вторник , 26 септември 2017
che

МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОСЛЕДНИОТ КРУГ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години
Неопходен е надзор на родител или старател

 

„Некои луѓе предизвикуваат среќа каде и да одат, други пак кога и да си заминат“.

Оскар Вајлд

Никој разумен човек во државава не очекуваше дека спроведувањето на договорот од Пржино ќе оди како подмачкано. Штом некаде прсти замеша чедото на мајка Нада, нема тука надеж зборот да биде збор. Особено не кога тоа не му оди во прилог. А нему не да не му оди, туку му гори под г.зот како никогаш порано!

Какви гнасотилаци може да смисли и кого сѐ Пастирот е подготвен да жртвува само за да ја спаси сопствената кожа, во тоа никој не може да биде сигурен. Оти таман сте помислиле дека дури и тој може да има црвена линија, веќе следниот момент следува демант: не постои таква линија преку која не би преминал, не постои ветување кое не би го погазил. За некаков, пак, пишан документ кој во секое време може да го прогласи за „Палома хартија“, ич око не му трепнува.

Она што секој самосвесен граѓанин на нашата држава треба и мора да го разбере, е дека наближува денот кога ќе треба да се исправиме пред дилемата: тој или ние? Грујо и фамилијата или граѓаните на Македонија?
Колку и да кажаното звучи по малку апокалиптично, сѐ повеќе станува јасно дека тој и врхушката на неговата партија од една, и сите ние, граѓаните на Македонија од друга страна, немаме иста визија за тоа во каква држава сакаме да живееме. Нивниот поглед е насочен кон Белизе и некој друг даночен рај, нашиот кон западот и копнежот по достоинствен живот. Тие нивната среќа ја гледаат во изнесувањето полни куфери со туѓи пари, ние во враќањето на нашите деца од белиот свет.

Опозицијата да се откаже од преговорите со клептоманската банда, САД и ЕУ да кренат раце од посредничката мисија, а договорот од Пржино да се прогласи за ништовен – тоа е она за што Грујо подолго време сонува, а кое може јасно да се види од трторењето на неговите медиумски гавази.

Што потоа?

Се прашал ли некој зошто портокаловите маалски штабови уште од септември работат со полн капацитет? Заради априлските избори, сигурно не! Првата од двете можни причини за нивното ставање во погон треба да се бара во дискретно најавените протести кои фамилијата има намера да ги организира во име на „одбрана на државата од странските платеници и домашните квислинзи“. Тоа е најсигурната форма за засилување на притисоците врз сопственото членство кое по секоја цена треба, во еден скорешен есенски ден, да ги исполни скопските улици.

Освен тоа, додека автобусите го возат членството за Скопје, украдените пари треба да се носат во друг правец – во странство! Оти колку и да се труди да нѐ убеди дека во април повторно ќе го слушаме истиот иритирачки глас „…и во Чашка, и во Конче, и во Битола, и во Василево, и во Кисела Вода…“, на најдолговечниот македонски политичар со 14 годишен стаж во извршната власт, повеќе од јасно му е дека ова е неговата лебедова песна и дека маратонците го трчаат последниот круг.    

Штабовите работат и заради можните предвремени избори. Ама не оние договорените, априлските, туку оние кои Трајко би ги закажал за декември! Доколку ваквите прогнози се остварат, во тој случај, како што налага логиката, СДСМ и опозицијата нема да учествуваат на нив. Но затоа е тука, на пример, Љубчо со неговата партија, или она што остана од неа, која заедно со уште 2-3 актуелни коалициски партнери малку ќе си „играат“ опозиција. А после изборите, сите ќе се најдат на купче и пак ќе бидат среќно семејство, со што во ФИРОМ и формално ќе се официјализира едноумието.

Заради превенирање на сите овие можни сценарија поради кои Македонија ќе го загуби кандидатскиот статус и ќе дојде на чекор од хаосот, целата домашна демократска јавност треба да им даде поддршка на СДСМ и на меѓународните посредници во нивните напори за целосна имплементација на договорот од Пржино. Можеби токму првата недела од ноември може да се покаже како „денот Д“ во кревање на маглата и отворање пат за еднаш договорените услови за одржување фер и демократски избори?

Се чини дека дипломатите од Брисел и Вашингтон конечно сфатија со кого имаат работа и дека единствениот разбирлив јазик за македонската ендемска мешавина на Орбан и Лукашенко е оној чија абецеда се зборовите: корупција, уцена, провизија, мафија, лицемерие, квазипатриотизам. Секоја поинаква комуникација со креаторот на сите несреќи во најмизерната земја во Европа, не е ништо друго освен разговор на глуви.

Впрочем, во таа насока е и последната јасна и директна порака која амбасадорите на најмоќните и највлијателните земји во Европа, вклучително и САД, му ја упатија на Грујо:

“Го повикавме премиерот Груевски да си го овласти тимот за да го финализира договорот по нерешените прашања од договорот од Пржино и брзо да ги спроведе сите неопходни реформи за да обезбеди рамноправен терен за избори и нивно и национално и меѓународно признавање како веродостојни, како и сносење одговорност за евентуални нерегуларности. Во врска со ова последново, очекуваме на специјалната обвинителка, едногласно избрана во Парламентот, да ѝ се дадат сите барани ресурси за да ѝ се овозможи да почне да ја извршува оваа важна работа”.  

ПС: Пратениците треба час поскоро да изгласаат закон со кој, по скратена постапка, на Хорхе ќе му се одземе пасошот. Тоа што секојдневно се брука на домашен терен не е ништо ново, оти и онака никој од него не очекува да каже нешто паметно. Ама дајте барем нека не ја резили државава по светот, и онака тоа доволно го прават неговите наредбодавачи.

 

Автор:
Чеге Вара <Прилеп, ебаго!…….(91)>

Слични написи

received_10208023772386693

И биднаа безмалку педесет дена од новата Влада!

Колумната ќе ја започнам со една приказна, која оди вака: ,, Бог му заповедал на …