недела , 22 октомври 2017
Idze

Иџе: Време е за нови предизвици

Idze
„Летечкиот Македонец“ доби понуда од следната сезона да настапува во поатрактивниот Европскиот шампионат на кружни патеки

Најбрз во својата родна земја Македонија, најбрз на Балканот, а две години по ред и најбрз на европскиот континент, тоа е Игор Стефановски – Иџе. Желбата секогаш да биде најбрз го одведе до сите признанија дома и во регионот, а во дебитанската сезона во Европското првенство на ридски патеки супериорно ја освои шампионската титула во категотија 1, со импресивни осум победи во 12. трки. Оваа сезона е уште подоминантен и славеше на девет трки и во ниеден момент не им дозволи на противниците да се понадеваат дека можат да го симнат од тронот „Летечкиот Македонец“, кралот на европските брда.

– Пресреќен сум и презадоволен по освојувањето на втората европска круна. Направив нешто што не им успеало на неколку генерации пред мене, а тоа е да ја одбранам титулата на ридски патеки. Последен кој може да се пофали со таков подвиг е Германецот Јорг Вајдингер во 2005 и 2006 година. Ја живеам и возам најдобрата сезона во картиерата. На 11. трки имам девет победи, поставив осум рекорди на патеките во мојата класа и мислам дека тоа е најдобар резултат воопшто во категорија 1 од кога постои Европскиот шампионат на ридски патеки. Не е лесно да се победи конкуренцијата во Европа и да се триумфира над националните шампиони на државите во кои возам, кои имаат многу поголема логистичка поддршка и буџети. За овие успеси морам да им се заблагодарам на спонзорите и на мојот тим, без кои овие две титули немаше да бидат достижни – изјави Иџе.

Најдобриот македонски спортист за 2014 година со одбраната на титулата на ридски патеки покажа дека неговите квалитети се многу поголеми и дека има шанса за повисоки дострели во многу поатрактивни трки. Стефановски се надева дека со помош на спонзорите и на сите заинтересирани Македонија уште подобро да се промовира на светската карта на автомобилизмот, може да обезбеди средства за настап на Европскиот шампионат на кружни патеки.

– Во ФИА веќе го препознаа мојот квалитет и дојде понуда од следната сезона да настапувам во Европскиот шампионат на кружни патеки. Во ова натпреварување има место само за најдобрите возачи од Стариот континент. Трките директно се пренесуваат на познатиот телевизиски канал „Еуроспорт“ и има лимитиран број на автомобилисти. Поканата е голема чест за мене, но е и голема шанса за промоција на Македонија – додаде Стефановски.

Европската автомобилистичка елита до пред овие две сезони не знаеше за Игор Стефановски – Иџе, но неговите возачки квалитети придонесоа македонското знаме да стане составен дел од победничкиот пиедестал.

– Станавме препознатливи во Европа, а на сите трки македонското знаме не е само кај подиумот, туку и крај патеката, што претставува голема чест за мене. Нашата земја и нашето знаме заслужуваат да бидат на највисокото место на подиумот. Затоа, сакам по завршувањето на сезоната да седнам заедно со моите спонзори и со сите заинтересирани за позитивна промоција на Македонија и да направиме план за евентуален настап на трките на кружна патека. Се надевам дека ќе успееме да обезбедиме доволен буџет и дека Македонија за прв пат ќе има свој натпреварувач во трки кои се директно медиумски покриени и имаат голема гледаност во Европа – вели Иџе.

Слични написи

iniesta

Иниеста потпиша доживотен договор со Барселона

Андрес Иниеста потпиша уникатен договор со Барселона, кој има доживотна важност. Ова е посебен начин …