понеделник , 25 септември 2017
132474508-540x320

Нови мерки за надзор над Германците

132474508-540x320Дојче Веле – Бон

Во Бундестагот е изгласан нов закон за чување на податоци на електронската комуникација на граѓаните. Со него не се согласуваат повеќе од половина граѓани на Германија, а организациите за заштита на човечките права најавија тужба пред Уставниот суд.

Автоматското чување на сите податоци за електронските комуникации на граѓаните повторно е актуелна тема во Германија. Бундестагот изгласа закон кој тоа им го овозможува на властите, откако Уставниот суд на Германија во 2010 година ја поништи претходната верзија на тој закон.

Телекомуникациските компании се обврзани да ги чуваат овие податоци во трање од десет недели за да бидат на располагање на полицијата и тајните служби во борба против тешки кривични дела. Под електронски комуникации во овој случај се подразбира користење на телефони (мобилни и фиксни) како и интернетот.

Кога станува збор за телефонирањето, компаниите се должни да ги зачуваат следните податоци: телефонските броеви на двајцата соговорници, времето на почетокот и крајот на разговорот, обемот на разменетите информации и локациите на кои се користат мобилните телефони; броевите на праќачот и примачот како и времето на праќањето и примањето на СМС пораките. Податоците автоматски се бришат по истекувањето на рокот од 10 недели, со исклучок на податоците за локациите на телефоните, тие смеат да се чуваат само четири недели.

Кога се работи за користењето на интернетот, се чувуваат ИП-адресите на компјутерите и времето на нивното приклучување на интернет, идентификациите на праќачот и примачот на електронската пошта, како и времето на праќање и примање на електронските писма.

Комуникациските податоци се привлечна стока

Собирањето и складирањето на податоците од електронската комуникација може да се овозможи со правење на кориснички профили и тоа е најспорната точка на расправата за новиот закон. Податоците за комуникација без навлегување во нејзината содржина, овозможуваат да се реконструира движењето на едно лице, да се открие со кои луѓе лицето се дружи, со кого одржува работни контакти, какви се нејзините интереси и навики, во каква материјална состојба е, па и од што боледува, тоа се само некои примери меѓу многуте можности.

Новата мерка ја загрозува и работата во професии во кои се работи со чувствителни податоци или постои обврска за молк. Таков е случајот со докторите, адвокатите, дежурните служби за помош на жртви на насилство, дискриминација или психички лабилни лица, како и новинарите. Во нивните случаи законот, сепак, не дозволува увид на полицијата во податоците, но податоците и понатаму се чуваат. Посебен проблем е што соговорниците „заштитени‟ професионалци не подлегнуваат на ист вид на заштита.

Следи нова тужба до Уставниот суд

Бранителите на човековите права и заштита на личните податоци остро се противат на оваа мерка и затоа што таа го загрозува правото на приватна сфера лицето само да одлучи што ќе се случува со неговите податоци. Тие потенцираат и дека чувањето на такви големи количини на податоци создава голем ризик од нивна злоупотреба и кражба на идентитетот, уцени или други форми на криминални манипулации; никој не може да ја гарантира безбедноста на зачуваните податоци. Тоа стана јасно најдоцна по откривањето на Едвард Сноуден за работата во американската тајна служба НСА.

По одлуката на Бундестагот, организациите за човекови права и заштита на податоци најавија нова тужба до Уставниот суд, слична на онаа од пред пет години, кога тој суд им даде за право. Сега судот може да застане на страна на законодавците, бидејќи тие добро внимаваа на формулациите на новиот закон, така што сега достапноста на полицијата на зачуваните податоци се дозволува само во случаи на сомнеж за „тешки кривични дела‟ или „тероризам‟ и тоа со судски налог. Не е помалку важно ни тоа што времето на чување на податоците е скратено од шест месеци на (што судот во 2010 година го одби како недозволено) на десет недели. Според последните анкети, повеќе од половина граѓани на Германија (53%) се против чување на податоци за нивната електронска комуникација.

Слични написи

hakerski napadi

Хакерски упад во безбедносниот софтвер CCleaner зарази 2 милиони компјутери

Повеќе од 2 милиони луѓе кои го спуштиле безбедносниот софтвер CCleaner ги заразиле своите компјутери …