вторник , 26 септември 2017
ambasada-tokio

Отворена Македонската амбасада во Токио

ambasada-tokio
Со свечена церемонија вчера во Токио, Јапонија, министерот за надворешни работи Никола Попоски, заедно со македонскиот амбасадор Андријана Цветковиќ и парламентарниот заменик министер за надворешни работи на Јапонија Мики Јамада, ја отворија Амбасадата на Република Македонија.

Во своето обраќање пред присутните, како што соопшти денеска МНР, Попоски истакнал дека отворањето на амбасадата е историски момент во македонско-јапонските односи, а претставува логичен чекор по 21 година успешни билатерални односи меѓу двете држави.

– Луѓето во Македонија нема никогаш да ги заборават моментите на помош од Јапонија кога најмногу ни била потребна, како што е трагичниот земјотрес во 1963 година во Скопје. Јапонија е држава која ни пружа и финансиска и техничка помош години наназад. Таков пример е и последната донација за нашата држава за справување со мигрантскиот наплив со кој се соочуваме, истакнал Попоски.

Шефот на македонската дипломатија ја нагласил важноста на ликот и делото на Кензо Танге во реконструирањето на руинираниот главен град по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Во таа чест, тој и врачил посебен подарок на ќерката на Кензо Танге, Мичико Учида. Покрај тоа, министерот им врачил благодарници за особен придонес во негувањето на билатералните односи на генералниот почесен конзул на Република Македонија во Јапонија, Масатаке Мацуда, поранешниот генерален почесен конзул на Република Македонија во Јапонија, Кијоши Мизуно, како и на претседателот на асоцијацијата за македонско-јапонско пријателство, Фумио Фуруја.

На церемонијата присуствувале стотина гости, претставници на дипломатскиот кор во Јапонија, како и претставници на бизнис заедницата.

Пред присутните, се обратила и амбасадорката Цветковиќ која го потенцирала напредокот во македонско-јапонските односи од почетокот на нејзиниот мандат.

– Амбасадата на Република Македонија за една година успеа да привлече и стекне голем број пријатели и со тоа ја приближи Македонија до Јапонија. Досега, половина од мостот е изграден. Во иднина очекуваме отворање на јапонска амбасада во Македонија, со цел доградба на мостот кон нашето пријателство што се гради веќе 21 година, истакнала  Ц ветковиќ.

На церемонијата се одржала и презентација на историјатот на македонско-јапонските билатерални односи преку кратко видео од дел од изминатите средби реализирани на високи нивоа во двете држави. Биле прикажани и македонските природни убавини и вкусната храна, како и дел од македонските традиционални народни песни. Музичката програма била збогатена и со изведба на македонски песни од страна на оперскиот пејач Казухиро Котецу.

Амбасадата на Република Македонија во Токио е официјално отворена во мај 2013 година, а првиот резидентен амбасадор во Јапонија, д-р Андријана Цветковиќ ги предаде акредитивните писма на јапонскиот император Акихито во декември 2014 година. Република Македонија и Јапонија воспоставија дипломатски односи во март 1994 година.

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …