вторник , 26 септември 2017
jolevski_sad_g111

Одбранбени консултации САД – Македонија

jolevski_sad_g111
Интеграција во НАТО, реформски процеси во одбраната, билатерална соработка и ангажман во мировни операции предводени од Алијансата и Обединетите Нации, биле темите на кои во Пентагон разговарале делегации од Министерството за одбрана и од американскиот Департман за одбрана, предводени од министерот Зоран Јолевски и Евелин Фаркаш, заменик-помошник на Секретарот за одбрана за Русија, Украина и Евроазија.

Министерот Јолевски, соопшти денеска Министерството за одбрана, на средбата посочил дека стратегиски приоритет на Република Македонија е полноправното членство во Алијансата, а е поддржано од македонското Собрание, политичките партии, но и најважно граѓаните на Република Македонија.

Во контекст на реформските зафати и идните чекори, министерот Јолевски посочил дека станува збор за процес кој тече во континуитет.

– Дел од тој процес е и процесот на модернизација на Армијата, која е планирано да се одвива согласно НАТО стандардите, рекол министерот Јолевски на одбранбените консултации, стои во соопштението.

Како една од можните идни насоки на развој на соработката, споменато беше и трилатералното партнерство со Националната Гарда на Вермонт и Сенегал. Во тој контекст, министерот Јолевски посочил дека Македонија ја разгледува можноста за идно учество во мировни операции на Обединетите Нации, особено со земји партнери како САД и Италија.

Заменик-помошникот на Секретарот за одбрана, Фаркаш уште еднаш ја потврди недвосмислената поддршка за Македонија кон достигнувањето на нејзината цел – членство во НАТО.

– Горда сум на нашето партнерство. Македонија нè поддржа уште од самите почетоци на мисијата ИСАФ, во моментов е дел од Одлучна поддршка, а беше дел и од мисијата Слобода за Ирак. Тоа ние многу го цениме, посочила Фаркаш за време на консултациите.

Во рамки на средбите во Пентагон, министерот Јолевски се сретнал и со главниот заменик потсекретар за одбрана, Брајан МекКијан, при што биле разменети мислења за геополитичката состојба и нејзиното влијание врз безбедноста на регионот, Европа и светот.

– Влезот на Македонија и на Црна Гора во НАТО во голема мера ќе влијае врз зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на регионално ниво, додал министерот. Потсекретарот МекКијан рекол дека САД го цени учеството на припадниците на АРМ во Авганистан, каде дел од македонскиот контингент е на задача за обезбедување на главниот штаб на командата во Кабул.

Министерот Јолевски остварил средба и со сенаторот Бил Нелсон, на која станало збор за меѓусебните билатерални односи, начините и модалитетите за нејзино унапредување во иднина. Воедно, министерот укажал и на аргументите зашто Република Македонија заслужува да биде дел од НАТО.

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …