понеделник , 25 септември 2017
l-nikolovski

Николовски: Не се користи ИСАК системот за исплата на субвенции

Исплатата на субвенции и ИПА средства на земјоделците не се врши преку Интегриран систем за администрација и контрола (ИСАК), платен 778.000 евра од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и даден на користење на Платежната агенција, обвини на прес-конференција денеска дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

– Согласно член 48 од Законот за земјоделство и рурален развој спроведувањето на мерките за директни плаќања може да се врши преку системот ИСАК. Во 2012 година е донесен Правилник за начинот и функционирањето на овој систем, според кој за правилно функционирање и непречена размена на податоци МЗШВ треба да склучи меморандум и договори со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, Агенцијата за катастар на недвижности и Агенцијата за храна и ветеринарство заради користење на нивните бази на податоци, особено податоци за земјоделски парцели и бројната состојба на животните и нивна идентификација, рече Николовски.

Конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија за периодот 2014 година, рече Николовски, констатира дека не се презентирани склучени договори за соработка на МЗШВ со Платежната агенција, Агенцијата за катастар на недвижности и АХВ, што не се во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој и влијаат на правилното функционирање на системот.

– Ревизорот констатира дека поради нефункционалноста во софтверот за директни плаќања изборот на примерок за контрола се прави со помош на ексел табели и со користење само на два од седум критериуми. Констатира и одобрување на неавторизирани налози за исплата на субвенции кои ги нема во прегледот на донесени решенија за одобрување на исплата, но се реализирани, рече Николовски.

Николовски прашува зошто не биле потпишани договори за соработка меѓу институциите и зошто тоа се случува во време кога имаме локални, претседателски и парламентарни избори.

– Како резултат на тоа илјадници земјоделци имаат правосилни судски извршни пресуди за околу 148 милиони евра неисплатени субвенции во изминатите четири години додека не функционира системот. Тое е првата обврска на идната влада да ги исплати сите заостанати субвенции, рече Николовски.

Советникот Зоран Атанасов при презентација на системот ИСАК, како последица од нефункционирањето ги посочи, тоа дека доставените списоци од институциите не секогаш ги содржат сите потребни информации, потпишувањето на неавторизирани одобренија за исплата, селективноста при изборот на субјекти за контрола на терен, нетранспарентноста во директните плаќања и поделба на подносителите на барања на подобни и неподобни, како и исплата на 50 милиони евра на два дена пред избори во 2013 година.

Слични написи

шамија

Омбудсман: На девојчињата во Охрид да им се дозволи со шамија да ја следат наставата

Народниот правобранител најостро ја осудува постапката на Министерството за образование, кое со испратениот допис  му …