недела , 22 октомври 2017
studenti

Идеја до УМС: ВМРО-ДПМНЕ да престане со партиските вработувања

studentiСе повеќе млади луѓе својата иднина ја гледаат надвор од Македонија, а откако ќе добијат шанса за излез од државата, ја прифаќаат како билет во еден правец. Власта го игнорира овој факт и прави се што може да го прикрие. За дваесетина години, повеќе од 10 отсто од популацијата ја напуштиле Македонија, голем дел од тој процент се млади луѓе кои не гледаат перспектива во земјата во која се родиле.

Најпогодени од невработеноста во Македонија се токму младите и овие проценти бележат рекорди на светските и европските статистики. Сепак Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, која денеска цел час држеше штанд на плоштад „Македонија“ на кој примаа идеи за подобрување на стандардот на нивните врсници, не реферираше на овие горливи проблеми, а нивните членови одбија да одговорат на прашања.

Токму партијата која ја застапуваат е заслужна за партиските вработувања во кои не се цени квалитетот и потенцијалите, туку партиската книшка и степенот на партиска активност. Самата иницијатива на УМС на Денот на младите да постават табла за споделување на идеи, според студентот на Правен факултет и член на „Студентски пленум“, Константин Битраков е неприфатлива и навредлива.

-Живеејќи во држава во која младите не гледаат апсолутно никаква перспектива и можност за достоинствен живот, поставувањето на табли со цел запишување идеи од страна на Унијата на млади сили на ВМРО – ДПМНЕ е неприфатливо, а и во најмала рака навредливо. Во речиси децениското владеење на оваа Партија, а се разбира и во сите години по независноста на оваа земја, илјадници млади луѓе кои се високо образовани и интелегентни ја напуштија Република Македонија засекогаш. Други пак, се обидуваат што почесто да бидат вон нејзините граници како би ја избегнале секоја минута во мизерија, очај и атмосфера на морална деградација – вели Битраков.

-Највредните и најинтелегентните млади често остануваат без никаква можност за стекнување соодветни работни места, студентите живеат во домови кои немаат ниту топла вода и достојна храна (додека секоја палма во Скопје има свој туш) и учат во библиотеки каде нема никакво обновување на литературата, а на УМС им се потребни идеи за подобрување на иднината? Да се надеваме дека она што беше порачано на студентските протести нема да се исполни, односно дека нема последниот млад човек кој ќе го напушти Аеродромот да го изгасне светлото – додава тој.

Дона Костуранова, извршен директор на „Младински образовен форум“ вели дека секојдневниот живот на младиот човек во Македонија е загрижувачки и со неизвесност.

-Младите се соочени со неквалитетно образование подложно на ад хок реформи. Културните можности се слаби, а една третина од младите во земјата не биле во кино. Многу млади се финансиски зависни од своите родители. Студентските домови се во ужасна состојба која никако да се подобри. Можностите за наоѓање работа се гледаат пред се во администрацијата и преку користење на партиските книшки, а не сопственото CV. Животот на младите лица со посебни потреби и физички хендикеп е уште потежок додека се соочуваат со дискриминацијаи недостаток за услови за квалитетен живот. Младите со поинаква сексуална ориентација пак се изложени на дискриминација но и ризик за сопствената безбедност – вели таа.

Активниот живот на младите е дополнително отежнат со хајки и црни кампањи што против критичната младина ги водат медиумите блиски до владејачката партија. Ѓраганското учество не само што не е овозможено, вели Костуранова, туку и обесхрабрено затоа што млади активисти се напаѓани од медиуми и институции. Тука, додава таа, не може да се заборави ни упадот во библиотеката Браќа Миладиновци.

-Додека младите во други земји имаат Национални младински совети кои институциите ги сметаат за партнер, кај нас младите се борат за учество на сите нивоа. Во оваа незавидна состојба, се повеќе млади граѓани својот живот го гледаат во странство. Иако нема точни податоци на располагање за бројот на млади кои ја напуштиле Македонија, се’ почесто нашите врсници се приморани да си заминат од Македонија поради работа или студии кои не може да ги добијат тука – посочува таа.

Според неа меѓународниот ден на младите во Македонија оваа година доби позитивна димензија единствено преку активизмот и ангажираноста, односно преку успесите на Студентскиот и Средношколскиот пленум.

Анализата на стопанската комора од 2014 година покажува дека дури 75 % од младите доколку имаат можност би ја напуштиле државата. Од друга страна најдлабока стапка на невработенот од 54,6% има кај младите до 24 години. Државните институции не кажуваат колку луѓе ја напуштиле земјата, додека службата за статистика на ЕУ, Еуростат, објави дека од 1998 та до 2012-та, 230.000 луѓе официјално се иселиле од земјава и имаат регулиран престој во странство. Тоа претставува повеќе од 10 отсто од вкупното население во Македонија.

Слични написи

2-ALIMS-13ti-simpozium-2017-1024x986

Бекировски учествуваше на симпозиум во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија

Стручниот тим на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), учествуваше на 13-тиот симпозиум во организација …