недела , 22 октомври 2017
Skola-Lazarov-701x701

Лазаров го најави почетокот на Школата за ракомет

По успешно организирано трето издание на ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“, капитенот на националниот тим и најдобар македонски спортист, Кирил Лазаров, со почетокот на школската година почна со Школата за ракомет во целата држава.

Идејата за отворање на Школата, која и претходно ја најави Лазаров, е на секое дете во Македонија, без разлика дали живее во урбана или рурална средина, да му се овозможи во својата земја да има можност да тренира ракомет и да се занимава со спортски активности, а крајна цел е формирање врвни спортисти и личности.

„Сакам да ви соопштам дека со почетокот на школската година јас и мојот тим почнуваме со нов проект наречен „Ракометна школа“ во повеќе градови во нашата држава. Мојот ракометен камп оваа година го имаше третото издание и од година на година се надградува и можам слободно да кажам дека успеавме да направиме препознатлив бренд во кој јас како носител на идејата, заедно со мојот тим, посебно сум задоволен и се гордеам со зацртаното и оствареното. Меѓутоа, работејќи и создавајќи го тој проект, се појави потреба за нов што сакаме да го реализираме, а тоа е да бидеме присутни и да работиме квалитетно со македонските деца во текот на 365 дена во годината. Секој почеток е тежок, но предизвикот е голем. Се работи за иднината на нашите деца и нивно правилно насочување во животот од најмали, а како крајна цел нивно изградување не само како спортисти туку и како личности. Неоспорен е нашиот талент за спорт како Македонци, ќе се обидеме да го искористиме максимално. Време, трпение и поддршка ќе ми бидат потребни, но ќе работиме стратегиски целно и уникатно.
Не сакаме да му бидеме никому конкуренција, нити да се споредуваме, сакаме да соработуваме со сите со заедничка цел за напредок на спортот и ракометот во Македонија од најрана возраст“, се вели во соопштението со кое Лазаров ѝ се обрати на јавноста.

Слични написи

iniesta

Иниеста потпиша доживотен договор со Барселона

Андрес Иниеста потпиша уникатен договор со Барселона, кој има доживотна важност. Ова е посебен начин …