среда , 20 септември 2017
racin_6

Одбележани 74 години од смртта на Кочо Рацин

Делегација на Општина Велес и на манифестацијата „Рацинови средби“ го посети Лопушник Кичевскo местото каде што на 13 јуни 1943 беше убиен Рацин и на спомен обележјето во негова чест положија букети цвеќе и му оддадоа почит на поетот и револуционер.

Коста Солев Рацин се смета за еден од основоположниците на современата македонска литература, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ отпечатена во 1939 година во Самобор во Хрватска претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература.

Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литертарната критика. Познат е и по неговата „Антологија на болката“ стихови кои на картички и ги пишувал на саканата симпатија Рахилка Фирфова Раца, по која го добил прекарот Рацин.

Вечерта на 13 јуни 1943 година додека се враќал во партизанската печатница на планината Лопушник, Кичевско, Рацин смртно бил застрелан. Има две верзии околу смртта на Рацин. Според првата, станува збор за несреќен случај, поради вродената наглувост Рацин не го чул повикот на стражарот да застане и да се идентификува, по што овој го истрелал смртоносниот куршум. Според втората верзија тој бил намерно убиен.

Во негова чест во родниот Велес секоја година се одржува културната манифестација „Рацинови средби“.

Коста Солев попознат како Кочо Рацин бил роден на 22 декември 1908 година во Велес.

Слични написи

deca2

Како да ги привлечеме младите читатели во библиотеката на тајните?

Како книгата да се приближи до децата, на кои современите технологии и социјалните медиуми постојано …