вторник , 26 септември 2017
osman-kadriu1-500x320-500x320

Кадриу: Зврлевски нема право да оспорува веќе донесени политички одлуки

osman-kadriu1-500x320-500x320Обвинителството на Катица Јанева е уставно, но не е оправдана одлуката на Советот за јавни обвинители да се меша во нејзините планови и да го диктира бројот на нејзини соработници. Советот немаше право да го направи тоа, туку требаше само да ги одобри нејзините одлуки како свечен чин, вели професорот по уставно право, Осман Кадриу. Според него законот за специјално јавно обвинителство не е спротивен на уставот и вели дека државниот обвинител, Марко Зврлевски, нема право да оспорува веќе донесени политички одлуки, по неговата најава да покрене иницијатива пред Уставен суд.

-Дискутабилно е тоа како државен обвинител смета дека има за право да покренува иницијатива кога станува збор за политички договор и кога станува збор за самостојна институција со надлежност да ја расветли и правно разреши вкупната ситуација која е поврзана со снимките и прислушуваните разговори. Специјалното јавно обвинителство е формирано затоа што е изгубена довербата во Основното јавно обвинителство поради неостварување на нивната функција за гонење на криминалот. Нашата земја е на прво место по корупција. Зврлевски нека покрене иницијатива, но мое мислење за законот е дека е во рамки на уставот, уставните одредби и овластувања – вели професорот.

Во самиот Закон за јавни обвинителства, посочува Кадриу, стои дека специјализирано одделение, може да се формира за посебни дела, корупции, конкретни настани или области. Од тие причини Законот не е ниту против постојните законски решенија во земјата, затоа што специјалното обвинителство на Јанева, во случајот се третира како специјално одделени со целосна автономија.

-Законот е донесен со договор, изгласан во парламентот од сите политички партии и сметам дека Уставниот суд не би требало да го оспори доколку работи во насока заштита на уставноста и уставниот поредок. Но за жал, како што е ситуацијата со Уставниот суд во Македонија, ако преовладуваат политички елементи можеда се донесе политичка одлука. Според мое мислење Уставен суд треба да ги отфрли иницијативите како неосновани – смета професорот.

Што се однесува до одлуката на Советот за јавни обвинители, да го преполови тимот на Јанева, професорот вели дека излегол надвор од сопствените надлежности. Гласањето на Советот, вели тој, требаше да биде политички чин, формален акт на изгласување како во случајот кога се изгласа Јанева за специјален обвинител, но без при тоа да се впушти во оценка на кандидатите и на нивниот број.

Уредникот во дневниот весник „Слободен печат“, Жарко Јорданоски, вели дека целта на формирањето на Специјалното јавно обвинителство е да се растерети политичкиот притисок кој беше видлив во Основното јавно обвинителство на Зврлевски.

-Очигледна беше тенденцијата на ОЈО да делува само во интерес на владата на Груевски. Специјалното јавно обвинителство е посебна, недостапна зона за да може да се процесуираат делата кои претходно беа запоставувани и заташкувани. Не е формирано попусто. Ако е тоа противуставно значи и обвинителството за организиран криминал е противуставно, зашто е “паралелно”!? Што има противуставно да се формира специјално обвинителство да речеме за компјутерски криминал, за тероризам, за воени злосторства или во случајов за прислушувани разговори, ако се јавила потреба од тоа? Ако постојат такви дела, со голем интензитет и специфика во материјата? И експертска и политичка, а големо мнозинство пратеници го потврдиле тоа со својот глас во парламентот. Јасно е само дека “вмрафијата” ќе ги стави во свој сервис сите лостови на судската власт што ги има окупирано само за да избега од одговорноста за своите злодела кои спец-обвинителката треба и може да ги процесира. Уште еден доказ зошто беше нужно оваа институција да се формира. Сите овие трикови ќе и ја отежнат задачата, а нам ќе ни ги истенчат нервите, но нема да ги спасат – вели Јорданоски.

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …