недела , 22 октомври 2017
Krasimir_Karakachanov-1170x780

Каракачанов со поддршка за единството и територијалниот интегритет, понуди помош за решавање на спорот со името

Бугарија го поддржува државното единство и територијалниот интегритет на Македонија и е подготвена да помогне во решавањето на спорот за името со Грција, порача денеска бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов по средбата во Скопје со неговата македонска колешка Радмила Шекеринска.

– Ова сакам изрично да го потенцирам со цел да ги прекинам политичките шпекулации – ги поддржуваме дрважното единство и територијалниот интегритет на Република Македонија. Немаме проблем со името на РМ, ја признаваме земјата под уставно име. Подготвени сме да помогнеме во решавање на спорот со други земји со цел конечно да се отворат вратите на Македонија за полноправно членство во НАТО, нагласи Каракачанов.

Одговарајќи на новинарско прашање за изјавите на некои експертти во Бугарија кои порачувале дека Македонија во преговорите со Грција треба да внимава какво име ќе избере Каракачанов порача дека проблем во однос на името меѓу двете земји не постои и оти тоа е проблем со трети земји.

Во врска со ставовите за македонското малцинство во Бугарија и дали ќе има промени на идеологијата по потпишувањето на договорот на 1 август тој рече дека станува збор за многу долга тема.

– Кој се интересира од историјата на македонското прашање, не само откако е создадена Република Македонија, за тоа можам да дадам специјални лекции како историчар. Отсекогаш сум сметал дека не треба да се измислуваат проблеми онаму каде што нема, таков проблем во Бугарија нема. Тука сум во улога на министер за одбрана. Ако сакате да водиме историски разговори ќе зборувам во улога на историчар. Вакви теми не се во корист за добрите односи меѓу двете земји, изјави бугарскиот министер за одбрана.

Каракачанов и Шекеринска потенцираа дека денешната средба меѓу другото е одржана за да се покаже билатералниот договор што го попишале двете земји нема да остане само на зборови.

– Тој договор и она што се случуваше по потпишувањето покажува дека двете држави се свесни дека само преку добрососедството нашиот регион може да оди напред и да ја гарантираме нашата заедничка безбедност, рече Шекеринска.

За кусо време од потпишувањето на договорот од 1 август беа направени работни средби во Скопје, а сите конкретни иницијативи се во тек.

– Главен приоритет на Бугарија за време на претседателството со Европската унија е интеграцијата на Западен Балкан. Нашата позиција е дека Владата на Република Бугарија ја поддржува политика на Република Македонија за членство во НАТО. По потпишување на договорот од 1 август работите почнаа да се движат во позитивна насока, нагласи тој.

Два експертски тима работеле изминатиот период на изработка на план за поблиска соработка и партнерство во делот на одбраната.

Договорено е Македонија да го искористи знаењето и искуството на Бугарија во изработка на стратешкиот одбранбен преглед на РМ за реформите во одбраната и за членство во НАТО. Шекеринска додаде дека уште во ноември е можно да се направат консултации посветени на стратегискиот одбранбен преглед.

На средбата двајцата министри се договориле за зголемување на соработката меѓу специјалните сили, преку заеднички тренинзи, договарање заеднички воени вежби со што ќе се зголеми интероперабилноста на вооружените сили на РМ, но и соработка меѓу армиите.

Договорено е и проширување на соработката во делот на образованието во одбраната, но исто така и образование во делот на воено медицинската обука и школување. Поставени се барања од страна на АРМ за различни специјализирани курсеви.

Каракачанов и Шеќеринска договорија соработка и меѓу воздухопловните суили.

– Тука Македонија може да го понуди својот центар за обука на пилоти, а од друга страна можеме да ги користиме шансите, кои бугарските ремонтни центри ги нудат во делот на ремонтите ни обуката дополнителна во оваа насока, рече министерката.

Македонија и Бугарија ќе планираат заедничка воена вежба во 2018 година, со која како што рече Шеќеринска јасно ќе се покаже дека двете земји се одлучни да градат добри соседски односи и да ја градат заедничката безбедност во регионот.

Таа изрази благодарност до Бугарија што во овој изминатиот период сериозно застанала во одбрана и промовирање на големата стратешка цел – членство во НАТО и додаде дека таа соработка и поддршка е уште поважна, со оглед на тоа дека Бугарија од следната година ќе претседава со ЕУ.

Слични написи

2-ALIMS-13ti-simpozium-2017-1024x986

Бекировски учествуваше на симпозиум во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија

Стручниот тим на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), учествуваше на 13-тиот симпозиум во организација …