недела , 20 август 2017
mijalkov-sjo-860x680

Мијалков вети дека нема да бега, апелациските судии му веруваат на зборот

За поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков нема притвор. Него Апелацискиот суд Скопје со решението го задолжи секој четврток до 12 часот да се јавува во Основниот суд Скопје 1 на шалтер број 5, му се одзема неговата патна исправа и му се забранува издавање на нова. СЈО бараше притвор за Мијалков, а тој се жалеше на одлуката за одземениот пасош и преку неговиот бранител бараше да се поништи одлуката за определените мерки за претпазливсот и да му се врати пасошот. Апелацискиот суд одлучи да ја одбие жалбата на СЈО и да ја потврди одлуката на првостепениот суд. Меѓу фактите и околностите кои судот ги земал во предвид за да ја донесе ваквата одлука, според решението објавено на страната на судот се и тоа што Мијалков се појавил на јавната седница и дал ветување дека редовно ќе се јавува во судот.

Апелацискиот суд одлучи дека во случајот со Сашо Мијалков жалбените наводи на СЈО се неосновани. Одлучи дека првостепениот суд правилно постапил кога не му определил мерка притвор, туку му определил поблаги мерки. Според решението на Апелацискиот суд, при одлуката за одбивањето на жалбата на СЈО, судот ги земал во предвид и околностите дека обвинетиот е со познат идентитет, има воспоставено семејни релации со неговото место на живеење, има оформено потесно семејство и е татко на две деца.

Судот, се вели во решението, го ценел и фактот што работните ангажмани на Мијалков се во Република Чешка и неговите егзистенцијални релации се  надвор од Република Македонија, но истата не ја цени како изолирана од другите околности. Оттука, се вели во решението, жалбата на СЈО е неоснована.

Ставот на судот да прифати поблагата мерка за определување на присуство за Мијалков, а не да му определи притвор е поткрепена и со тоа дека обвинетиот се појавил на јавната седница на Апелацискиот суд и дал ветување за негово присуство во текот на постапката.

Првостепениот суд, се вели во решението на Апелацискиот суд, донел одлука врз основа на факти и околности, а истата таа одлука ја потврди и второстепениот суд.

Мијалков пред судиите тврдеше дека неговото однесување кон обвинителството е беспрекорно, дека на повик се јавувал во истото, иако бил во странство и неколку пати ги менувал авионските билети. Наведе дека никогаш не помислил да ја напушти државата, убеден е во неговата невиност и верува во професионалноста и објективноста на овој суд. Даде изјава пред судот дека секогаш ќе биде присутен во текот на постапката. Тој пред апелационите судии на јавната седница вети дека редовно и уредно ќе се јавува во судот на секоја покана.

Според решението на Апелацискиот суд изречените мерки на претпазловост за Мијалков ќе траат додека има потреба од тоа, а судот по службена должност на секој два месеци ќе ја преиспитува одлуката од траење на мерките на претпазловост. Во случај доколку Мијаков не се придржува кон мерките кои му ги наложил второстепениот суд во решението, судот можа да му изрече друга мерка за определување на присуство.

Специјалното обвинителство побара притвор за Мијалков поради опасност од бегство.

“Имајќи го во предвид однесувањето на обвинетиот во текот на претходната постапка, односно дека ниту една пратка од обвинителството не е примена на адресата каде обвинетиот живее или пак престојува, а ова дотолку повеќе што обвинетиот бил создавач на злосторничко здружување поради што неминовно е во комуникација и корелација со останатите обвинети лица, а на товар му се ставаат кривични дела кои имаат големи штетни последици по однос на уставно загарантираните права на слобода и неповредливост на писмата и сите други облици на комуникација.Од друга страна има стекнато голема моќ во сите општествени сфери во државата, како и воспоставени релации и контакти надвор од границите на Р.М., па овие околности упатуваат дека обвинетиот може да се даде во бегство и да ја напушти државата, како и да стане недостапен на органите на прогонот и во рамките на територијата на Р.М., заради што присуството на обвинетиот во постапката, нема да се постигне со определување на друга мерка за обезбедување присуство на обвинетиот, освен со определување на мерката притвор”, пишува во жалбата на СЈО до Апелацискиот суд во Скопје.

“Јавниот обвинител Ленче Ристоска наведе дека во кокретниот случај била предложена мерка притвор против обвинетиот поради опасност од бегство. Првостепениот суд ја подценил опасноста од бегство, а како аргумент зошто се бара мерка притвор наведе дека обвинетиот повеќе пати бил повикуван да даде исказ, но не доаѓал и не ги примал поканите на наведената адреса. Додаде дека согласно анкетните листови, како и извадок од Регистар во Р.Чешка, обвинетиот поседува стан во оваа странска држава и е управител на компанија во истата, а како околности за опасност од бегство за што приложи доказ. Јавниот обвинител Артан Ајро додаде дека обвинетиот е управител и обавува дејност во странство во наведената фирма, па оттаму произлегува опасноста од бегство кај обвинетиот”, се вели во решението на Апелацискиот суд.

“Бранителот Љупчо Шврговски наведе дека обвинителството сака да ги измести тезите и да воспостави теза дека обвинетиот имотот го стекнал во периодот за кој се обвинува, меѓутоа, обвинетиот имотот го стекнал уште во 1993 година и ако тој имал интенција да ја осуети постапката би заминал во странство и немал да се врати во земјата. Обвинетиот ги прекинувал патувањата и во ниеден момент не сакал да ја осуети постапката. Во моментот кога бил поднесен предлог за притвор до првостепениот суд, обвинетиот бил на пат, но се вратил во Р.М., а согласно ветувањата кои ги имал дадено и нема намера да ја попречува постапката. Наведе дека е запрепастувчки фактот да се бара определување притвор на поднесен обвинителен предлог, заради што изрази сомнеж за постоење на политичка пресметка”, се вели во одлуката на второстепениот суд.

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контразузнавање, Сашо Мијалков е обвинет во споениот случај „Таргет“ и „Тврдина.

Слични написи

Hristijan-Kostov

Костов: Болницата „8 Септември“ има долг од пет милиони евра

Градската општа болница „8 Септември“ има долг од 5 милиони евра или околу 243 милиони …