вторник , 26 септември 2017
antov

ИНТЕРВЈУ Ајтов: Министерството за одбрана де факто е во предстечајна состојба!

Македонија ќе биде единствена држава во Европа и НАТО алијансата каде припадниците на армијата штрајкуваат, вели во интервју за Фактор Ристо Ајтов, претседател на Синдикатот на одбраната и безбедноста. Посочува дека војската се соочува со многу проблеми, но како клучно го наведува тоа што не само што нивните плати се ниски, туку тие се дискриминирани во однос на платите и состојбите кај полицијата. Најавениот штрајк нема да ја загрози безбедноста на државата, а јужната граница кој е под наплив на мигранти ќе остане безбедна објаснува Ајтов, бидејќи ќе се почитуваат законските правила што се налагаат за штрајк во одбраната. 

Фактор:  Припадниците на АРМ и Министерството за одбрана најавуваат штрајк, кои се причинте за тоа?

Ајтов: Веќе подолг временски период припадниците на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија се маргинализирани од страна на Владата, посебно во делот на платите и надоместоците на плата. Уште на самиот почеток ќе спомнам дека просечната основната плата на униформираните припадници на АРМ се движи околу 16.000 денари што е далеку помала од просечната плата во Македонија, а помала е и во споредба со платите во другата безбедносна институција – МВР.

Со оглед дека припадниците на Министерството за одбрана и АРМ извршуваат задачи од кои зависи безбедносната стабилност на државата, сметаме дека сме многу малку платени, односно можам слободно да кажам дека нашите плати се еден вид на социјална помош со која припадниците на Министерството за одбрана и АРМ не можат да обезбедат пристоен живот за себе и своите фамилии.

Ако во едни не толку дамнешни времиња беше гордост да кажеш дека си припадник на армијата, денес најчесто го избегнуваме одговорот на тоа прашање. Би сакал уште и да напоменам дека во последните две години Владата  ги покачи платите на МВР за околу 20 %, додека платите на припадниците на Министерството за одбрана и АРМ останаа на исто ниво.

Фактор: Беше посочено дека има проблем и со превозот. За што точно се работи, и зошто не Ви се плаќа превозот?

Ајтов: Министерството за одбрана е должно согласно законските прописи да обезбеди организиран превоз за доаѓање и заминување од работа. Во текот на јули годинава околу 50 % од организираниот автобуски превоз престана да функционира, тоа значи дека голем број на вработени во Министерството за одбрана а посебно во АРМ беа приморани сами да се снаоѓаат и да се организираат со сопствени возила за да можат навреме да стигнат на своите работни места.

Објаснувањето од Министерството за одбрана беше дека тендерските постапки не завршиле успешно и дека проблемот ќе биде решен до крајот на септември  годинава. За жал, сега е веќе октомври, а проблемот сеуште не е решен. Синдикатот на одбраната и безбедноста смета дека до овој проблем е дојдено поради несоодветно менаxирање со ресурсите во  МО, односно ненавремено започнување на тендерската постапка во комбинација со недостаток на финансиски средства. Така да сега сме дојдени во една апсурдна состојба, односно припадниците на Министерството за одбрана  и АРМ веќе 3-4 месеци го финансираат министерството со тоа што сами си ги покриваат трошоците за доаѓање на работа целиот овој период а Министерството за одбрана сеуште не им ги има надоместено направените трошоци.

Тоа значи дека Министерството за одбрана не е во состојба навремено да ги сервисира финансиските обврски спрема своите вработени, а тоа де јуре и де факто е предстечајна состојба.

Фактор: Постојано предупредувате на намалениот буџет на Министерството за одбрана. Имате ли објаснување зошто тоа се прави?

Ајтов: Република Македонија со самото поднесување на барањето за прием во НАТО алијансата превземала обврски и околу финансирањето на АРМ, односно финансирање на безбедноста на државата. За жал, тие обврски се само декларативни, односно буџетот на Министерството за одбрана и АРМ од година на година постојано се намалува. Како одреден парадокс е и ситуацијата дека повеќе години од и онака малиот буџет на Миистерството за одбрана и АРМ со ребаланс се одземаат финансиски средства (кои се мерат во десетина милиони евра) и му се доделуваат на МВР. Доколку следната година не се зголеми буџетот на Министерсвото за одбрана  и АРМ, загрижени сме дека ќе биде доведен во прашање квалитетот на обуката на припадниците на АРМ, а со тоа и квалитетното и навремено извршување на поставените задачи односно не доволно високо ниво на борбената готовност на АРМ. Поради сето ова Синдикатот на одбраната и безбедноста легитимно го поставува прашањето, дали е доведено во прашање постоењето и функционирањето на АРМ”.

Фактор: Што е со најавените станови што требаше да се градат и да бидат решение за станбеното прашање на припадниците на АРМ??

Ајтов: За жал единствената светла точка во подобрување на стандардот на вработените во АРМ беше проектот”АРМ мој вистински дом”. Велам за жал, затоа што првите луѓе во МО успеаја една добра замисла да ја доведат до позиција да остане вечно проект на хартија. Наместо сега да имаше населба со повече од 600-тини станови, на пристојна локација во Скопје, денес имаме свежо поставен камен темелник на една зграда со 32 станбени единици на локација која се води како мочурливо земјиште без никаква соодветна патна и друга инфраструктура. Според информациите со кои што располагаме како синдикат, проектот сеуште нема добиено одобрение за градба ниту има започнато тендерска постапка за избор на најповолен понудувач кој ќе ги гради најавените станови. Се прашуваме дали со поставувањето на т.н. камен темелник не се прекршени законските прописи на Р.М. односно не е извршено бесправно градење? Скептични сме дека со ваквиот пристап овој проект нема никогаш да го види светлото на денот.

Фактор: Кои се другите проблеми со кои се соочувате како припадници на АРМ?

Ајтов: Покрај ниските плати се соочуваме и со недостиг на опрема и униформа, повеќемесечно доцнење на исплата на дневници, закупнина за стан, надоместок за ангажирање на јужната граница, одредени касарни имаат постојано проблем со греењето во зимската сезона. Со еден збор сме на крајни граници на издржливост.

Фактор:Кога планирате да се одржи штрајкот и во каква форма би бил?

Согласно Законот за одбрана штрајкот треба да го најавиме најмалку десет дена пред неговото започнување. Ние го известивме министерот за одбрана дека органите на синдикатот донесоа одлука за штрајк на вработените во МО и АРМ, причините за таквата одлука и нашите барања, така да самото одржување на штрајкот ќе бидепо завршувањето на законскиот период за негово најавуваwе. Штрајкот ќе се одвива во работно време, на работните места при што припадниците на МО и АРМ ќе ги извршуваат активностите неопходни за остварување на виталните функции на МО и АРМ. Заради спречување на евентуални штетни последици за борбената готовност на Армијата и животот и здравјето на припадниците на армијата за време на штрајкот, министерот за одбрана и началникот на ГШ на АРМ се должни да обезбедат остварување на виталните функции на Армијата.

Фактор:Дали сите припадници на АРМ ќе штрајкуваат или постои поделеност?

Ајтов: Пред донесувањето на одлуката за штрајк ние направивме анкета помеѓу нашите членови, при што преку пополнување на анкетниот лист повеќе од 50% дадоа поддршка за организирање на штрајк. Кон штрајкот се приклучи и Независниот синдикат на професионални војници што само по себе укажува дека не постои поделеност помеѓу припадниците на АРМ околу поддршката на штрајкот. Би сакал да напоменам дека право на [трајк имаат и вработените во МО и АРМ кои не се ~ленови на синдикатот и дека нивната спремност да земат учество во штрајкот од ден на ден е се поголема што укажува на оправданата легитимност на нашите барања. Би сакал само да истакнам дека согласно законските прописи во штрајкот истовремено не можат да учествуваат повеќе од 10 % од вработените во армијата.

Фактор:Дали постои опцијата штрајкот да не се одржи и да пропадне, а барањата да не се реализираат, односно да останат само ветување?

Ајтов: Ние повеќе не веруваме на ветувања, штрајкот нема да се реализира само доколку Владата донесе одлука со која ќе ги прифати нашите барања. Успехот на штрајкот зависи исклучиво од вработените во МО и АРМ. Доколку само и половина од нашите членови кои ја дадоа поддршката преку анкетното ливче излезат на штрајк тогаш ќе имаме повеќе припадници на МО и АРМ кои штрајкуваат отколку што е законското ограничување. Во таков случај штрајкот ќе се одвива во повеќе термини се со цел да не ја загрозиме стабилноста и безбедноста на Република Македонија.

Фактор: Конкретно, кои се Вашите барањата?

Ајтов: Зголемување на платата за 20 % сега, а во иднина платите на вработените во МО и АРМ да бидат нивелирани односно да го следат покачувањето на платите во МВР.Зголемување на надоместоците за ангажирање (дежурство, стража, терен, борбени задачи и сл) до висина од 1.200 денари.

Фактор:Колку најавениот штрајк може да влијае на безбедноста со оглед дека  мигрантската криза трае?

Ајтов: Како што веќе кажав штрајкот ќе се одвива во работно време, на работните места при што припадниците на МО и АРМ ќе ги извршуваат активностите неопходни за остварување на виталните функции на АРМ. Тоа значи дека активностите на АРМ за обезбедување на јужната граница ќе се одвиваат согласно поставените наредби и задачи. Припадниците на АРМ секогаш биле на висина при извршување на своите работни обврски, впрочем тоа го покажува и големиот процент на доверба (преку 70 %) што го уживаат војниците кај граѓаните на Македонија. Чесно, професионално, пожртвувано и одговорно го вложуваме својот максимум при извршување на поставените задачи кои значат мир, безбедност и стабилност на Македонија.Би биле најсреќни кога и политичарите би ни возвратиле со иста мерка, односно да го вратиме достоинството на професијата ВОЈНИК.

Фактор:Разговаравте ли со министерот за одбрана Зоран Јолевски за да ги надми-нете недоразбирањата?

Ајтов: Синдикатот на одбраната и безбедноста е единствен репрезентативен синдикат во одбраната и согласно законските прописи релевантен социјален партнер на Министерството за одбрана. Повеќе од една година се обидуваме преку социјален дијалог со министерот за одбрана данајдеме решение за надминување на пренапластените проблеми. Но за жал, секогаш на нашите аргументи се одговараше дека нема пари во буџетот, да бидеме стрпливи, да се преброди политичката криза, дека проблемот со платите ќе се решава после избори и сл.

Со оглед дека се се сведуваше на празни ветувања ние организиравме протест во насока да укажеме дека е крајно време да отпочне решавањето на проблемите. Наместо да се пристапи сериозно кон надминување на проблемите, дојдовме во ситуација да се создадат нови проблеми кои директно го намалуваат и онака социјалниот стандард на припадниците на МО и АРМ (проблемот со превозот) така да сме приморани преку организирање на штрајк да побараме остварување на нашите права за подобар и подостоинствен живот за нас и нашите фамилии. Доколку владата  и министерството за одбрана продолжат со својот игнорантски однос кон припадниците на МО и АРМ, Република Македонија ќе може да се “гордее” дека ќе биде единствена држава во Европа и НАТО алијансата каде припадниците на армијата штрајкуваат.

Слични написи

dragan tevdovski

Македонија ќе добие Стратегија за управување со јавни финансии 2018-2021

Македонија до крајот на годината ќе ја добие првата Стратегија за управување со јавните финансии …