понеделник , 21 август 2017
Gragjanski-organizacii-reformi-Marko-Troshanovski-Uranija-Pirovska-19jul17-Societas-Civilis

Граѓанските организации бараат консултативен совет за реформите

Надградена верзија на предлогот на граѓанските организации за итни демократски реформи за следните 6, 9 и 12 месеци, денеска беше презентирана на прес-конференција во име на 73 граѓански организации и експерти. Предлозите за реформи се изработени од страна на 146 учесници на Форумот на граѓански организации на 4 и 5 јули годинава, а се надоврзуваат на основниот документ изработен во 2016 година.

„Овој план има цел да даде поттик, насоки и детални активности неопходни за враќање на демократските стандарди и вредности, како и за постигнување напредок во јавните политики и за враќање на довербата на граѓаните во клучните државни институции. Промената на власта сама по себе беше чекор напред поради тоа што со одржувањето на веродостојни избори се стави крај на длабоката повеќегодишна политичка криза, но тие не се гаранција за системски реформи кои се неопходни за да се надмине состојбата на заробена држава“, се вели во образложението.

Граѓанските организации предлагаат формирање консултативен совет за имплементација на клучните реформски приоритети на владино ниво, со кој ќе претседава претседателот на Владата и кој ќе се состои од претставници на надлежните министерства и на граѓанското општество.

Се бара и назначување на лица за контакт во министерствата и во независните, надзорните и во регулаторните тела кои ќе бидат одговорни за клучните реформски приоритети и кои, исто така, ќе бидат задолжени за соработка со тематските групи на граѓанското општество. Претставниците на иницијативата истакнаа дека во текот на целиот процес Владата треба да ги почитува принципите на транспарентност, одговорност, вклучување и ефективност, а неопходно е и политичките партии во Собранието да покажат вистинска посветеност за спроведување на клучните реформски приоритети. Ваква посветеност, иницијаторите очекуваат и од вонпарламентарните партии, како и од граѓанското општество во целина.

Исто така, посочено е на неопходноста преземените мерки да бидат насочени кон подобрување на социјалната кохезија на граѓаните и на сите етнички заедници. Во оваа насока, според иницијаторите, потребно е да се разгледаат препораките од прегледот на Охридскиот рамковен договор за социјалната кохезија од 2015 година.

„Од клучна важност е граѓанскиот сектор да биде вклучен во процесот на проценка на сегашната ситуација, како и во надзорот и во евалуацијата на напредокот во спроведувањето на клучните реформски приоритети. Потребно е да се обезбеди граѓанско учество и на ниво на извршната, како и на законодавната власт, вклучувајќи ја и соработката со судството и независните, контролните и регулаторните тела“, велат иницијаторите.

Слични написи

Hristijan-Kostov

Костов: Болницата „8 Септември“ има долг од пет милиони евра

Градската општа болница „8 Септември“ има долг од 5 милиони евра или околу 243 милиони …