недела , 22 октомври 2017
deca2

Како да ги привлечеме младите читатели во библиотеката на тајните?

Како книгата да се приближи до децата, на кои современите технологии и социјалните медиуми постојано им го одвлекуваат вниманието, беше едно од прашањата на кои се обиде да одговори првиот фестивал за литература за деца „Да читаш е кул“, кој од 15 до 17 септември се одржа во „Мала станица“ во Скопје, во организација на издателството „Табернакул“.

Всушност ова е меѓународен проект, на кој имаше и учесници од Албанија и од Италија и беше убава можност авторите и сите што работат за доброто на децата, да поразговараат за актуелните состојби, но и да се договорат за идна соработка.
– Фестивалот е во рамките на проектот „Читатели на иднината“, кој го реализираме во партнерство со издавачката куќа „Дитурија“ од Албанија и со агенцијата „Арчипелаго онлус“ од Италија, со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Замислен е како празник на книгата и на ликовната уметност. Наменет е за деца на возраст од 6 до 14 години, на кои сакавме да им порачаме дека читањето значи откривање, осознавање, патување, уживање и токму затоа треба да читаат, зашто да читаш е кул – ни рече Андриана Драговиќ од „Табернакул“, креативна директорка на фестивалот.

Таа дополни дека имајќи ја предвид важноста на книгите за деца, на манифестацијата беа поканети значајни имиња од Македонија, Албанија и од Италија, меѓу кои имаше автори за деца, илустратори, универзитетски професори, преведувачи, издавачи…
– Имавме стручни дискусии за промоцијата на читањето, поттикнувањето на љубовта кон книгата, организирани посети од училишта, а најважен аспект ни беа работилниците, и одржавме седум средби со деца од трето до деветто одделение, со што ги опфативме сите возрасти. Во петокот писателите Ванчо Полазаревски, Фејзи Бојку и нивните колеги од Албанија, Пандели Кочи и Дијана Чули, се сретнаа со децата од Неготино и од Скопје. Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија имаше работилница за старите македонски зборови, а Нина Анастасова Шкрињариќ од Филолошкиот факултет имаше работилница за словенската митологија. Во саботата, пак, трибината беше насловена „Сите книги се важни“ и се дискутираше за читачките навики кај децата во земјава. Генерално, писателите велат дека е тешко да се бориш со социјалните мрежи и со другите уреди што им го одвлекуваат вниманието на децата. Но тие не се откажуваат, бидејќи ќе сторат сѐ книгата да не исчезне и согласни се дека таа ќе опстане. Само треба да се биде упорен, да им се пласира на децата како опција. Да се работи на тоа и системски, институционално, но и дома родителите да им ја пренесат на децата љубовта кон читањето. Фестивалот заврши во неделата, со работилница со тројца извонредни илустратори: Наташа Костовска, Франческо Гуерини и Александар Сотировски – вели Андриана Драговиќ.

За писателот Ванчо Полазаревски од исклучителна важност се ваквите фестивали, пред сѐ поради средбите со колегите и со младите читатели, од кои многу може да се научи.
– Водев работилница со дечиња од Неготино, дојдени специјално за фестивалот. Темата беше лоши и добри зборови. Всушност се работи за еден чичко што сади лоши зборови, за да биде најлош на светот. Бидејќи, според концептот, сѐ почнува со одредена тема и таа се развива во зависност од интеракцијата на децата, на моја голема радост се отвори нов пат, кон кажување убави зборови, за што децата беа многу порасположени. Тоа и беше поентата, читајќи да се осознаваат нови зборови што на светот околу нас ќе му даваат нијанси и содржина, убавина. Децата беа супер и работилницата заврши така што тие се вратија во Неготино со еден куп нови зборови што ги измислија сами или со наша помош, со што ќе го збогатат и разубават својот град. А на средбата со повозрасни деца од Скопје, ме прашаа од каде ја добиваат писателите инспирацијата. Им одговорив дека едноставно влегуваш во првиот супермаркет и велиш: „Ве молам, дајте ми еден килограм инспирација.“ Со други зборови, доаѓајќи накај просториите овде, јас по патот ги читав градот, небото, автобусите, улиците, лицата… Во еден момент му возвратив една насмевка на едно девојче, како читање емоции, и тој миг можеби ќе се најде во мојата нова книга или во книгата на Фејзи Бијку, со кого заедно ги анимиравме децата, или во книга на девојчето. А тоа и беше целта на работилницата, да се сподели радоста на создавањето – ни раскажа Ванчо Полазаревски.

Познатиот писател за деца и преведувач Фејзи Бојку, исто така, ја поддржува идејата да има што повеќе вакви манифестации за најмладите.
– Секако дека многу е потребен еден ваков фестивал, замислата е многу убава и се надевам дека ќе се реализира и наредните години. Има и претставници од Албанија и од Италија, в година од некоја друга земја. Ние што живееме на Балканот сме мали народи, мали земји и не сме си доволни сами на себе. Затоа треба да соработуваме, подобро да се запознаеме. Сѐе што е вредно и убаво да ни биде заедничко. Ова е и поттик не само за запознавање туку и за уништување на заблудите, кои се раѓаат поради непознавањето, повод да се зближиме, да соработуваме. Јас настапив пред деца од трето одделение од Неготино, заедно со Ванчо Полазаревски. Со поголемите деца исто така се сретнав, имаше и ученици Албанци. Во тој убав склоп, кој личеше на букет цвеќе, ние на македонски и на албански споделивме убави моменти, зборови и чувства – вели Фејзи Бојку.

Тој превел 50 книги од албански на македонски и обратно и вели дека и во иднина ќе продолжи да прави литературни мостови.
Неговиот колега од Албанија, Пандели Кочи, особено ја истакна можноста на овие фестивали за меѓусебно запознавање на авторите што пишуваат на различни јазици.
– Со посебен интерес го следев фестивалот. Вчера имавме средба со македонски и албански деца и не видов никаква разлика во нивниот изглед, сосема се исти и во начинот на размислување, во интересот за книгите за кои зборувавме. Ми поставија многу интересни прашања, спонтани, без помош на наставниците, што докажува дека децата сепак читаат, запознавајќи ги вредностите и мистеријата на творештвото, а најталентираните во иднина ќе станат писатели – истакна Пандели Кочи.

Што значат за децата и воопшто за општеството ваквите манифестации, преку кои книгата се доближува до нив, ја прашавме и Билјана Црвенковска, авторка и уредничка за детска литература во „Арс ламина“.
– Ова е убав потег, бидејќи се воспостави дека сите ние што се собравме тука за доброто на децата имаме исти идеи, како да се унапреди литературата за најмладите читатели, како да се подобри наставната програма, да се осовременат лектирите со наслови поблиски до денешните деца. Бидејќи тие веќе не ги разбираат лектирите, здодевни им се, во преводите има многу архаични зборови што ништо не им значат, се соочуваме со момент кога децата велат: „Наставничке, јас не ја разбирам книгата.“ Но има начини сето тоа да тргне по нагорна линија – вели Црвенковска.

Таа во саботата имаше излагање насловено „Децата во библиотеката на тајните“, за начините како да ја вратиме магијата и да ги привлечеме децата кон книгата, што беше и главна мисија на фестивалот „Да читаш е кул“.

Слични написи

bela nik

„Бела ноќ“ во Скопје

Годинешново 13. издание на манифестацијата „Бела ноќ“, што  ќе се одржи утре, ќе има квалитетна …