вторник , 26 септември 2017
Marija jubilej

Јубилеен концерт на Марија Ѓошевска

Marija jubilej
Во Музеј на град Скопје, во вторник, 20-ти октомври, во 20 часот ќе се одржи јубилеен концерт, 25 години со пијаното, на Марија Ѓошевска.

На програмата ќе бидат изведени дела од Франц Лист, Сергеј Рахмањинов и Бете Илин.

Марија Ѓошевска е еден од најистакнатите пијанисти во Република Македонија. Секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека во нејзината личност македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност.

Музичкото образование го започнува во основното музичко училиште “Владимир Арсовски” во Неготино. Средното музичко училиште го завршува во ДМБУЦ “Илија Николовски Луј” во класата на проф.Снежана Анастасова Чадиковска (1998), а дипломира (2002), магистрира (2004) и докторира (2009) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф.Борис Романов. Во рамките на докторатот под менторство на проф.д-р Томе Манчев успешно го брани научниот труд на тема “Аспекти на влијание на хармонијата врз репродуктивниот процес погледнато низ призмата на делото Соната за пијано D – 960 од Франц Шуберт”.

Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Како солист и камерен музичар настапува на повеќе реномирани меѓународни фестивали. Настапува како солист со Македонската Филхармонија, а значајни се и концертите со Дубровачки Симфониски Оркестар, Камерниот оркестар на Музичка Младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на меѓународниот фестивал “Охридско лето” соработувајќи со повеќе диригенти: Кристоф Кампестри, Антон Нанут, Леонид Николајев, Патрик Штруб, Арилд Ремерајт, Јуриј Алиев, Саша Николовски – Ѓумар, Борјан Цанев и др. Репертоарот на Марија Ѓошевска опфаќа голем број дела од барок до современа музика. Созревањето на Марија Ѓошевска во музичар со врвни перформанси се отчитува и во нејзините чести ангажмани како камерен музичар и пијано – соработник со истакнати инструменталисти.

Hа покана од Државното музичко училиште во Битола, Ѓошевска во периодот од 2010-2011 учествува на европскиот проект “Пијано – рефлексија на европската култура” со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Македонија. Во 2011 одржува целовечерен Рецитал на фестивалот “Piano Plage Festival”во Ouistreham – Франција.

Марија Ѓошевска е редовен професор на катедрата по пијано на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје, член на Сојузот на музички уметници на Република Македонија и член на Сојузот на музички педагози на Република Македонија.

Слични написи

deca2

Како да ги привлечеме младите читатели во библиотеката на тајните?

Како книгата да се приближи до децата, на кои современите технологии и социјалните медиуми постојано …