вторник , 26 септември 2017
che

КАРПОШ КАПИТУЛИРА ПРЕД ПОДРЖИ КОЊ   

Колумната не се препорачува за деца под 77 години
Неопходен е надзор на родител или старател

 

За да имате подобра власт од таа што ја имате, треба да ја заслужите. Тезата дека работите ќе се средат сами од себе, дека опозицијата треба власта да ја фаќа на кондиција по што таа самата ќе  падне, не е ништо друго туку рефлексија на нашата декларирана малодушност и губитнички менталитет.

Многупати досега се покажало дека кога е во прашање личниот ангажман во насока на заштита на општиот интерес, граѓанската свест е на загрижувачки ниско ниво.

Знаеме да дигаме ука и бука, да кажеме што е тоа што во нашата најблиска околина не ни се допаѓа, да ја обвинуваме власта дека не работи во интерес на граѓаните, дека ни го одзема и она малку надеж што останало во нас. Ама тогаш кога треба да го кренеме гласот, да речеме „стоп“, е тогаш никаде нѐ нема. Ако може да дојде некој од страна, од друг град, од друга држава, да застане во првите борбени редови и да ги реши нашите проблеми, ќе ни заврши голема работа! А ние за тоа време ќе седиме пред компјутер и ќе стегаме „лајк“ за секоја нивна жртва која ќе значи чекор поблиску до нашето подобро утре! Е, така, малку морген!

Последните случувања во Општина Карпош се најдобра потврда за погоре кажаното. Оттаму, прашањето „Дали жителите на Општина Карпош заслужуваат подобар градоначалник од оној што го имаат?“, сфатете го повеќе како реторичко. Бидејќи одговорот е повеќе од очигледен.

Зошто го велам тоа? Затоа што ако во општина која брои 55.000 жители не можат да се најдат 5.500 граѓани кои ќе го дадат својот потпис за да го запрат носењето на деталниот урбанистички план (ДУП) и да го спречат уништувањето на нивната животна средина, тогаш и оној актуелниот градоначалник од кривопаланечко Подржи Коњ им е чиста премија! На следните локални избори нека гласаат за некој од синовите на Амди Бајрам кои во просек имаат незавршено основно образование и за кои терминот „усвојување на ДУП“ е исто што и купување гаќи од тезгите во Шутка. Што ќе им фали? Кога е веќе бал, нека биде маскенбал!

И наместо да се покријат пред срамот од неуспехот на граѓанската иницијатива, карпошовци се гордеат што успеале да соберат „дури“ 2.500 потписи велејќи оти тоа било „огромен граѓански подвиг, израз на сплотеност и заедништво за општото добро“!? Зарем?

Изговорот дека потписите се собирале само на еден пункт, дека тоа се правело за време на работните денови и на сообраќајно тешко пристапно место во просториите на ДИК во Козле, не е ништо друго освен барање алиби и перење на совеста пред пошироката јавност. Се разбира, најмногу пред сопствените деца на кои еден ден ќе треба да им објаснат каде биле тогаш кога требало да му застанат на патот на лудилото и на градежната мафија? Односно, зошто со својата индолентност и незаинтересираност за иднината на идните поколенија, дозволиле парковските површини и она малку зеленило што остана да биде уништено, а на нивно место да никнат надземни и подземни гаражи, станбени згради, деловни објекти…?

Ете затоа жителите на Карпош треба да си ја признаат грешката, да се истопорат пред кабинетот на увезениот градоначалник и да му стават до знаење дека нема да дозволат една од најурбаните општини во државата да биде претворена во нечија приватна прчија.  

И додека тие се пишманеа дали да си го расипат комодитетот за да направат нешто добро за себе и за идните поколенија, пропагандистичката прошетка на озвучениот премиер од македонските села се премести во „Големото јаболко“.

Од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, Грујо рече дека 20 годишниот спор за името со Грција претставувал класична политизација која имала за цел некому да му донесе политички поени!? Каква „маестрална“ анализа на уште помаестралниот манипулатор! Она што недостигаше за да ја заокружи својата теза, беше да каже кој тоа профитирал од дведеценискиот спор? Не мораше воопшто да споменува имиња. Доволно ќе беше да каже кој е најдолговечниот премиер во независна и суверена Македонија и тоа ќе беше сосема доволно.

Во популистичкиот „крстоносен поход“ низ сопствената држава, Грујо пред граѓаните глуми добра вила, па со мобилниот во раце решава комунални проблеми и закажува средби со владини службеници. Затоа пак од говорницата на ОН, во стилот на античките мудреци, драгиот ни премиер зборува за значењето на хуманоста и солидарноста, за самосвеста и за идеалите, за човечноста и за сочувствителноста кон другите!?

Истиот оној кој заговараше да се најде некој кој на Жерновски ќе му залепи едно 5-6 јаки шамари, кој провизијата (читај: арамилакот) не ја смета во проценти туку во конкретни бројки изразени во милиони евра, тој кој троши 600.000 евра за службено возило а плацовите на Водно сака да ги крие со ѕидови високи 7 метри… Баш тој, без да поцрвенее ни за секунда, без и малку перде и срам зборува за вредности, чесност и хуманост?

Поголема перверзија од оваа, тешко дека можете да замислите!

Автор:
Чеге Вара <Прилеп, ебаго!…….(88)>

 

Слични написи

received_10208023772386693

И биднаа безмалку педесет дена од новата Влада!

Колумната ќе ја започнам со една приказна, која оди вака: ,, Бог му заповедал на …