вторник , 26 септември 2017
Снежана Ангелковска Трајковска

ЛЕГАТ

Снежана Ангелковска ТрајковскаТестамент пишува човек на крајот од својот живот. Претходно завршил и професионална кариера. Драган Павловиќ е во таа и таква позиција. Го осетил крајот и на својот живот и на кариерата, па пишал ТЕСТАМЕНТ.

Нам кои го читавме, кристално ни е јасно дека тој не може да го разбере кодот на тестаментот, бидејќи неговата умствена ретардација нема опсег да опфати толку широко. Го читам како лови делови од историјата на државата и тотално незграпно си ги прилагодува според неговите профитабилни пориви и ниски страсти. Сака да испее уште една тажна вмровска жалопојка смешана со славопојка, ама не му оди. Па испаѓа трагикомичен, ем да му се смееш ем да го жалиш, а знаеш веднаш дека не е за жалење. Меѓу редови читаш дека и овој текст прво скапо им го наплатил на нарачателите и началничињата, па отпосле седнал да го состави. Онака ,,збрда здола,, како да е баш од центарот на Велика Плана. Само имам дилема која му е висината на хонорарот што им го наплатил?

Самата соддржина на Тестаментот му е ,,трогателна,,. Иако не може да се разбере за кој тестамент зборува. За оној од ,,бомбите, кои баш него смртно го ранија па рика зарипнат како див ѕвер, кој некогаш бил моќен а денес е премален и свиен од болки. Или пак зборува за тестаментот напишан со крвта од трагите кои тврдото крило на ДПМНЕ ги остави зад себе последниве години? Не читам во тестаментот ниту збор за тие злодела, болно евидентни и јасно видливи и од авион. Полувешто, како да пишува школски расказ, овие злодела избегнува да ги спомене.

Денес е повеќе од јасно, како никогаш порано дека ДПМНЕ е класична спротивност на ВМРО. Примитивното плуралистичко ВМРО на Георгиевски и софистицираното диктаторско на Груевски, изродија ова франкештајновско ДПМНЕ кое со историското ВМРО на Гоце, Никола, Даме, Питу и Јане нема ама баш никаква допирна точка. Ова софистицирано диктаторско ДПМНЕ на Груевски има многу допирни точки со идеологот Павловиќ, чија идеологија е измама за пари, уцена за пари, тв прилози за пари, понекогаш и понекоја крупна компензација. Најчесто на штета на оној кој му паднал в раце и немилост, а немал пари во моментот, како што му се случило на Љубе Бошкоски. Па се вградил во Тестаментот на Павловиќ со џип како компензација. Ама, таа тестаментарна придобивка на Павловиќ, ниту во траги ја нема во Тестаментот. Ќе ја има на барикадите, каде најави дека ќе ја брани. Оти, да помине зимата и Љубе ќе си дојде пак дома. Ќе помине на пат кон дома покрај барикадите, да види таму ли е Докторот, брани ли уште?  

А на барикадите, што да ти кажам. Ликови брадести, беззаби, немиени, полупијани и пијани повлечени од дното на Македонија. Талогот за кој ни во најлош сон не сонувавме дека ќе го го видиме на јаве, среде Скопје, Битола, Охрид, Прилеп. Таквите ликови од барикадите на Павловиќ, тренирани по режирани и уиграни митинзи за некаква лита поддршка на Пастирот, ќе ги бранат злоделата на ДПМНЕ на барикадите на кои повикува Павловиќ. Се разбира под црвено црниот фашистички ванчомихајловистички барјак под кој македонската прогресивна младост падна покосена пред век и пол. Построен под тој барјак, бившиот надежен комунист и СЛОБОВ србосоцијалист Дракче, денес пресоблечен во Доктор Павловиќ, влече паралели па ни беседи за денешнината во однос на минатото и дава упатство како таа ,,тековина,, да се брани. Ти се чини кога го читаш дека скоро па успеал сам себе да се убеди дека баш самиот тој го создал тоа минато, со мала дребна помош на послушниците на Груевски, разбира се. Среќа е што не си верува и си знае сам за себе дека лаже. Дека само клептомански одработува, како што одработувал за сите претходни власти. И душа му трепери додека се соочува со фактот дека конекција со идната нема да фати. Му рикна батеријата!

Скоро па е свесен дека ова со барикадите не му помина и дека удобно Тестаментот му се сместува во литерарен обид на еден актелно успешен клептоман, се понеуспешен каскадер и бивш медиумски акробат кој се трансформирал во кловн. Поентата е како сега во психата на читателот да се вгради можност да се фаќа патриотската нишка која некогашните вмровци револуционери ја зачнале, а овие денешни ДПМНЕ конвертити таа идеја ја первертирале, ја уновчиле и ја продале како високотехнолошки изум достапен само за нив одбраните, нив експертите за високотехнолошки криминал, антимакедонски софтвер криминалци кои најдобро од се на светов што знаат е да трансферираат буџетски пари на нивни приватни сметки по светски егзотични даночни раеви.

Болната опседнатост на Павловиќ со периодот што доаѓа после детронизирањето на другарите му од актуелната власт, спаѓа во сферата на личните стравови и фрустрации. Павловиќ е свесен што го чека, свесен е за грдото финале на неговата кариера монструозно изградена на лага, измама и уцени. Свесен е дека го чека процесно соочување со неделата кои ги има направено без ронка совест. Свесен е дека тоа нема да биде тестамент туку цел еден легат отворен за да се колекционираат на едно место сведоштвата за сите негови злодела. За такво нешто и таков сличен, ни случајно веќе да не и се повтори на Македонија.

Затоа неговиот Тестамент е текст на стравот, текст од паничар и текст од човек изгубен во време и простор. Панично и страшливо фрла анатеми кон СДСМ, однапред за мртви прогласува институции за кои е свесен дека му го спремаат крајот, институции кои ниту првиот збор сеуште не го кажале. Негова лична несреќа и фрустрација е парафот ставен на истата институција токму од страна на неговите пајташи и финансиери од ДПМНЕ. Тој параф не се брише, иако хартијата ја прогласуваат за тоалетна. Апсурдно е тоа што баш тој параф од неговите ќе го означи крајот на неговата промашена кариера на општествен штетник, ретко виден на овие простори. Затоа Доктор Павловиќ денес игра улога на кловн аматер. Претставата завршила, публиката си заминала а Павловиќ останува да ги засмејува трибините, ама акцент дава на засмејување на столчињата од првите редови. Така навикнал. Првите редови плаќаат најскапи влезници.

Нам ни останува да видиме дали во претставата која завршува ќе има соодветен правосудно процесен крај и за мечката од пештерата, Ивона Талевска. Или и таа во последен момент ќе го напушти Доктор Павловиќ и ќе здувне од Македонија, во обид да се спаси. Како негова асистентка во комбинирањето на новинарство и профитерство, со малку или повеќе гламур и политиканство, таа успеа сега при крај пред граѓаните да се легитимира и да се ,,пофали,, со украдени милион евра. Милион причини за нејзино идно процесуирање, милион причини да бега од Македонија, ама и милион причини да ја нема во Тестаментот на Павловиќ.  

Ама само една причина да прашам: Павловиќу, ќе го браниш ли милионот на Ивона на барикадите?

Снежана Ангелковска-Трајковска

Слични написи

received_10208023772386693

И биднаа безмалку педесет дена од новата Влада!

Колумната ќе ја започнам со една приказна, која оди вака: ,, Бог му заповедал на …