вторник , 26 септември 2017
Jovan-Mitreski

Митрески: Власта повторно собира арач од фирмите

Jovan-MitreskiОд опозицискиот СДСМ обвинуваат дека „власта во заминување, деновиве повторно собира арач од малите и од средните претпријатија“. Тие посочуваат дека, „власта бара од сите правни субјекти, коишто мораа да воведат фискални каси со ГПРС, да плаќаат нова давачка од 60 евра за воспоставување на некаква ГПРС-врска, која не треба да чини ништо.“

– Целта на власта е да извлече повеќе од 12 милиони евра од претпријатијата, за да може да ги пополнува своите буџетски дупки, за нови барокни фасади и панорамски тркала од 18 милиони евра. Прво, им наметна трошоци и обврска да имаат две фискални каси, потоа измисли казни од 3.000 евра за непоседување ваква фискална каса со ГПРС. А сега, неуспешноста на спроведувањето на ваквите апсурдни мерки ќе го наплаќа со дополнителни 60 евра. Нови 60 евра за ново ништо – изјави пратеникот Јован Митрески.

Тој посочува дека фактот што во септември годинава, УЈП има најмала наплата на ДДВ во последните неколку години, „покажува дека оваа власт со ваквите трошоци што им ги наметнува на претпријатијата, само стимулира сива економија и затворање на претпријатијата“.

– Овој грабеж на малите и на средните претпријатија мора да престане. СДСМ во „Визијата за Македонија“ предвидува дека ќе ги преиспита договорите со овие компании, ќе ја укине ваквата обврска на имателите на фискални каси и евентуалниот реален трошок за тоа ќе го намирува од средствата од буџетот. Исто така, претпријатијата ќе ги ослободиме од плаќање апсурдни казни и давачки. Ќе ја зголемиме наплатата на ДДВ и секој граѓанин ќе има можност да поврати 15 проценти од вкупниот ДДВ што го исплатил на државата во текот на една цела фискална година – додава Митрески.

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …