вторник , 26 септември 2017
Цветомир Угриноски

МИЛИОНСКИТЕ БИЗНИСИ НА ФИРМАТА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ВЕВЧАНИ

 

Цветомир Угриноски
И територијално, и според бројот на населението, Општина Вевчани е најмалата општина во Република Македонија. На површина од 35 км
2 живеат едвај 2.500 жители. Општината е уникатна и по тоа што на нејзината територија гравитира само едно единствено населено место-Вевчани. Дека во нашата „чудесна“ Македонија сите чуда се можни, покажува и тоа што дури и во една таква, според сите параметри, „минијатурна“ општина, постои моќна фамилијарно-политичко-бизнисменска спрега која преку своите фирми годишно „врти“ неколку милиони евра.

За вевчанското семејство Угриноски, за нивните бизниси со владини институции, за роднинската врска со двајцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот Крсто Мукоски и екс-пратеникот Александар Спасеновски, во две продолженија читајте на РеволуционерМк.

Пишува: Зоран Милошески

Во прилепската населба „Точила“ привршува изградбата на 76 станови наменети за лица од различни социјални групи. Становите се градат со средства од Европската банка за обнова и развој, Владата на РМ и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката (АДССПП). За становите, како и за уште 25 други изградени во Демир Хисар, Министерството за транспорт и врски деновиве распиша оглас за нивна распределба која ќе биде извршена по електронски пат.

„ВИА Инжинеринг“ ДОО увоз-извоз Цветомир Вевчани е фирмата која ги градеше становите. Од договорот објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки може да се види дека вредноста на договорот со вклучен ДДВ изнесува 121.985.747,00 денари, или приближно 2 милиони евра. Договорот е склучен во постапка со преговарање, без претходно објавен оглас.

Социјални станови

Оправданоста за изборот на постапката од АДССПП ја објаснуваат со непостоење на конкуренција. Првото логично прашање што само по себе се наметнува, е како тоа во време кога домашните градежни компании мака мачат да дојдат до работа, на тендер вреден 2 милиони евра се јавила само една градежна фирма? Која е, всушност, „ВИА Инжинеринг“, фирмата без која на Владата ќе ѝ пропаднеше бизнисот?

Цветомир Угриноски – ем градоначалник, ем градежник

Друштвото за градежништво, производство, трговија, угостителство и услуги „ВИА Инжинеринг“ ДОО увоз-извоз Цветомир Вевчани, е фирма основана во 2000 година чија приоритетна дејност е изградба на станбени и нестанбени згради. Нејзин основач и сопственик е актуелниот градоначалник на Вевчани Цветомир Угриноски, а управител е неговиот син, Милан Угриноски.

Што се однесува до договорот за изградба на социјалните станови во Прилеп, интересно е да се напомени дека истиот бил склучен на 18.03.2013 година, односно само 6 денови пред одржувањето на локалните избори во кои Угриноски, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, победи во првиот изборен круг.

А дека последните десетина дена пред почетокот на градоначалничкиот мандат на Угриноски биле исклучително плодотворни за неговата фирма, потврдува и тоа што на 14.03.2013 година, односно само 4 денови пред склучувањето на договорот за изградба на социјалните станови, фирмата на Угриноски склучила уште еден договор со АДССПП: за сума од 38.720.602,00 денари „ВИА Инжинеринг“ договорила изведба на градежни, градежно занаетчиски, занаетчиски, инсталатерски и други работи, повторно во постапка со преговарање и без претходно објавен оглас!  

Повеќе од очигледно е дека во 2013 година бизнисот на Угриноски и неговата фирма со АДССПП им одел од рака. За тоа најдобро зборува податокот дека истата година меѓу двата субјекта била склучена уште една јавна набавка, и тоа повторно во постапка со преговарање, без претходно објавување на оглас. Вредност на договорот: 38.720.602,00 денари.   

Згради Точила

Потврда за одличната соработка на „ВИА Инжинеринг“ со АДССПП се и двата други договори склучени во 2012 година за вкупна сума од 15.467.491,00 денари, во кои предмет на договорот на јавната набавка било тековно и инвестиционо одржување на објектите со кои стопанисува АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката.

Да не заборавиме: во времето кога „ВИА Инжинеринг“ ги склучи погоре наведените договори за јавни набавки, Генерален директор на АДССПП беше и сѐ уште е Цветко Грозданов, поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. Зошто е оваа информација важна за целата приказна?

Вујкото градоначалник, внукот пратеник

Освен што се занимава со политика и со менаџирање на финансиски моќна институција каква што АДССПП, според кажувањето на жителите на Вевчани и според тврдењето на познавачите на приликите на охридско-вевчанската „врска“, неофицијално, Грозданов е еден од сопствениците на коњичкиот клуб „Свети Спас“ од Вевчани. Негов ортак во овој бизнис е пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Вевчани Крсто Мукоски, кој во јавноста стана познат по поднесувањето на предлог законот за забрана на објавување на опозициските „бомби“.

Конечно, пред да се прашате која е, пак, врската на Мукоски во оваа папазјанија, веднаш да кажеме дека Крсто Мукоски е внук од сестра на градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриноски!

Одличната соработка на „ВИА Инжинеринг“ со Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и делов простор на РМ датира од поодамна. Така на пример, во 2009 година јавното претпријатие со фирмата на вевчанскиот градоначалник склучиле договор за работа на објект во Битола, а вкупната вредност на јавната набавка изнесувала 105.403.906,00 денари, или 1.700.000 евра!

Во истата година, со истото јавно претпријатие биле склучени повеќе договори за јавни набавки за извршување дополнителни работи на објекти во населбата „Јурија“ во Скопје. Притоа, сите договори биле склучени во постапка со договарање, без претходно објавување на оглас. Поединечната вредност на секој од склучените договори се движела околу или нешто над 1.000.000,00 денари.  

„ВИА Инжинеринг“ гради во сите општини ширум Македонија

Меѓутоа, Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор не е и единствениот партнер на „ВИА Инжинеринг“. Официјалните документи од Бирото за јавни набавки покажуваат дека фирмата била присутна во речиси сите општини во државата и имала одлична соработка со повеќе локални самоуправи.

Фирмата на Цветомир Угриноски во Берово изградила колективна станбена зграда со 50 станови наменети за социјални семејства, проект кој (повторно) преку ЈП за станбен и деловен простор го финансирала Владата на РМ, додека во 2012 година била дел од економските оператори кои вршеле изградба, реконструкција, санација и тековно одржување на градежни објекти на јавни површини на територијата на Општина Центар. Проценетата вредност на рамковната спогодба изнесувала 70.000.000,00 денари.  

Практично е невозможно да се споменат сите зделки кои во изминатите неколку години „ВИА Инжинеринг“ ги склучила со Владата на РМ, со разни министерства, општини, јавни претпријатија и други државни институции.

За крај на овој дел од приказната, ќе го споменеме случајот за договорот за јавна набавка склучен во 2011 година со Општина Гевгелија, кој воедно претставува одличен шлагворт за вториот дел од прилогот на РеволуционерМк со работен наслов „Досие вевчанска фамилија“.

Јавна набавка Цветомир

Имено, се работи за два договора во висина од 5.506.294,00 денари склучени во постапка со договарање, без објавување на оглас. Она што оваа јавна набавка ја прави специфична, е што за извршување на дополнителните и непредвидени работи за реновирање на зградата на театарот во Гевгелија, како партнер на „ВИА Инжинеринг“ се јавува фирмата „ВИА ДОО“, чие седиште е, погодувате, исто така во Вевчани!

Која е „ВИА ДОО“ и што е тоа што неа, освен сличноста во називот, ја поврзува со „ВИА Инжинеринг“?

Што ги поврзува „ВИА ДОО“ и поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Александар Спасеновски?

На кој начин Трајко Велјаноски е дел од оваа приказна?

Која стои зад Друштвото за производство, трговија, угостителство, градежништво и услуги „АТРИУМ“ ДОО увоз-извоз Вевчани?

За сето ова во недела, 25-ти октомври, читајте на РеволуционерМк.

Продолжува…

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …