обезбедува банкарскиот систем, иако не нуди којзнае какво оплодување на парите, штедењето во банка е начин на кој граѓаните кај нас сѐ уште најмногу му веруваат. Иако падот на каматите доведе и до поевтинување на приносот од штедење сепак депозитите остануваат главен метод за чување на парите. Банките секојдневно водат трка на пазарот со понуди на нови пакети за штедење, а со нови промотивни пакети го одбележуваат октомври, кој претставува месец на штедењето.

Од Народната банка потврдуваат дека состојбата со депозитите е стабилна и дека ликвидноста на банкарскиот систем кај нас е на задоволително ниво. Оттаму информираат дека банките кај нас се високоликвидни и покрај малото намалување на ликвидните средства во второто тримесечје годинава предизвикано од неекономски фактори.
– Во домашниот банкарски систем најзастапено е штедењето до една година, односно краткорочните депозити. Од вкупните депозити на нефинансиските субјекти, каде што освен домаќинствата вклучени се и другите субјекти, преовладува денарското штедење – велат од НБРМ.
Според податоците, краткорочните депозити кај домаќинствата заклучно со септември изнесуваат 77 милијарди денари, долгорочните односно депозитите над една година 71 милијарда, а штедењето по видување што ги вклучува трансакциските сметки изнесува 64 милијарди денари.

Банкарите потврдуваат дека интересот на граѓаните за штедење е постојан и покрај пониските камати. Со повлекувањето на депозитите од банкарскиот систем во второто тримесечје од годинава, се намалија ликвидните средства на банките, но поради нивната висока состојба во претходниот период, како и поради инструментите на Народната банка за креирање ликвидност, кредитниот пораст на банките не беше загрозен, а профитабилноста и понатаму бележи пораст. Банкарите велат дека брзата реакција на Народната банка придонесе во одржување на стабилноста на банкарскиот систем и во зајакнување на неговата основна функција на финансиско посредување меѓу штедачите и кредитокорисниците.
– Првичните податоци за септември покажуваат пораст на депозитите на населението, што значи дека постои долгорочен тренд на умерен пораст на депозитите, додека, пак, споредбено со претходниот месец депозитите на корпоративниот сектор се намалени.

Нема простор за загриженост бидејќи ваквите осцилации кај промените на корпоративните депозити се вообичаени и се резултат на редовното работење на компаниите – велат од Народна банка.  Како за минатата така и за оваа година, банките очекуваат релативно висока стабилност на депозитите, независно од постоењето фактори од различна природа, кои би можеле да предизвикаат поголеми осцилации. Податоците покажуваат дека процентот на очекувана стабилност на вкупните депозити минатата година е на речиси исто високо ниво како и претходната 2014 година и изнесува 82,7 отсто.
– Банките очекуваат висока стабилност на депозитите независно од надворешните фактори, кои би можеле да влијаат врз мотивите за доверба на штедачите. Со оглед на значењето што го имаат депозитите како извор на финансирање за македонските банки, неопходно е да постои тоа ниво на стабилност. Постои тесна поврзаност на управувањето со ликвидноста на банките и нивната стратегија за настап на пазарот, репутацијата и етичкото однесување, кои, пак, влијаат врз степенот на доверба на домашните економски субјекти во банките. Оттука одржливоста на ликвидната позиција на банките, а преку тоа и на нивната стабилност, е директно поврзана со чувањето на оваа доверба – објаснуваат од Народната банка.

Експертите велат дека главната детерминанта на штедењето во услови на ниски каматни стапки е отсуството и недостигот од познавање за другите форми на штедење.
– Кај нас постои недостиг и недоволно познавање на други форми на штедење. Во последните години актуелни станаа и животните полиси, третиот пензиски столб и инвестициските фондови, сите како форми на штедење. Меѓутоа сѐ уште постои нивна значајна недоволна искористеност. Ова пред сѐ доаѓа од фактот што треба да помине време за граѓаните доволно да се информираат и да стекнат доверба во овие инструменти, како и да ги проценат придобивките што ги имаат од тие форми на штедење, а кои не се сведуваат само на камата – објаснува професорот Петрески.

Податоците покажуваат дека еврото е најзастапена странска валута во билансите на банките, но и понатаму поактуелно е штедењето во домашна валута. Иако показателите за ликвидноста во денари бележат поголемо намалување од оние за девизната ликвидност, сепак се на повисоко ниво. Ова се должи на повисокото структурно учество на ликвидните средства во денари во вкупните средства на банките.

Слични написи

dragan tevdovski

Македонија ќе добие Стратегија за управување со јавни финансии 2018-2021

Македонија до крајот на годината ќе ја добие првата Стратегија за управување со јавните финансии …