вторник , 26 септември 2017
Проевски насловна

ЛИЦЕМЕРИЕ БЕЗ ПРЕСЕДАН: ДРЖАВАТА ГО ЗАБОРАВИ ТОШЕ!

Проевски насловна
Пишува:
Зоран Милошески

Одбележувањето на осмата годишнина од смртта на Тоше Проески го отвори прашањето кое мислевме дека никогаш нема да биде поставено: дали Македонија го заборави Тоше?

Студениот и дождлив 16-то октомвриски петок беше уште подепресивен заради тажната глетка на празното Гумење. Ги немаше вообичаените автобуси и масата народ како во нема тишина се упатува кон вечниот дом на македонската музичка икона. Учениците и професорите од основното и средното училиште од Крушево беа тие кои со своето присуство спречија да пукне срамот па да нема кој да ги пречека 16-те спортисти кои, во чест на Тоше, секоја година го трчаат ултрамаратонот од Нова Градишка до Крушево.    

Дека во организациска смисла нешто не „штимаше“, дека освен скромната посетеност недостигаа и конкретни содржини, беше и повеќе од видливо. Во тој контекст беа и зборовите на Андреј Николоски, првиот човек на Фондацијата „Тодор Проески“, кој рече дека во знак на револт нема да даде изјава на медиумите. За каков револт станува збор? Револт против кого? Револт против што?

Проевски насловна 1

Во петокот ги немаше претставниците на владините институции да положат цвеќе и да запалат свеќа на гробот на Тоше. Одамна ја нема ниту министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска да каже што стана со ветувањата кои им ги даваше на родителите на Тоше? Или, заврна снегот, ги покри трагите?

Што стана со ветувањата дека вечно ќе го памтиме, ќе го чуваме во срцата, ќе го посетуваме неговото вечно почивалиште, ќе му изградиме паметник…? Што имаме денес од сите тие силни ветувања?

Вечното почивалиште на Тоше е во очајна состојба. Нема надгробна плоча, гробот е прекриен со синтелон. Земјата врз која се положени неговите посмртни останки пропаѓа, исто како што пропаѓаат и бекатон плочките околу гробното место. Плексигласот од покривната конструкција одамна ја изгубил заштитната функција и прокиснува при секој посилен дожд или после топењето на првиот снег.

Кажано со неколку зборови, состојбата во која се наоѓа вечниот дом на Тоше има, безмалку, недостоинствен изглед и ни малку не соодветствува на она што Тоше, и како уметник и како хуманист, го направи за својата земја.

Проевски насловна 2

Што се случи со ветувањето дека државата ќе му изгради споменик на Тоше? Во буџетот на Министерството за култура средства за таа намена нема. Малку надеж дека споменикот сепак ќе го здогледа светлото на денот се роди пред 3 години, кога во буџетот на Собранието на РМ беа предвидени 1.000.000,00 денари за негова изработка. Меѓутоа со ребалансот на буџетот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги „избришаа“ планираните средства! За потсетување, во моментите кога пратениците од владејачкото мнозинство ги укинаа планираните средства, во собраниските клупи седеше и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ од Крушево, Цена Матевска-Дуза.

Зарем после сиот оној кич во „Скопје 2014“ и потрошените 600 милиони евра за барокни згради и споменици на контроверзни војводи и комити, не останаа скромни 16.000 евра за споменик на Тоше? Има ли воопшто потреба да ја потсетиме Владата и министерката за култура дека само за трите небулозни жални врби во Вардар потрошија 250.000 евра? Ако кај некој од привремените станари на зградата на „Илинденска“ бр.2 имаше барем малку чест и грижа на совест, тогаш сигурно дека од самата споредба на неспоредливото, на многумина од нив ќе им се зацрвенеа образите. Како што тоа, сигурен сум, никогаш нема да се случи.

Пишувајќи за неколку други медиуми, повеќе пати досега сум ја отворал темата за состојбата во која се наоѓа гробот на Тоше, како и за односот на државата кон најдобриот „амбасадор“ која некогаш нашата држава го имала. Сум упатувал низа прашања до надлежните министерства во Владата, до претседателот на Собранието, до пратениците од власта и до крушевската локална самоуправа. Сите прашања останале без одговор.

Еден од оние кои ветувал решение за проблемот и кој повеќе пати престојувал во домот на семејството Проески во Крушево, е доскорешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Не само што со прст не мрдна да ги исполни дадените ветувања, туку во една од опозициските „бомби“ од разговорот кој Јанакиески го водел со Канческа-Милевска, разбравме какви биле неговите намери поврзани со најблиските на Тоше.

Имено, откако добил сознанија дека, наводно, семејството на Тоше не гласало за ВМРО-ДПМНЕ, екс-министерот предложил да ја избркаат од работа неговата сестра и да го затворат музејот, односно Спомен куќата!

„Овие од Тоше семејството против нас се. Што правиме? Да му ја избркаме таа од работа ако не и да не му даваме повеќе 3.000 евра, да го затвориме музејо?“, ѝ предложил Миле на својата колешка Канческа-Милевска.  

Ова е веројатно најдобриот доказ за лицемерието на актуелната владејачка гарнитура, за нејзиниот однос срамен и недостоинствен однос кон човекот кој беше многу повеќе од обична музичка ѕвезда. Бидејќи, за разлика од поголемиот дел од лажните патриоти кои државата ја доведоа до ова дереџе, Тоше си ги сакаше и својата земја, и својот народ.  

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …