недела , 24 септември 2017
Gruevski-pres-VMRO

Груевски: Со насилството некој сакаше прстот да се впери во ВМРО-ДПМНЕ

Откако се врати во Македонија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одржа прес-конференција која беше закажана за во три часот по полноќ, а започна во 04:25. Тој рече дека вчерашниот ден се обрати пред медиумите до граѓаните велејќи дека денес се случил многу лош ден за Македонија, за што ќе има последици.

„Сакам да го осудам насилството кое поединци го направија и повредија поголем број пратеници. Повикувам институциите да направат брза и ефикасна истрага, да ги откријат виновниците и со тоа да бидат изнесени на суд. Никогаш не сум помислил да дојдам или да останам на власт со насилство. Повикувам да не се ставаат во ист кош огромниот број граѓани кои со денови протестираат и никого не повредија никого со оние кои денес тоа го направија. Тие имаат право на протест за доброто на Македонија. Ги поздравувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за напорите кои ги дадоа за да им помогнат на пратениците. Им благодарам и на брзата помош и полицијата“, кажа Груевски на прес-конференцијата.

Груевски на пратениците им посака брзо закрепнување.

„Го осудувам однесување на СДС за ваков избор на претседател со што ги подигнаа тензиите во нашето општество. Начинот на кој се обида да изберат претседател на Собранието е незаконски, противуставен и неделовнички. Слушнав дека вечерва славеле во штабот на СДСМ, со што покажале антидржавничко однесување“, додаде Груевски.

Според него, постапките на СДСМ го загрозиле уставниот поредок на државата.

„Доаѓањето на власт по секоја цена, анти-државните платформи , како и бегањето од избори се дел од причините за ваквата ситуација. Повикувам да се прифати иницијативата на претседателот Иванов, се друго води кон хаос во државата. Истовремено ги повикувам граѓаните на Македонија, да не подлегнуваат на провокациите на СДСМ. Народот има право да си ја чува и брани државата, тоа никој не може да го осуди“, кажа Груевски во неговата завршна поента.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека неговата партија ќе остане на страна на народот. Додека пак сценаристите на денешните случувања сакале да го стават во сенка силувањето на парламентот, а со тоа прстот да се впери кон ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски апелираше да се прифати барањето на претседателот Ѓорге Иванов за лидерска средба.

Слични написи

шамија

Омбудсман: На девојчињата во Охрид да им се дозволи со шамија да ја следат наставата

Народниот правобранител најостро ја осудува постапката на Министерството за образование, кое со испратениот допис  му …