петок , 22 септември 2017
invest in

Македонските транспортери ќе се спасат од задолжителните „кипарски“ налепници

Македонските превозници изгледа конечно, по две и пол години, не ќе мораат на возилата да ставаат налепници, кои наводно треба да испраќаат порака за инвестирање во Македонија, а се напишани погрешно. Веб-страницата „инвест.ком“ (invest.com) не води до содржина која се однесува на промовирање на Македонија како поволна бизнис-дестинација, туку е веб-страница на компанија регистрирана на Кипар која нуди инвестициски услуги.

Транспортерите задолжително треба да ги имаат овие налепници на превозните средства од 1 јануари 2015 година и сами да ги плаќаат. Обврската постои во правилникот за посебни техничко-експлоатациони услови за возилата за вршење одделни видови превоз во патниот сообраќај.

Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“ смета дека оваа обврска повеќе не треба да постои.

„Тоа не може да биде услов за превозниците да вршат превоз. Треба да се избрише од правилникот. Имаше и грешка во адресата“, вели Муратовска.

Таа додаде дека бришењето на оваа обврска од правилникот ќе го побара од Министерството за транспорт и врски, заедно со другите барања што ќе ги достават до нив.

Муратовска нагласи дека преку овие налепници „некој се обидел да продаде веб-страница“.

„Мислам дека тоа беше една „шема“ која се обидоа да ја спроведат пониските ешалони на власта“, додава таа.

Кога ја воведоа оваа обврска, од Владата изјавија дека преку содржината на самите налепници се испраќа порака за инвестирање во Македонија и сметаа дека тоа е уште еден директен начин на промоција на земјата во сите земји каде сообраќаат македонските превозници.

Македонија нема некои видливи врски со Кипар. Последен случај на поврзување беше откритието на БИРН дека вицепремиерот Владимир Пешевски, спротивно на законот, е директор на кипарската компанија „Фертисимо инвестмент лимитед“.

Тој, според БИРН, ја отворил фирмата во април 2006 година, додека бил генерален менаџер на СЕАФ – Меѓународен инвестициски фонд за директни инвестиции во приватни компании на Балканот, а воедно бил и главен инвестициски советник при продажбата на неколку српски и косовски компании на странски инвеститори.

Компанијата е сè уште активна, иако во меѓувреме Пешевски стана вицепремиер.

Слични написи

шамија

Омбудсман: На девојчињата во Охрид да им се дозволи со шамија да ја следат наставата

Народниот правобранител најостро ја осудува постапката на Министерството за образование, кое со испратениот допис  му …