вторник , 26 септември 2017
kire-nsaumov

Наумов-Хоџа : Mалите и средни компании мора да бидат основа за понатамошниот раст и развој на државата

Дополнителниот заменик министер за финансии, Кире Наумов денес оствари средба со претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа.

Денешната средба е продолжение на посетите што дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов ги остварува со стопанските комори во Република Македонија. Во наредниот период ќе се оддржат средби и со останатите комори, здруженија и асоцијации. Средбите со групациите на македонските компании се од исклучителна важност при креирањето на идните економски политики и истите ќе се оддржуваат на редовна основа.

Ова е една од серијата средби коишто ги имам со стопанските комори во последниот период. Овие средби ќе продолжат и понатаму, со другите здруженија и асоцијации на бизнисмени.

Целта на оваа средба, по моја иницијатива, со Стопанската комора на Северозападна Македонија, беше да ги слушнеме директно, од прва рака, нивните искуства околу бизнисот, односно она што се случува во последниот период во државата.

Слушнавме многу конкретни добри забелешки, добри мерки, коишто се прифатливи и брзо применливи и коишто понатаму можат да овозможат многу подобра бизнис клима и раст и развој на македонската економија.

Заклучивме, и останувам на тоа дека домашните компании, пред се малите и средни компании мора да бидат основа за понатамошниот раст и развој на државата и мислам дека тие мораат понатаму да бидат многу повеќе подржани, за разлика од тоа што се случува до сега.

Исто така заклучивме дека мора да постои финансиска дисциплина, односно мора државата да ги исполнува навремено сите обврски кон бизнисот, односно кон стопанствениците. Притоа не може да не ги исполнува обврските, а истовремено да бара од бизнисот да тие ги исполнуваат обврските навремено или да ги блокира нивните сметки.

Нема да дозволиме во предизборниот период било каков политички притисок од страна на државата кон бизнис заедницата. Останувам на располагање за било кои проблеми кои понатаму можат да ги имаат компаниите.

Верувам дека со завршување на кризата, со примена на вакви мерки, со грижа кон домашните приватни компании, следува период на брз раст и развој на Република Македонија.

Прашање:

1. Господине Наумов, со оглед на тоа дека веќе еден одреден период сте во МФ, а еве се жалат и на намалена ликвидност фирмите, но и на повратот на ДДВ. Вие како гледате на овие работи, односно каква е фактичката состојба? Можете ли да ни кажете?

Кире Наумов: Основниот проблем е тоа што Министерството за финансии продолжува со истиот начин на работа, како и пред тоа. И овој министер, во периодот последниве месец и нешто, откога сум на таа функција воопшто и не соработува. Односно, досега за сите пратени барања за било каква информација директно до неговиот кабинет, значи не зборам за некои раководители, немам повратно ниту една информација од господинот Кирил Миноски.

Еден период беше на пат, потоа се врати од пат. Имаше буџет и слично. Сега веќе нема оправдување бидејќи, господинот Миноски не дозволува ни еден документ кој што го имам пратено веќе од пред 2-3 недели, да биде доставен со печат од Министерството за финансии. На пример, ако ништо друго, за да дојдеме до овие информации до Царинска управа или УЈП. Тоа покажува дека најголем дел од податоците се кријат, односно она што го спомнуваат бизнисмените дека ликвидноста е на ниско ниво, дека повратот на ДДВ оди лошо, дека има проблем со царинската управа, е така, бидејќи во друг случај тоа не би се криело. Односно, министерот би дозволил да имам увид и во овие две управи.

Првпат јавно сега го кажувам тоа, деновиве сега ќе видиме како понатаму ќе настапиме во рамки на нашите, односно она што е, стои со законот за овој предизборен период.

Прашање:

2. Господине Наумов, може ли да ни кажете во контекст на она што е Дуинг Бизнис на 10то место, покажува дека сме доста атрактивни за странските инвеститори. Што е со македонските компании? Дали се соочуваат со реални проблеми овде? Дали се македонските компании и македонскиот бизнис сектор поттиснат во однос на странските инвестиции?

Кире Наумов: Значи јас тврдам дека тој е поттиснат, тоа е јасно, тоа е очигледно и видливо кога ќе ги видите кои се поволностите што ги имаат странските инвеститори, а што немаат домашните. Морате да имате во предвид дека Дуинг Бизнис ги гледа само нормативните мерки, што сте правеле нормативно, законски и дали сте оделе во некој напредок со тие нормативни мерки. Од друга страна Светска банка пред некое време исто така имаше еден извештај којшто се однесуваше на Р.Македонија. Таму, ако не го гледаме пошироко, ќе видиме дека имаше многу критики пред се на намалувањето на приватните инвестиции и лоши перспективи за наредните години околу растот и развојот. Така да тие две работи очигледно се различни и секако она што е правата дефиниција за тоа каква е бизнис климата можат да ја кажат само бизнисмените и од таа причина мислам дека тоа е вистината. Затоа со посетата по сите комори и други бизнисмени ние де факто ја детектираме таа состојба. Од таа причина остануваме на тоа дека неопходно за понатамошен раст и развој на државата е да се помогне на домашните компани. Тие треба да бидат во центарот на поволностите, субвенциите, и тоа пред се малите и средни претпријатија коишто вработуваат најголем дел од вработените.

Прашање:

3.Што мислите за високите субвенции што им се даваат на странските компании, бидејќи сега во листата на двеста најуспечни компании се најдоа токму компании кои земаат големи субвенции од државата?

Кире Наумов: Ќе повторам уште еднаш, како што знаете сите договори со странските инвеститори се тајна. Ниеден договор не е јавен. Она што можевме ние да откриеме до сега е признанието на една компанија, ако се сеќавате од менаџментот на таа компанија, кога признаа дека им е дадена без никаква процедура грант од 18 милиони евра. Тој грант никој не го демантираше од страна на Владата. Тука може да заклучиме дека се работи за огромни средтсва коишто се даваат без процедура, врз основа на дискрециони одлуки на одредени министри. Тоа претпоставува дека нема систем за таа работа. Тоа препоставува дека во позадината може да се работи за одредена корупција и мислам дека она што мора да се направи по завршување на изборите е сите договори со странски инвеститори мора да бидат јавни. Се што е јавен денар даден било кому мора јавно да се објави, бидејќи се тоа средства на граѓаните. Тоа мора да се направи и потоа да се утврди врз основа на што се дадени било какви субвенции, бидејќи тогаш ќе утврдиме дека за различни компании се давани различни субвенции. Некој ќе мора да одговара, односно да објасни зошто е тоа така и воопшто зошто биле давани субвенциите. Која била користа од тие субвенции за Р.Македонија.

Слични написи

dragan tevdovski

Македонија ќе добие Стратегија за управување со јавни финансии 2018-2021

Македонија до крајот на годината ќе ја добие првата Стратегија за управување со јавните финансии …