петок , 22 септември 2017
kalina kosi

Лек

Ни ги заврзаа рацете, ни ставија фластери преку уста и не пикнаа во тунел, темен и мрачен. Цели 11 години низ тој тунел во темнина чекоревме. Во меѓувреме правевме падни-стани, оти не буткаа, сопки ни правеа. Со глава во ѕид се удиравме, се онесвестувавме, па се будевме. Но продолжувавме да чекориме напред, покрај сите пречки и искушенија, желно очекувајќи и надевајќи се дека еден ден ќе го видиме светлото на крајот од тунелот. Вчера беше тој ден. Всушност ноќ, а надвор сонце. Ја видовме светлината.

Новата влада е токму тоа – светлина на крајот од долг и макотрпен пат посипан со трње. Сонце сред ноќ. Светлина во мракот. Зрак надеж. Верба дека новите луѓе што не пречекуваат на крајот од тунелот, ќе ни ги одврзат рацете, ќе ни ги тргнат фластерите, ќе ни го покажат светлото на денот. Сега е само прашање како ќе бидеме пречекани? Истоштени сме, измачени, измалтретирани, ранети. Ни треба топла прегратка со наметка, топла напивка, топол збор и терапија. Во вас го гледаме лекот! Имајте предвид дека ќе бидеме чувствителни. Ќе се сепнуваме на секој потег, чекор, допир, ненадеен звук или движење. Ќе бидеме сомничави и недоверливи. Затоа што еднаш сме се изгореле. Бидете свесни за тоа, имајте разбирање и третирајте не внимателно и со грижа, така како да на челото ни пишува „Fragile, please handle with care!“

И простете ни, затоа што во ваква состојба ми се чини повеќе се радуваме на крајот на нивното, отколку почетокот на вашето владеење. Оној момент кога почетокот на вашето владеење, ќе го означи почетокот на нашето – на владеењето на граѓаните, верувам дека и за вас многу повеќе ќе се радуваме. По заслуга. Зошто така и само така може и треба да биде. За тој момент работете, зошто тоа е лекот за кој се боревме. Овие пред вас заслужија да се радуваме што ќе си одат, вие направете да се радуваме што сте дошле… за да останете.

ФБ статус Калина Коси

Слични написи

шамија

Омбудсман: На девојчињата во Охрид да им се дозволи со шамија да ја следат наставата

Народниот правобранител најостро ја осудува постапката на Министерството за образование, кое со испратениот допис  му …