петок , 22 септември 2017
napadnat_novinar_od_telma

НАСИЛНИКОТ ПРИВЕДЕН: Нападнат новинар пред зградата на МВР

Новинар од телевизијата „Телма“ вчеравечер бил нападнат пред влезот на Министерството за внатрешни работи од каде што требало да се вклучи во вестите во живо.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека случајот е пријавен кај нив вчеравечер во 21 и 20 часот. Новинарот Павле Беловски без причина бил физички нападнат со клоци и со тупаници од страна на К.П. (32), пред главната капија на МВР. Напаѓачот веднаш бил приведен во полициската станица Центар.

Новинарот не е тешко повреден, а поголем инцидент бил спречен и поради навремената реакција на полицајците кои биле во близина, со оглед на тоа што нападот се случи пред седиштето на МВР.

Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) најостро го осуди нападот. Оттаму велат дека ова е шести напад врз новинар од известување на настан оваа година.

„Ја поздравуваме брзата реакција на припадниците на МВР кои го привеле напаѓачот, но во исто време искажуваме крајно незадоволство од бавната реакција на надлежните институции, кои во крајна инстанца не ги решаваат овие случаи ниту брзо ниту задоволително во поглед на правдата. Јавноста знае, а институциите треба да се свесни дека физички или друг тип загрозување на новинар, особено на работна задача, е напад врз слободата на информирање и во крајна линија напад врз демократското уредување на државата“, велат од ССНМ.

Слични написи

шамија

Омбудсман: На девојчињата во Охрид да им се дозволи со шамија да ја следат наставата

Народниот правобранител најостро ја осудува постапката на Министерството за образование, кое со испратениот допис  му …