вторник , 26 септември 2017
Проф. Гордана Попсимонова
Проф. Гордана Попсимонова

ПЕЗЕВЕНК

pezevnik
Зборот пезевенк, во македонскиот и во албанскиот архаичен говор, е дојден од турскиот јазик и се однесува на човек со долен, злобен, и подмолен табиет. Може да се употреби и во значење на мангуп. Според Wiktionary, коренот на поимот „пезевенк“, веројатно произлегува од персискиот збор „пажаванд“, кој значи подведувач, сводник, односно макро. Во овој текст нема да зборувам за Груевски, иако е асли пезевенк, туку за мојот сограѓанин, обичниот човек од Македонија. Нема да правам разлика по етничка, полова, конфесиска или партиска основа, зашто сите ние од земјата Македонија, многу повеќе сме слични, отколку различни. Без оглед дали сме Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи, без оглед дали сме богобојажливи, атеисти, хомосексуалци, вегетаријанци, венеријанци, презветеријанци, студенти, велосипедисти, комунисти, различни, слични, исти… или, да ја парафразирам неповторливата Десанка: Во иста држава сите сме родени, од исти болести сите сме пелцувани и на исти свечености сите сме водени. И секако, од исти политичари сите си страдаме.

Кога би правела некакво послание до сите мои роднини, другари, колеги, фб-пријатели, познати неистомисленици и непознати истомисленици, би започнала отприлика вака:
Мои сограѓани, вакви или онакви, а сепак премногу исти и секакви,

Веќе неколку месеци наназад нашата ни заедничка држава е под сериозна опсада од пезевенци. Ги има во претседателската резиденција (заедно со нејзиниот главен станар), во Владата, во Парламентот, по судовите, низ министерствата, агенциите, дирекциите, управите, училиштата, факултетите, низ улиците, тротоарите, тревниците, во автобусите, на велосипедите, под чадорите, натстрешниците или телевизиите, односно на сите скришни и стратешки места каде што можат да ја извршуваат својата основна функција, а тоа е пезевенкствување.

Да бидеш пезевенк во македонски услови значи не само да веруваш во лаги, злоба, подметнувања, подлости и сите останати „пу јаз’к“ работи, туку и да ги браниш.

Не само да толерираш резили, туку и да ги наведуваш луѓето на нови резили и да ги подведуваш нивните личности и нивната гордост на проституирање. За таа намена пезевенците измислиле еден звучен странски еуфемизам, кој се вика клиентелизам. А тоа во превод, да ми простите, значи најобично курвање со власта заради ситен личен интерес.

Пезевенците не се дојдени од никаде, од друга планета или држава. Тие се оттука, тие се создадени од нас. Внимателно ги негуваме со нашата инертност, затвореност, недоверба, егоизам и навика да си ги гледаме само своите работи и само сопствениот двор. Се хранат од нашата наивност да им веруваме на политичарите и на нивните медиумски свирки и шупелки, од нашата беспоговорна послушност и дисциплина да ги сервисираме сопствените обврски, а со тоа да ги полниме ненаситните партизирани институции. Сметаат на нашата ограниченост и тесноградост содржана во лажната мудрост „да си ги гледаме своите работи“ или „да ни чури оџакот и да не береме туѓи гајлиња“. Пезевенкот вирее врз нашата малограѓанштина, според која поважен е ајварот и турските серии од страдањата на комшијата. Врз нашето несфаќање на универзалноста на слободата која вели дека јас не можам да бидам слободна, ако мојот пријател е загрозен по било каков основ. Врз нашиот недостатокот од солидарност, врз нашата немоќ си даваме потпора едни на други, без оглед на која социјална, етничка, полова, идеолошка или конфесионална група припаѓаме.
Пезевенците многу добро го увидоа тоа и започнаа да нé делат едни од други, да нé плашат едни со други, да нé подбуцнуваат едни против други, да нé поткупуваат, или со еден збор – да нé „онадуваат“. Кога сакаат и како сакаат.

Арно ама, дојде денот кога им излегоа на мегдан сите валкани и скапани работи. И, наместо да се повлечат и да молат за прошка затоа што сите видовме кои и какви пезевенци биле, тие уште повеќе се силат. Уште повеќе се петелчат и уште повеќе нé понижуваат.

Последното послание од едни двајца собраниски пезевенци е да се забранеле сите документи и докази од кои се гледаат нивните резили. Демек, со тоа требало да им се остави простор на новите специјални обвинители, да работеле без притисок. Со тоа пезевенците покажаа не само дека имаат пилешки мозок (како може воопшто да се забранат муабети и мисли), туку и дека се бајаги испоплашени. Исплашени се од нас. Од нашите истенчени нерви заради изгубените години на лажна надеж и праматарски илузии, од нашите солзи заради неправдите и понижувањата, од нашите непроспиени ноќи заради лагите и празните ветувања и од нашата пот за да се полни нивниот џеб.

Е па, мои сограѓани,
Дојде денот. Да покажеме дека не сме исти како нив. Дека имаме свои вредности, како што се почит, образ, чесност, доблест, даден збор и чувство за вистина и правда.

За почеток – доволно е на пезевенкот да му се каже во лице дека е тоа што е. Обичен пезевенк.

Гордана Попсимонова

 

Слични написи

received_10208023772386693

И биднаа безмалку педесет дена од новата Влада!

Колумната ќе ја започнам со една приказна, која оди вака: ,, Бог му заповедал на …