вторник , 24 октомври 2017
nbrmMM

НБРМ: Каматната стапка на благајничките записи останува 3,2 отсто

На 11 јули 2017 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на којашто беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика., соопштија од Кабинетот на гувернерот .

На седницата на Комитетот, постојната монетарна поставеност беше оценета како соодветна на тековните услови во економијата. Комитетот оцени дека најголем дел од показателите битни за монетарната политика се поволни и не отстапуваат од очекувањата, но сепак постојат пунктови каде што е потребна одредена внимателност. Притоа, особено битни се движењата на девизниот пазар коишто се стабилни, со вообичаени сезонски движења и без присутни притисоци, а показателите за девизните резерви остануваат на адекватно ниво. Во вакви услови, а при присуство на одредена неизвесност и ризици, каматната стапка на благајничките записи беше задржана на непроменето ниво од 3,25%.

Исто така беше извршено редовно преиспитување на трендовите кај ликвидноста на банките, во контекст на одлуките околу понудениот износ и висината на каматната стапка на основниот инструмент, благајничките записи. Притоа, беше констатирано дека од почетокот на март (кога заради значителен пораст на вишокот на денарски ликвидни средства на банките, износот на благајнички записи беше зголемен од 25.000 на 30.000 милиони денари) заклучно со крајот на првата декада од јуни, ликвидносниот потенцијал на банките забележа намалување, а се очекува ова движење да продолжи и во претстојниот период на задолжителна резерва. Имајќи го предвид падот кај ликвидноста на банките, на седницата на Комитетот беше одлучено да се изврши соодветно намалување на износот на благајнички записи. Во таа смисла, на седницата на Комитетот беше одлучено на аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи на 12 јули, понудата да изнесува 27.500 милиони денари, односно да биде пониска за 2.500 милиони денари во однос на достасаниот износ.

Во однос на конкретните економски показатели, по стагнацијата на економската активност во првото тримесечје, високофреквентните показатели за вториот квартал упатуваат на подобрување на состојбата на економијата. Оваа констатација е поддржана од растот на индустриското производство, по неговото намалување во првото тримесечје, забавувањето на падот на градежната активност, како и забрзувањето на растот во трговијата. Сепак, расположливите високофреквентни податоци за второто тримесечје се ограничени, така што тешко може да се формира прецизна оцена во поглед на динамиката на активноста во овој квартал. Во однос на проектираната патека до крајот на годината, пониските остварувања во првото тримесечје создаваат надолни ризици за проекцијата на БДП од 2,5% за цела 2017 година.

Јунските податоците за инфлацијата укажуваат на умерено забрзување на годишната стапка на инфлација на 1,5%, при што просечниот годишен раст на цените во првата половина изнесува 0,9%. Овие остварувања се резултат првенствено на базичната инфлација, и во помал дел, на цените на енергијата. Цените на храната и понатаму имаат негативен придонес кон просечната промена на цените, кој сепак постепено се намалува. Остварувањата кај инфлацијата главно се во склад со проекцијата, а очекувањата за влезните претпоставки за увозните цени на примарните производи главно се надолни, но сепак исклучително променливи. Во вакви околности, ризиците околу проекцијата на просечната инфлација за 2017 (1,3%) се оценуваат како урамнотежени.

Во однос на надворешниот сектор, податоците за девизните резерви во второто тримесечје покажуваат пад во однос на крајот на првиот квартал, кој беше очекуван, а општата оцена за идните движења не упатува на поголеми отстапувања од очекуваните. Притоа, сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на расположливите податоци за надворешниот сектор за второто тримесечје, нивниот број е мал, а засега покажуваат поповолни движења од очекуваните. Оваа констатација пред сѐ се однесува на менувачкиот пазар заклучно со втората декада на јуни, додека податоците за надворешната трговија за периодот април – мај укажуват на трговско салдо коешто е во согласност со проекциите. Сепак, ограничениот број податоци и променливата сезонска динамика се ограничувачки фактор за донесување посигурни заклучоци во однос на очекувањата за показателите од надворешниот сектор за целото тримесечје.

Во јуни, во услови на натамошна реализација на субвенциите за земјоделството, трансакциите на државата овозможија пораст на ликвидните средства на банките, чијшто ефект во најголем дел беше неутрализиран со зголемената побарувачка за денарска готовина на населението. Девизниот пазар се карактеризираше со релативно висока побарувачка на девизи од страна на клиентите на банките, зарадисезонски повисоката побарувачка на девизна ликвидност на компаниите заради редовно работење, отплатите на дивиденди на правните субјекти во доминантна странска сопственост и раздолжувањето на приватниот сектор кон странство. Банките првенствено ја задоволија зголемената побарувачка на девизи од сопствените средства, а преостанатиот дел од потребните средства беше обезбеден од Народната банка, којашто интервенираше со продажба на 36,4 милиони евра на банките поддржувачи.

Во текот на месецот, банките активно тргуваа и на пазарите на пари, а вишокот средства на нивните сметки продолжија да го насочуваат кон расположливите депозити кај Народната банка.

Прелиминарните декадни податоци со јуни 2017 година покажуваат зголемување на вкупните депозити на месечна основа, наспроти нивното намалување во текот на претходните пет месеци. Месечниот раст во најголем дел се должи на зголемувањето на депозитите на домаќинствата, а умерен придонес кон месечниот раст имаа и корпоративните депозити. Нивото на вкупните депозити е под проекциите за второто тримесечје, но овој јаз постепено се стеснуваше во текот на кварталот. Кредитната активност и во јуни продолжи да расте со солидно темпо, при раст на кредитната поддршка и на корпоративниот сектор и на населението. Нивото на кредитите на крајот на јуни е над очекуваното.

Во јуни, на последниот состанок на ФЕД, беше донесена одлука за затегнување на монетарната политика во согласност со очекувањата и беа дадени детали во врска со планот за нормализирање на билансот на ФЕД. Сепак, најголемо влијание на меѓународните финансиски пазари предизвика говорот на претседателот на ЕЦБ, Марио Драги, на Форумот на ЕЦБ за централното банкарство во Португалија, во кој беше изразен оптимизам околу закрепнувањето на економијата на еврозоната. Исто така, и други поголеми централни банки имаа порестриктивен тон. Во такви услови, беше забележана апрецијација на еврото и раст на приносите на државните хартии од вредност во еврозоната, како и во САД.

Сумирано, на седницата беше заклучено дека постојните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици, укажуваат дека засега постојната монетарна поставеност е соодветна. Екстерната позиција, гледана преку остварувањата кај девизните резерви, е во рамки на очекувањата и покажува задржување на здравите економски фундаменти. На ваква констатација упатуваат и податоците за кредитните текови, а воедно и остварувањата кај штедењето во јуни даваат поволни сигнали и постепено приближување кон проекциите.

Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски индикатори и случувањата во домашната економија, при што идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од движењата во домашната економија и екстерниот сектор.

Слични написи

moneti

НБРМ пушти во оптек нови ковани пари за колекционерски цели

Народната банка информира дека се пуштени во оптек кованите пари за колекционерски цели „Година на …