недела , 20 август 2017
lars

Ларс фон Трир сака да се врати во Кан

По неумесната шега на конференцијата за новинари во Кан во 2011 година, каде што себеси се нарече нацист, познатиот режисер беше прогласен за персона нон грата на францускиот филмски фестивал, и покрај неговите извинувања. Провокативниот Данец минатата недела почна со снимање на својот нов филм „Куќата што ја изгради Џек“, со кој се надева дека ќе влезе во круговите на Кан во 2018 година.
Солената шега скапо го чинеше 60-годишниот дански режисер Ларс фон Трир. Организаторите на филмскиот фестивал го игнорираат режисерот веќе шест години, но се чини со напорната работа на новиот филм, наредната година има шанси да влезе во изборот на филмови во Кан.

Во „Куќата што ја изгради Џек“ се прикажува животот на еден натпросечно интелигентен сериски убиец и неговите голем број убиства во текот на седумдесеттите години во Америка. Филмот спаѓа во жанрот драма. Главната улога ја игра Мат Дилан, а негова партнерка е Ума Труман. Меѓу преостанатите актери се познатата данска глумица Софи Грабол и Рили Кеог, која се истакна во својот последен филм „Американски мед“ на Андре Арнолд.
Режисерот Фон Трир потцрта дека за новиот филм инспирација влече од американскиот претседател Доналд Трамп, кого го нарекува крал на стаорците. Тој почна со снимање на својот нов проект минатата недела во Шведска, а на прес-конференцијата објасни дека станува збор за најтрадиционалниот филм што досега го снимил. Ниту овој пат не отстапува од својата провокативност, па сериските убиства ги споредува со создавање уметност.
Истакнатиот режисер досега на филмскиот фестивал во Кан е двапати наградуван. Неговиот филм „Танцувач во темнината“ во 2000 година освои „златна палма“, а во 1996 година ја доби наградата за драмата „Наспроти брановите“. Досега трипати глумиците во неговите филмови добивале награди за најдобра женска улога, Бјорк за „Танцувач во темнината“, Шарлот Геинсбург за „Антихрист“ и Кирстен Данст за „Меланхолија“.

Своето присуство на канскиот фестивал режисерот го загрози во 2011 година кога на конференцијата за новинари, на промоцијата на филмот „Меланхолија“ се пошегува и го предизвика гневот кај еврејската заедница.
– Долго време мислев за себе дека сум Евреин, но неодамна сфатив дека сум нацист, а тоа на некој начин ми причинува задоволство – изјави тогаш Данецот.

Откако виде колкав шок предизвика во јавноста со својот неумесен коментар, тој се обиде да се извини еден ден подоцна, пробувајќи да ја ублажи предизвиканата штета.
– Ако на вчерашната конференција навредив некого, искрено се извинувам. Не сум антисемитист, немам никакви расни предрасуди и во никој случај не сум нацист. Испадна крајно глупаво бидејќи зборував на англиски, доколку говорев на дански ќе се изразев многу појасно, а мојата поента ќе беше разбрана – рече Фон Трир.

Тој потоа проба да објасни дека сакал да каже дека во Хитлер, интерпретиран од Бруно Ганц во филмот „Хитлер, конечен пад“ видел и човек, а не само ѕвер, и дека тоа било единственото што пробал да го каже.
– Интересно ми е бидејќи во секој од нас лежи и мал нацист, а кај Хитлер лежи мал човек. Тоа сакав да го доловам, но испаднав тотален глупак, наивец и идиот – соопшти тој ден по контроверзната изјава.

По излегувањето од Кан, режисерот помина низ професионална криза поради обидите да се ослободи од зависноста од алкохолот. За алкохолот тој секогаш вели дека му носи адреналин во работата. Кон крајот на 2015 година кажа дека нема повеќе проблеми со инспирацијата, бидејќи повторно му се вратил на пиењето.

Слични написи

timthumb (31)

Уапсен бизнисменот Бенџамин Штајнмец

Милијардерот Бенџамин Штајнмец, кој е сопственик на низа компании во земји на Балканот, меѓу кои …