недела , 24 септември 2017
nezavisen policiski sindikat

Независен полициски синдикат: Врз Аризанкоски е вршено психичко насилство

nezavisen policiski sindikat
По анализата која ја изготвивме на еден обемен некласифициран (со отсуство на тајност) материјал од над осумстотини страници кој до нас и до Македонскиот полициски синдикат, но и до поранешниот и актуелелниот министер за внатрешни работи, го достави Гоце Аризанкоски – припадник на Министерството за внатрешни работи – како Независен синдикат на полицијата одлучивме да Ве информираме за појавата на дисиденти, односно неистомисленици во МВР кои имаат поинакви определби и ставови од високо позиционираните и моќни носители на злоупотреба на службената положба и на власта, и кои неистомисленици заради својата професионалност, патриотизам, тврдокорност, несервилност и поинакво мислење од овие моќници биле и се уште се подложени на невидено, неподносливо и бизарно психичко насилство применето од страна на одредени моќници. Имено, сублимирано, врз основа на анализата на споменатиот материјал – Независниот синдикат на полицијата донесе десетици заклучоци, односно ставови, а особено за следново:

Од доставената некласифицирана документација констатиравме дека – почнувајќи од крајот на 2012 год., на колегата Аризанкоски му е вршено континуирано психичко насилство изразено низ противправна и неподнослива физичка, комуникациска и информациска изолација во објекти на Министерството за внатрешни работи (надвор од Скопје) во кои, против негова волја бил распореден на противправен, присилен, понижувачки и нечовечки физички престој, без работно ангажирање и со ограничено движење. Иако десетици пати, со години наназад – Аризанкоски писмено и усно се обраќал до надлежните работници во МВР, меѓу нив и до двајца министри – со барање од негова страна да биде вклучен во работниот процес, односно да извршува работни обврски, на истиот му е забрането да врши каква и да е работна обврска, а бизарноста да биде зајакната до патолошка крајност, иако му е забрането да извршува работни обврски, од одредени моќници нарачувани му се дисциплински постапки за наводно кршење на работни обврски кои обврски против негова волја воопшто за него не постојат. Во целата голгота низ која поминува Аризанкоски следува неоснована суспензија за наводна повреда од негова страна на работните обврски кои Аризанкоски против негова волја ги нема, па следува негово повторно враќање во МВР без да биде казнет бидејќи поранешниот министер за внатрешни работи констатирал дека неговата суспензија е неоснована. По враќањето во МВР – Аризанкоски повторно бил ставен во ситуација без работни обврски да трпи невидено и бизарно психичко насилство со најави за нови дисциплински постапки за наводни повреди на работните обврски кои Аризанкоски против негова волја ги нема. Инаку, од неформални извори дознавме дека и од самите моќници кои се носители на психичкото насилство врз Аризанкоски е почитуван како самопрегорен, чесен и партиски неопределен професионалец со големи работни способности, кој важи и за еден од најучените припадници во Министерството за внатрешни работи, кој освен докажан практичар, истиот е и докажан истражувач и автор на десетици трудови од областа на безбедносните науки, меѓу кои во два се јавува како втемелувач на две нови научни дисциплини во системот на безбедносни науки. Освен споменатото, моќниците кои се носители на психичкото насилство врз Аризанкоски – знаат дека смислата на неговиот живот е суштински поврзана со остварување на неговата професија за која Аризанкоски се образува од својата 14-годишна возраст, најпрвин како еден од најдобрите ученици уште во Средното полициско училиште и следствено, како еден од најдобрите студенти на државниот Факултет за безбедност.

Понатаму, врз Аризанкоски е вршено психичко насилство и со упатување и пренесување на директни и сериозни закани дека ќе биде избркан од „работа”, (која работа [како што веќе напоменавме], против негова волја, истиот не ја извршувал од крајот на 2012 година). Конкретно, заканите се однесувале на тоа – дека ќе биде избркан од „работа”, а, внимавајте, работа немал, ако три дена последователно не се појави во објектот во кој е распореден на (против негова волја) противправен и присилен, понижувачки и нечовечки физички престој (без работно ангажирање!) со ограничено движење, односно закана дека Аризанкоски ќе биде избркан од „работа” ако три дена не се појави на местото каде директно му се врши психичко насилство. Како Независен синдикат на полицијата констатиравме и дека на Аризанкоски, после враќањето во МВР по неговата неоснована суспензија – му е вршено психичко насилство и со противправно упатување на забрана кон него да остварува секаква комуникација со дел од колегите, како и забрана да се превезува со нив во исто возило. Инаку, од увидот што го остваривме во некласифицираните документи со кои располагаме, ваква форма на забрана била упатена и до дел од останатите негови колеги кои биле во негово физичко опкружување, односно забраната до нив се однесувала, во смисла – Аризанкоски да не го качуваат во возилото со кое се превезуваат, со цел – негова девалвација како личност и професионалец, како и со цел – да се отстрани можноста од влијанието на Аризанкоски врз оснатите колеги, кое позитивно влијание е докажано, но сепак за одредени моќници е неприфатливо.

Врз основа на некласифицираните документи кои Независниот синдикат на полицијата ги поседува, врз Аризанкоски е применето такво психичко насилство со вршење на бизарно и понижувачко дејствие кое било технички еквивалентно на законски извршен претрес врз површината на неговото тело, багажот, како и на возилото во кое се превезувал – кој претрес се врши на криминалци од најтешка категорија, и тоа без да му се даде на увид Наредба за вршење на претрес на лица, превозни средства и багаж, нити му е дадено да потпише Записник за извршен претрес за кој записник е нормирано дека го потпишуваат претресуваното лице и вршителот на претресот. Исходот од незаконскиот претрес извршен врз Аризанкоски е обид за повреда на честа, угледот, достоинството и интегритетот на Аризнкоски пред 30-тина колеги кои биле сведоци на оваа ненормална ситуација.

Исто така, врз Аризанкоски е вршено психичко насилство со неуспешни обиди, преку озборувања, лаги и интриги да се создаде искривена перцепција за неговата личност во конкретни работни средини кои за цел би имале фингирано компромитирање на неговата личност како човек и професионалец, потоа – компромитирање на неговиот професионален развој и на неговата професионална иднина, како и доразвивање на процесот на повреда на неговите лични и професионални – чест, углед, достоинство и интегритет. А, сето ова, како што веќе напоменавме, имало крајна цел – оневозможување на влијание на Аризанкоски врз другите колеги. Инаку, Аризнкоски не криејќи се и не плашејќи се – своите ставови јавно ги изразува низ своите колумни во кои меѓу другото со филигранска точност ја има опишано феноменологијата на стравот кој владее кај припадниците на безбедносните институции повикувајќи ги на професионална храброст.

Би истакнале и дека – откако врз основа на веродостојни и проверени информции, Аризанкоски објективно констатирал дека нема излез од оваа ненормална ситуација на трпење на секојдневно психичко насилство и од неговата континуирано зајакнатата стресна состојба, како и откако се утврдени индикатори и ризици за сериозно нарушување на неговото физичко, односно соматско здравје, при тоа консултирајќи се со одредени раководни и други работници во МВР и со повеќе лекари, како и врз основа на неговите веќе изградени ставови како резултат на секојдневното трпење на неподносливото, бизарно и ѕверско постапување со него, Аризанкоски донесува одлука за самоиницијативна, но приморана болничка изолација и хоспитализација надевајќи се дека барем делумно ќе ја постигне својата цел – а тоа е – преку физичка изолација во рестриктивни болнички услови (бидејќи немал можност да се изолира на друго место и локација) да му се овозможи и обезбеди витално потребното отсуство од противправното и присилно физичко присуство во просторот во кој и покрај неговите повеќекратни барања, истиот не бил работно ангажиран, односно бил континуирано психички малтретиран, а при тоа со оваа болничка изолација да овозможи и намалување на интензитетот на стрес предизвикуван од психичкото насилство на кое бил секојдневно подложен. Но, бизарноста, ненормалноста и нечовечноста во вршењето на психичко насилство врз Аризанкоски продожува и во болнички услови, односно по наредба на – за нас непознат моќник, во болницата каде Аризанкоски бил хоспитализиран испратен е висок раководен работник во МВР кој против своја волја и по наредба се обидел да издејствува потпишување од страна на Аризанкоски на документи во кои е наведено дека Аризанкоски извршил наводна повреда на работните обврски, а кои работни обврски од крајот на 2012 година истиот против негова волја ги нема.

Освен што како Независен синдикат на полицијата констатиравме дека постои синдикална оправданост да застанеме позади Гоце Аризанкоски како професионалец, би истакнале и дека јавно го поздравуваме и охрабруваме да истрае во своите професионални и лични определби и ставови со кои нажалост се здоби со статусот на дисидент во рамките на МВР, му посакувам подобрување на неговата здравствена состојба, а надлежните субјекти во Министерството за внатрешни работи ги повикуваме да преземат се што е во рамките на нивната надлежност да се надмине овој трагичен случај на загрозување на професионалниот развој и на професионалната иднина на еден прекален професионалец каков што е Аризанкоски.

Слични написи

шамија

Омбудсман: На девојчињата во Охрид да им се дозволи со шамија да ја следат наставата

Народниот правобранител најостро ја осудува постапката на Министерството за образование, кое со испратениот допис  му …