вторник , 26 септември 2017
nikola-gruevski (1)

Груевски: Избори во април се финалната цел на Договорот од Пржино

nikola-gruevski (1)
Премиерот Никола Груевски на синоќешниот говор на прославата на Денот на македонската револуционерна борба, зборуваше за неколку политички прашања – за Договорот од Пржино, за изборите што треба да се одржат на 24 април следната година и за улогата на европската заедница во политичкиот процес во кој се наоѓа државата.

Во однос на Договорот од Пржино, премиерот рече дека основна и единствена цел е да се организираат избори на кои народот ќе може да одлучува во фер и демократски услови и кои нема да создадат сомнеж за некаква нееднаквост, за дискриминација или фаворизација.

– Договорот е јасно напишан и треба да се почитува. Тој договор не може да служи како појдовна точка за нови преговори. Изборите се финалната цел на тој договор, заради која постојат другите одредби, кои се патоказ како да се стигне до финалната цел – изјави Груевски.

Тој додаде дека на 24 април ќе се разјасни сè и, како што рече, „дотогаш ќе има уште магла, ќе има уште многу валкани обиди за уривање на државата и на волјата на народот“, но вети дека неговата партија ќе стои рамо до рамо со народот и нема да го изневери.

– На тие избори, народот ќе каже кого поддржува и во кого има доверба. Нема да каже ниту некој странец, ниту некој со волшебен стап ќе ги реши нашите проблеми – вели Груевски.

Според него, министрите и замениците со право на вето, во согласност со договорот, треба да осигураат балансираност на институциите и одвраќање од потенцијална улога во фаворизации и во дискриминации.

– Тие треба да ја обезбедат демократијата, а не да бидат алатки во политичка функција. Тие треба да го бранат, а не да го напаѓаат правото на глас. Тие треба да не дозволат влијанија на институциите во изборниот процес, а не да прават влијание во изборниот процес – рече премиерот Груевски.

Груевски додаде дека на ист начин треба да дејствува и специјалниот јавен обвинител, чија работа целосно ќе ја почитуваат и ќе ја поддржуваат во сите елементи кои се предвидени со договореното.

Во однос на препорака за почеток на преговори со ЕУ, смета дека државата заслужува да ја добие не само препораката, туку и да ги почне финалните преговори за членството во ЕУ, како и да бидеме примени во НАТО.

– Сега се гласни најавите за одземање на препораката. Се надевам дека тие што носат одлука за ова се свесни дека и тие ќе имаат свој дел од одговорноста ако по тоа, работите тргнат во непосакуван правец. Иако, според сите истражувања, народот нема да го доживее како нешто трагично, особено поради тоа дека и досега сме добиле шест препораки, но никогаш не сме почнале преговори. Препораката е бесмислена ако нема почеток на преговори – рече Груевски./ МЕТА

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …