недела , 24 септември 2017
aerodrom-zgrada1

Контраспин: Не СЈО, туку криењето докази за прислушувањето ја загрозува националната безбедност!

Да се тврди дека СЈО со своите постапки за обезедување на докази за основата за две годишната криза во државата ја загрозувале националната и безбедноста на граѓаните, притоа манипулирајќи со многу факти, на пример дека сакале да го исклучат системот – е еден класичен спин. Напротив, оној што ги крие или уништува доказите во овој конкретен случај, е врв на загрозување на националната и безбедноста на државата

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Во присуство на директорите на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) и на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), дополнителниот заменик министер во Министерството за внатрешни работи, Оливер Андонов ја даде следнава изјава за Специјалното јавно обвинитлство (СЈО) што ја сметаме за спин:

Спин: За жал морам да констатирам дека вечерва, односно во тек на целиот ден, госпоѓата Катица Јанева направи исклучителен преседан, во низата преседани кои ги правеше и досега ова е најголемиот преседан, доведувајќи ја во прашање националната безбедност и безбедноста на граѓаните на Република Македонија. Упадот кој се обиде да го направи во просториите за безбедност и контраразузнавање, притоа правејќи си приватна партиска политичка забава со Генералниот секретар на СДСМ, резултираше со нервозни изјави, со подгање на тензииите внатре во мин. за внатрешни работи, со некоректно и вулгарно однесување кон вработените во УБК и поедини раководители во МВР

[Извор: Сител Тв, датум 20.10.2016]

 

Контраспин: Изјавата на Андонов се однесува на влегувањето на тимот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во просториите на УБК на МВР, со цел да обезбедат докази во рамките на тековни истраги од доменот на нивната работа, меѓу кои и за главната – кој, кога и зошто прислушувал во државата.

Во рамките на овој текст наменет за појаснување на фактите околу тоа зошто изјавата е спин, нема да посочуваме детали од тоа што се случуваше  во просториите на УБК во периодот 19 и 20 .10.2016 (и што сé уште се случува додека го пушваме текстот – 16,00 часот на 20.10.2016), туку само ќе се задржиме на главните елементи.

Прво, според правосудниот систем во Република Македонија и според главните два закони во кои се класифицирани кривичните дела и постапките, како и местото и улогата на сите субјекти од системот – а тоа се Законот за крвична постапка иКривичниот законик – Обвинителството е главниот носител на сите истражни дејства. Според тоа ако Обвинителството води истрага врз база на конкретни основани сомненија, има право да побара докази и да ги обезбеди на легален начин каде и да посака.

Второ, доколку Обвинителството, во случајот СЈО, не може да ги обезбеди доказите преку нормална писмена и усна комуникација од некое лице или институција, тоа обезбедува судски налог/наредба за претрес и одземање-предавање на доказите од споменатото лице или институција.

Трето, во случајот со доказите што ги бара СЈО од УБК, постојат две судски наредби и согласно Законот, побарана е и асистенција од полицијата.

Четврто, според изјавите на специјалната обвинителка Катица Јанева и на обвинителката Ленче Ристоска, очигледна е опструкцијата на вработените во УБК и во дел од МВР, кои и и покрај формалната изјава на директорот на УБК дека ќе ја испочитува наредбата, продолжуваат веќе два дена. Еден од примерите на таа опструкција е и фактот што во текот на ноќта помеѓу 19 и 20 октомври, како што посведочи Ристоска, била дадена наредба за нова процедура за влез и излез од МВР, по што обвинителите и истражителите не биле пуштани да влезат и по цел час, вклучувајќи ја и Катица Јанева. Втора, поважна опструкција се гледа во фактот што УБК, како што соопшти Ристоска, „нема капцитет за извршување судска наредба“. Имено, две лица кои по тврдење на УБК биле единствени администратори во целиот главен и помошен систем за прислушување и друго тајно електронско следење, не биле во државата, па на обвинителите наводно нема кој да им овозможи пристап до податоците што ги бараат.

Петто, Обинителите бараат податоци и докази од УБК, а не од БЈБ или од Државниот секретар. Оттука, навистина е нејасно нивното присуство во просториите на УБК и на состаноците и разговорите што ги имаат обвинителите со раководството и лицата од УБК или, пак, произнесување на  директорот на БЈБ Митко Чавков, за тоа кој личел на полициски службеник а кој не – коментирајќи дел од припадниците на единицата Алфа.

Шесто, попречување на собирање докази при истрага или нивно уништување или оштетување, како и неспроведување на судски наредби, се кривични дела.

 

ШТО БАРА ЈАНЕВА?

Влегувањето на СЈО во УБК и со помош на полициска асистениција и Комисија од самото МВР, е со цел да се обезбедат клучни докази за истрагите кои треба да покажат дали прислушувањето е правено во УБК, со која цел и од кога до кога. За ова, по двете судски наредби, се бараат Книгите за евиденција за тајно следење на комуникациите на УБК во периодот од 2008 до 2015, како и обезбедување електронски податоци од главниот и помошниот систем за тоа кои броеви се ставени во системот за следење од кога до кога се следат и врз која основа.

Ние од Основниот суд Скопје 1 прибавивме две судски наредби. Едната е за одземање службена документација на УБК која се однесува за сите прислушувани разговори и нашите истражители веќе ги попишуваат документите во книгите за одземен имот. Втората судска наредба што ја баравме беше за претрес на компјутерски системи, кој е специфичен и круцијален за нашата работа затоа што преку него може да се утврди кои броеви биле приклучени за прислушување (Ленче Ристоска. МЕТА 20.10.2016)

Јанева и нејзиниот тим знаат дека главната опрема со која се правело прислушувањето е уништена, исто како што знаат дека голем дел од евиденцијата е уништена. За ова, Ристоска посведочи уште еднаш на последната прес конференција (после 40 мин.), а сведочат и неколкуте истраги што ги имаат – пред сè „Тврдина“, но и еден обвинителн акт околу незаконско уништивање на евиденцијата. Меѓутоа, специјалните обнвинители, како што е официјално соопштено, сакаат да утврдат дали и во новиот систем, за кој рекоа дел бил во употреба од март 2015 година, се продолжува со незаконско следење, односно без судска наредба и на кои лица тоа се однесува, како и други детали.

Овие докази, особено Книгите за евиденција, ќе покажат дали следењето на граѓаните презентирани од опозицијата во т.н. бомби и сиот оној друг материјал што му беше предаден на СЈО било легално или илегално.

 

БЕЗБЕДНОСТА ЈА ЗАГРОЗУВА ТОЈ ШТО КРИЕ ДОКАЗИ

Обезбедување на клучни докази за тоа кој во оваа земја прислушувал директно или индиректно над 20 илјади граѓани, вклучувајќи и државни функционери, парламентарци, лидери на партии, новинари, бизнисмени и други – е врвно прашање од аспект на националната безбедност и безбедноста на граѓаните. На тој начин ќе се дознае кој ја „бушел“ државата преку тајната полиција и нејзините апарати за комуникација и следење, за кои цели. Всушност, ќе се дознае за корените на оваа долготрајна политичка криза која сама по себе, доколку не се разреши е, исто така, врвно безбедносно прашање, зашто тоа може да доведе од политичка блокада и економски штети, до поделба по политичка, граѓанска и етничка основа, со можност и за инциденти и судири, како и до целосна блокада на институциите на државата.

Оттука, да се тврди, како што тврди Андонов, дека СЈО со своите постапки за обезедување на докази „ја загрозува националната и безбедноста на граѓаните“, притоа манипулирајќи дека сакале да го исклучат системот или дека податоците кај нив (СЈО н.з.) не би биле сигурни, како и редица други небулози – е еден класичен спин. Класично извртување на фактите и вистината.

Напротив, поради се што посочивме погоре, попречувањето на истрагата и непочитувањето на судските наредби, во овој конкретен случај, се директно поврзани со натамошно загрозување на националната безбедноста и безбедноста на граѓаните. Настрана тоа што двете работи се кривични дела и што самото нарекување „преседан“ на акцијата на СЈО, е преседан сам по себе, односно уште еден спин од Оливер Андонов.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа.Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слични написи

шамија

Омбудсман: На девојчињата во Охрид да им се дозволи со шамија да ја следат наставата

Народниот правобранител најостро ја осудува постапката на Министерството за образование, кое со испратениот допис  му …