понеделник , 25 септември 2017
goran

Како Горан Грујевски ја оценил работата на судството?

Колку навистина е независно судството, а колку цел на неосновани критики? Овие прашања вчера повторно беа ставени во фокусот, откако претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, на прес-конференција реагираше што пет судии на Управниот суд биле сослушани од страна на СЈО во својство на осомничени за донесена одлука. Таа постапка тој ја оцени како противуставна.

Според Караџовски, „недоличното однесување на одредени чинители во македонското општество кон судската фела, покажува нивно неразбирање на нејзината позиција како независна власт, а со тоа ја загрозува и независната положба на судиите“.
„Правиме обид да го зачуваме сопствениот интегритет како судии и да останеме верни бранители на нашата независност, како и да ја поттикнеме јавната свест за моменталните притисоци и влијанија со кои безуспешно се прави обид за уривање на нашиот углед“, рече Караџовски, и побара судиите да бидат заштитени и од медиумски притисоци.
Портпаролката на СЈО, Ленче Ристоска, вчера потврди дека против одредени судии е отворена истрага и дека се повикани да извршат увид во доказите.

„Ниедна личност што работи во државна установа или во судството не е изземена од кривична одговорност, доколку постои сомнение за таква одговорност. Укажувам дека за нас се сите невини се` додека со правосилна пресуда не се докаже спротивното. Тоа важи и за судиите, кои моментално се под истрага“, рече Ристоска.

Низок степен на критичност

Денес, кога оценките за работата на судството редовно се соочуваат со практиката да бидат етикетирани како необјективни, односно како „провладини“ или „проопозициски“, интересно е да се прочита како работата на судиите ја оценил Горан Грујевски, поранешниот началник на Петтатa управа во УБК (еден од осомничените во „Трезор“.Грујевски кој се појавува во неколку случаи на Специјалното јавно обвинителство. За случајот „Тврдина“, му беше определена мерка притвор, но откако одлежа некој дена во Шутка, Судот му ја уважи жалбата и го укина притворот. Тој е и еден од обвинетите во првото обвинение кое го поднесе СЈО, а се однесува на уништување на документација за уништувањето на опремата за прислушување во УБК н.з.)

„(Зло)употреба на посебните истражни мерки“ е насловот на неговата докторска дисертација одбранета во 2014 година на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на УКИМ. Токму во таа Управа деновиве СЈО бара реализирање на две судски наредби, од кои едната за лица што биле опфатени со посебни истражни мерки (ПИМ) од 2008 до 31.12.2015 година. Грујевски, кој и самиот е осомничен во истраги на СЈО, денес е помошник директор за координација во МВР. Решението за ваквото унапредување го потпишал Митко Чавков, непосредно пред неговото заминување од министерската функција и доаѓањето на Оливер Спасовски на чело на МВР.

Грујевски, по долги години на висока позиција во оваа безбедносна институција и по искуството во нејзината соработка со судството, во докторскиот труд напишал повеќе децидни забелешки за работата на претставниците на третата власт.

„Судската пракса досега покажува дека постојат сериозни индиции за злоупотреба на посебните истражни мерки и наместо да помогнат во сузбивањето на криминалот, тие се користат како алатка за повреда на човековите права. (стр. 166) (…) Кај нас искуствата од одлучувањето по барањато за претреси, притвор и сл., покажуваат исто така низок степен на критичност на судството. Колку и да сакаме да биде поинаку, мора да признаеме дека судството кај нас се уште нема сфатено дека заштитата на правата на граѓаните од државата е негова примарна задача, туку напротив, себеси се гледа повеќе како партнер на полицијата и обвинителството во спроведувањето на законот, отколку како нивен контролор. Судиите имаат развиено премногу пријателски пристап кон извршната власт и еден бирократски пристап во толкувањето на правото. (стр.167)

Грујевски во трудот опишал и кон што води злоупотребата на специјалните мерки. (…) „Иако во јавноста мерките се најавуваа како стриктно насочени кон најсериозните закани од организираниот криминал, тероризмот и сл., се отвора пат специјалните мерки широко да се користат. Како што сега стојат работите, терминолошката конфузија, големиот број недоречености, широкиот круг отстапки, нискиот праг за одобрување на зафаќањето во приватноста и малата веројатност за некаква ефикасна контрола, упатуваат на тоа дека во Република Македонија арбитрарното зафаќање во приватноста нема да се редуцира, туку напротив, ќе се легализира. Приватноста и слободата многу лесно ќе се маргинализираат кога ќе се пристапи кон одмерување од случај до случај, а во тоталитетот на случаи ќе добиеме сериозна закана од полициска држава.“ (стр. 168)

Поддршка за СЈО

Каков коментар би дал Караџовски на овие оценки? Тој вчера немаше одговор на прашањето дали се нарушува судскиот интегритет со тоа што УБК не спроведува судска наредба. И додека претседателот на Судскиот совет го одмолчи тој чин, поддршка за СЈОпри спроведувањето на судските наредби дојде „од надвор“. Европската Унија ги охрабрува сите институции во земјата да ја поддржат работата на СЈО без никакви опструкции, изјави за новинската агенција „Мета“ портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич.

„Како што ЕУ неколкупати претходно нагласи, а и комесарот Јоханес Хан минатата недела во Скопје, СЈО е клучен елемент од Договорот во Пржино, потпишан од сите лидери на главните политички партии. Сите тие повеќепати се обврзаа да ја поддржат и да ја олеснат работата на СЈО, без опструкции. ЕУ ја нагласува важноста од правна и од политичка одговорност за прислушувањето и за содржините што произлегуваат од него. Решавањето на сериозните прашања кои се однесуваат на владеењето на правото е клучно за враќањето на земјата на евроатлантскиот пат и за враќање на довербата кај граѓаните“, изјави Коцијанчич.

И од Делегацијата на ЕУ во Скопје вчера потсетија дека „сите страни се обврзаа да ја поддржат работата на СЈО“. Порака стигна и од амбасадата на САД.

„СЈО мора да има можност да спроведе длабока, независна и истрага ослободена од препреки и одлагања и владините институции и политички партии треба да соработуваат во тие процеси. Според Договорот од Пржино, воспоставувањето одговорност за неовластеното прислушување и индициите за владини злоупотреби се клучен чекор за да се заврши политичката криза и да се врати земјата на патот за членство во ЕУ и НАТО“, е ставот на амбасадата.

Важноста на работата на СЈО ја потенцираше и британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет: „Ним им е доделена тешка задача да ги истражат наводите од прислушуваните материјали и да утврдат дали во нив има случај за кој треба да се одговара. СЈО беше договорено од страна на четворицата лидери на главните политички партии и едногласно поддржано од Собранието. Според тоа, никој не треба да и застанува на патот на оваа важна работа бидејќи ако овие наводи не бидат соодветно истражени, не може да има одржлива разрешница на политичката криза.“

Единствено македонското независно судство се уште нема изграден став по ова прашање.

Слични написи

шамија

Омбудсман: На девојчињата во Охрид да им се дозволи со шамија да ја следат наставата

Народниот правобранител најостро ја осудува постапката на Министерството за образование, кое со испратениот допис  му …