вторник , 25 јули 2017
mila-carovska-shatori-lica-so-poprecenost-zena-park

Лицата со попреченост кампуваат пред Собрание, Царовска им вети подобри услови

Родителите и децата со посебни потреби од денеска во наредните три дена со шатори ќе спијат во паркот Жена борец спроти Собранието, од каде што повторно ќе испратат апел да се слушнат нивните барања кои се однесуваат на законските измени за социјална заштита, за здравствено осигурување и во образованието.

Претставници на иницијативата „Пет до дванаесет“ денеска се сретнаа со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која по состанокот изјави дека системот на заштита на оваа група граѓани затаил во изминатиот период.

– Се договоривме граѓанските здруженија да бидат членови на работната група во Министерството, која ќе работи на сите законски измени и процеси во делот на социјална заштита за лицата со попреченост. Договоривме дека административната бариера за преминување на посебниот додаток во додаток за туѓа нега ќе се тргне со законска измена затоа што е целосно нехумано да ги малтретираме родителите на децата кои навршуваат 26 години, повторно да поминуваат низ конзилијарни мислења и комисии на веќе добиена дијагноза – изјави Царовска.

Министерката на здруженијата им ветила дека дневните центри ќе бидат зајакнати со квалитетен кадар и дека програмата ќе биде усогласена во согласност со потребите.

– Доколку измените се спроведат без регистар, ќе креираме политики без да имаме бројки и без да имаме утврдена состојба на лицата. Регистарот не е едноставна операција, но ќе почнеме со вмрежување на сите електронски евиденции во институциите што имаат обврска да евидентираат некое лице со попреченост. Следна фаза од тој регистар е пописот во Македонија, од кој, со додавање на посебна графа, ќе добиеме целосен увид – додаде Царовска.

Граѓанските здруженија преку петиција собраа 10.000 потписи за законски измени за кои се очекува да се достават во Собранието наредните денови. Меѓу многуте барања се: отворање дневни центри, подобри услови во училиштата и во клиниките, како и формирање специјална институција што ќе ги брани интересите на лицата со посебни потреби.

Слични написи

image-0-02-05-24287f281545733e143196a6dc667acc32ba038649d55d7ed1db03937039a43d-V

Едночасовен застој кај Удово, возилата пренасочени кон Јосифово

Околу еден час има застој на патот Удово-Марвинци. Големата колона на возила од Удово се …