среда , 28 јуни 2017
mickovic dijana

ГУП, ДУП и најглуп

Некогаш просторното планирање и урбанизмот служеа за оформување на хуман простор за живот на граѓаните во склад со природата, а денес претставува клептократска алатка, во рацете на мафијата устоличена во Владата на РМ и во локалната самоуправа, во спрега со локални тајкуни, чија една и единствена цел е остварување на исклучително висок профит на сметка на наследениот урбан простор, на сметка на животната средина, додека на граѓаните се ова им се нуди, и им се продава како луксуз за исклучително висока цена, а на затеченото население во населбите се рекламира како развој на општините.

Во Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, Службен весник на РМ, бр. 142 од 21.08.2015 година, а и во сите предходни правилници, има низа на членови со кои јасно се дефинираат единиците на градежното земјиште, а тоа се градежна парцела, блок и четврт. Градежната парцела е основна и најмала единица на градежното земјиште чија основна цел е да се разграничи градежното земјиште од аспект на носители на правото на градење, но и од аспект на понатамошно право на користење на минимум загарантиран простор околу објектот со што се обезбедува и минимум гаранција за пазарната вредност на недвижноста во однос на околните услови а со тоа и квалитетот на живот. Така со регулационите линии се разграничува градежното земјиште за општа употреба и парцелираното градежно земјиште за поединечна употреба.

Притоа знаеме дека, како сопственик на градежна парцела доколку сакате да градите или доколку сакате да го пренесете правото на градење на некој инвеститор потребно е да се обратите во вашата општина и врз основа на Деталниот урбанистички план ќе добиете Извод од урбанистички план, или познат како услови за градба. Условите за градба во Деталниот урбанистички план се дефинирани во графички дел, нумерички дел и текстуален дел. Сите знаеме дека урбанистичките параметри со кои се пропишуваат димензиите на планираниот објект, меѓу другото, се црпат и од големината на градежната парцела и нејзината местоположба. Тоа значи дека за секоја градежна парцела се дефинира, регулациона линија, градежна линија, процент на изграденост, коефициент на изграденост, бруто развиена квадратура, максимална висина на градба, ширина, должина, максимален број на станбени единици, потребен број на паркинг места (кои треба да се обезбедат во рамките на градежната парцела) итн, итн.

Зошто ја споменувам градежната парцела? Затоа што сметам дека сопствениците на станбен простор во старите објекти за колективно домување, со законот за градежно земјиште се оштетени во огромни размери. На тие и такви објекти практично им е одземен голем дел од градежната парцела. Всушност градежните парцелиако така може да се наречат, односно сопственичките права им се дефинирани на само 1 м од фасада, а со тоа им е донесено во прашање и корисничкото право на јавните површини кои се во непосредна близина на нивните објекти. Така остатокот од просторот, зеленилото, паркинзите, парковите, просторите за спорт и рекреација, останаа како јавни простори во милост и немилост на општината, односно државата, која дрско посегна по секој простор за спорт и рекреација, по секој парк и по секоја зелена површина пренаменувајќи ја во нови градежни парцели за нови станбени блокови на сметка на јавниот простор и јавното зеленило кое беше избалансирано со постоечкиот градежен фонд на населбата.

Па така, преку ноќ бевме сведоци на нови Детални урбанистички планови во кои на секоја слободна зелена површина беа впишани нови површини за градба за објекти за колективно домување. Знам дека на ова веднаш одговорот би бил, ама така е планирано со ГУП-от на Град Скопје од декември 2012 (главниот урбанистички план). Видов дека во ГУП-от во секоја урбана единица, односно во секоја атрактива четврт, многу педантно површините со намена Д1 (парковско зеленило), Д2 (заштитно зеленило) и Д3 (спорт и рекреација) се сведени на 0%, односно на 0 ХА.

Повеќе од очигледно е дека се работи за централна нарачка, и за безобразен клиентелизам на општините кон централната власт со кои зеленилото од градот и населбите се избришани за да може централната власт, преку локалната самоуправа, понатаму да прави што сака во Деталните урбанистички планови. Па така без било каква согласност на граѓаните и локалното население, градоначалниците јавниот простор го распродаваат со шверцерски услови како да е тоа нивата од дедо им.

Но исто така е очигледно и дека во алчноста и брзањето не успеале сите кражби на јавен простор да ги покријат.

На пример, заборавиле во ПРАВИЛНИКОТ ЗА СТАНДАРДИ И НОРМАТИВИ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ да го избришаат Член 22, точка 5 која гласи:

Градежна парцела планирана со намена А (домување), Б (комерцијална и деловна намена), В (јавни институции) и Г (производство, дистрибуција и сервис) не може да се формира на сметка на градежно земјиште со планирана и изведена група на класи на намена Д (зеленило, спорт, рекреација и моријални простори).

Знаеме дека намената на овие површини во Општина Карпош е дефинирана уште со урбанистичкиот план во 1965 и веќе 50 години овие површини беа дел од една избалансирана урбанистичка целина, а нејзини кориснци се жителите на општината. Ако им го скративте сопственичкото право не можете и не смеете да им го скратите корисничкото право.

Па така, и согласно ГУП-от и согласно ДУП-овите, скоро сите нови градби подигнати на новооформени градежни парцели на сметка на јавното зеленило, и површините за спорт и рекреација во основа се незаконски и претставуваат дивоградби.

Од тие причини неопходно е што поскоро да се направи ревизија на новите Генерални и на новите Деталните урбанисти планови, чија единствена цел била да се изврши масовна кражба на јавниот простор за тесно-партиски и приватни интереси.

Во одбрана на овие и вакви клептократски урбанистички планови, деновиве бевме сведоци и на глупави реализации и глупави изјави. Од поглупавите изјави пак во одбрана на клептократските урбанистички планови, би ја издвоила изјавата на градоначалникот на Општина Аеродром, кој рекол дека општините не можеле да функционираат доколку не собирале комуналии од новоизградени објекти.

Градоначалникот на Општина Карпош пак, во пресрет на локалните избори, откако во деталните урбанистички планови ги узурпирал и ги пренаменил сите јавни зелени површини во внатрешноста на секој четврт, реализирал детско игралиште директно врз и во заштитна зона на главен вод за гасовод, и веднаш покрај транзитна магистрална улица меѓу две раскрсници, згора на се и неоградено. Во обид да им се допадне на сите жители во висококатниците и другите станбени блокови, истите тие на кои не им го признава корисничкото право на 1 м од фасада, брза да им ги излепи фасадите со малку изолација и малку боја. Само не сум сигурна дали ги запазил противпожарните технички спецификации на градежните материјали кои ги лепи или ова е уште една глупост со која се загрозува безбедноста на граѓаните.

д.и.а. Дијана Мицковиќ

Слични написи

kolumna azmanoski

Пазете што правите, за брзо се враќаме (од затвор) !

Работната недела која помина имав прилика да седнам и поразговарам со голем број на познаници и …